Ги заборави ли Уставниот суд претставките за Законот за употреба на јазиците

698
Фото: Дарко Андоновски

Венецијанската комисија се изјасни многу прецизно и педантно во нацрт-извештајот во врска со Законот за употреба на јазиците. Конечниот извештај се очекува на пленарната седница што треба да се одржи на 11 октомври. Дали барем ова ќе биде некаков мотив македонскиот уставен суд да ги стави, ако ништо друго, на дневен ред претставките што за истиот закон ги имаат поднесено повеќе чинители на политичката сцена во Македонија

Нацрт-извештајот на Венецијанската комисија, со правна оцена и сериозни забелешки за Законот за употреба на јазиците, повторно ја врати на голема врата темата што ја брануваше политичката дебата во Македонија, која изминатиов период се туркаше под тепих со што полека влегуваше во зоната на заборав, за премолчено да се имплементира во практиката. За тоа што заклучи Венецијанската комисија детално обработувавме во вчерашниот број, но она што е поважно е како ќе се развива ова прашање од формалноправен аспект, со оглед на тоа што нашиот уставен суд како орган што ги штити уставноста и законитоста во државава, има пред себе неколку претставки, а сега и прецизни забелешки и насоки од комисијата.

Главната забелешка на Венецијанската комисија е дека и покрај тоа што законот ги надминува европските стандарди во однос правото на употреба на малцинските јазици, сепак им наметнува нереални обврски на јавните институции, што особено може да се одрази во ефикасноста на судските постапки, а го комплицира и функционирањето на државните и јавните институции. Навистина, официјално Венецијанската комисија конечно ќе се изјасни за извештајот на пленарната седница што треба да се одржи на 11 октомври, но нејзината педантност, пластичност и прецизност треба да бидат повеќе од доволен мотив и импулс за македонскиот уставен суд да ги стави барем на дневен ред претставките што за истиот закон ги имаат поднесено повеќе чинители на политичката сцена во Македонија.

Да потсетиме, на јавноста ѝ се познати три иницијативи за оценување на уставноста за овој закон, а можно е да постојат и повеќе, кои се обединети во еден предмет.
Еден од првите што поднесоа иницијатива за преиспитување на уставноста на Законот за употреба на јазиците, пред речиси девет месеци, беше професорот Јове Кекеновски.

– По поминати повеќе од осум и пол месеци по поднесената иницијатива за оцена на уставноста на законот за јазици (24.1.2019), од моја страна т.н. уставни судии молчат и понатаму. Како ништо да не е поднесено, иако постојат и други такви и слични иницијативи. По објавувањето на нацрт-верзијата на мислењето на Венецијанската комисија, како и во очекување на финалната верзија се надевам дека конечно т.н. уставни судии ќе соберат храброст барем нешто да кажат по однос на иницијативите – пишува професорот Кекеновски на социјалните мрежи и додава дека е разочарувачко нереагирањето на Уставниот суд, кој треба да биде најголемиот бедем за заштита на законитоста и владеењето на правото во Македонија.

Сепак и оваа разбрануваност на јавноста, пред сѐ околу имплементацијата на забелешките на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците, не предизвика некаква реакција во Уставниот суд, од каде што е познато само дека тој предмет не е на дневен ред за некоја седница во блиска иднина. Никој од уставните судии не се изјаснил ниту во јавноста во однос на ова прашање, а од протоколот на Уставниот суд велат дека тој предмет не е наскоро на дневен ред.

Освен професорот Кекеновски, во ист период, претставки до Уставниот суд за преиспитување на законитоста поднесоа и опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ и партијата Левица. Иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ до Уставниот суд се однесуваше на оцена на уставноста на Законот за употреба на јазиците, бидејќи според нив законот бил противуставен, донесен во нелегална процедура и штетен.

Од партијата Левица, пред неколку дена се обратиле во Уставниот суд со прашање зошто не се закажува седница за нивната иницијатива, бидејќи Деловникот предвидува итност во постапувањето во случаите кога е побарана привремена мерка. Од Левица , покрај низата забелешки на законот, кои се однесуваат на неговата спротивност со Уставот, додаваат дека споменатиот закон дополнително ја дели нацијата по етничка основа и го подрива карактерот на државата – поради што е штетен за соживотот и негувањето на добрите меѓуетнички односи.

– Наместо да го издигнува просперитетот на општеството како целина, овој „закон“ само ја засилува илузијата дека Македонците не им даваат нешто на Албанците и дека Албанците им одземаат нешто на Македонците, замаглувајќи ја вистината дека бизнис-партиите и корумпираните елити се тие што добиваат сѐ, на наша заедничка сметка! – стои во соопштението на Левица, како нивно проширено гледиште за Законот за употреба на јазиците .

Надлежноста на Уставниот суд е утврдена со Уставот. Уставниот суд ги има надлежностите да одлучува за согласноста на законите со Уставот, да одлучува за согласноста и на други прописи и колективни договори со Уставот и со законите, да ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основа на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност… Според тоа, од Уставниот суд се очекува да се изјасни по прашањето на Законот за употреба на јазиците и прецизно да го изнесе својот став за наметнат проблем од чисто правен карактер, кој непотребно прави сериозни политички, па и други општествени компликации.

Фото: Игор Бансколиев