Горан Калоѓера: Со „најблиските соседи“, Македонија никогаш нема да влезе во ЕУ

680

Хрватскиот писател Горан Калоѓера, македонист и долгогодишен водител и професор на Катедрата за македонски јазик на Универзитетот во Риека (Хрватска), јавно ја дава својата поддршка за Македонија и Македонците да не потклекнуваат на бугарските уцени поврзани со македонските евроинтеграции

Ако кој било жив Македонец или Македонка го прифатат или се согласат со новиот бугарски меморандум во врска со влегувањето на Македонија во ЕУ, тој или таа се предавници на сопствениот народ. Тоа треба да се каже отворено и жестоко. Тука нема милост, ниту кај нив, но не би требало ниту кај вас, Македонците и Македонките. Го читам текстот на Митко Панов и повторно се ужаснувам на идеите и политичките опции од бугарска страна. Какви идиотштини, какви лаги, какви подметнувања, уцени од најлош вид, достојни на една мафијашка организација. Со тој „најблизок сосед“ вие никогаш нема да влезете во ЕУ. Ако тие и замолкнат, Грците ќе проговорат. За што говорат тие, што бараат тие, да се затрат македонската нација, култура, традиција, јазик, историја!?
Во мојата младост, кога започнав да се занимавам со македонистика, таквата реторика беше вообичаена. Но со научни докази ја негираа водечките македонски интелектуалци во тоа време. А што сега, сите (освен чесни исклучоци) молчите како „залеани“, првенствено интелектуалците. Луѓе мои, слободни луѓе сте и вие дозволувате вакви измислици? Дека божем Тито ја основал Македонија, идентитетот е ставен под прашање, јазикот му доаѓа како дијалект на бугарскиот… и сите тие глупости би ги проголтале за да се влезело во ЕУ.

Немојте, ве молам! Постои исклучително богата, архивски аргументирана литература што ги оспорува сите елементи на овој нов бугарски меморандум и тоа добро го знаат моите македонски пријатели, интелектуалци и универзитетски професори. Но сите молчат, чекаат што ќе каже султанот и кому ќе му оди свилениот гајтан, а кому територијата и богатството. Срамно и бедно.
Да ве потсетам, во втората половина на 19 век, Македонец и Македонија, како обележје за народ и територија со претензија да стане автономна и слободна држава, се повеќе од зачестени. Всушност, тоа најдобро го дефинирал Ѓоргија Пулески во својот „Речник на три јазици“, каде што јасно дефинирал што е македонска држава и македонски народ. Во текот на 19 век се формира македонската нација, се формира македонскиот јазик, се консолидираат македонските изворни политички и културни институции, се креваат бунтови и востанија, се пишуваат манифести со изразена тенденција за идна македонска држава. Сето тоа, Бугарите, да бидам прецизен, бугарските политички елити го негираат, опструираат, со јасна цел: да биде сотрено националното будење на Македонците.

Е сега, што се однесува до Тито, во време на неговото владеење, Македонија станува Република, македонскиот јазик се нормира и се прифаќа во светот… Оттогаш, значи од манастирот „Прохор Пчињски“, македонскиот суверенитет е неспорен, но, за жал, слабоста на македонските политички елити ја враќа Македонија повторно во рамките на Отоманското Царство, каде што посилниот си ја покажува силата. Бугарите и Грците секако не се тоа, но ја имаат предноста да бидат во ЕУ и ги користат сите можни аргументи да ја уценуваат Македонија колку што можат. Толку за пријателството. Можеби сум стар и сенилен, но во своите најдобри години напишав дека Македонците и Македонките немаат сојузници во своето опкружување. Денес тоа се докажува со секој нов ден, во секој миг. Па, до кога така?