Гласале 723 лица заболени од ковид-19 и во самоизолација

149

Државната изборна комисија информираше дека вкупно 723 лица заболени од ковид-19 и во самоизолација денеска го искористиле правото на глас.  

Како што информираше претседателот на ДИК, Оливер Дерковски било утврдено дека треба да гласаат 759 лица.

– Разликата што се јавува во бројките кои ги соопштивме претходно е од причина што одлучувавме и прифативме одредени приговори од граѓани – појасни Дерковски.

Тој исто така додаде дека гласачките места во следните денови ќе бидат безбедни и ги повика сите граѓани да излезат и да го остварат нивното гласачко право.

Од ДИК образложија дека ливчињата од гласањето денеска и утре остануваат запечатени во пликоата, кои се наоѓаат во гласачките кутии. Велат дека не постои начин да се отворат овие ливчиња и да се провери кој за кого гласал, до завршувањето на изборниот процес.

На изборите право на глас имаат еден милион 814 илјади и 263 граѓани. Во текот на утрешниот ден гласаат болните и немоќните лица, чиј број изнесува 8.852, лицата во 13 казнено-поправни установи, кои бројат 1.657 лица.