Вуцис: Договорот од Преспа ќе го ратификуваме до март

218

На средината на февруари или почетокот на март 2019, веројатно Договорот од Преспа ќе стигне за ратификација во Грција, според претседателот на грчкиот парламент, Никос Вуцис, јави дописничката на МИА од Атина.

Во синоќешното интервју за грчката државна телевизија ЕРТ, Вуцис говореше за временските рокови за процесите кои што треба да поминат низ парламентот. Терминот за ратификацијата на Договорот од Преспа, рече дека ќе зависи и од тоа како ќе тече процесот на ревизија на грчкиот устав.

-Договорот од Преспа, доколку нема продолжување на процесот на уставна ревизија, веројатно ќе дојде малку пред или малку по крајот на овој процес. Односно на средината на февруари или на почеток на март – рече претседателот на грчкиот парламент.

Вуцис објасни дека коалиционите партнери во грчката влада, Алексис Ципрас и Панос Каменос го одредиле март како термин кога одново ќе го разгледаат прашањето со Договорот од Преспа, бидејќи кога тие разговарале, тогаш било веројатно и сценариото за избори кај нас.

Сега, доколку во Македонија се завршат уставните измени на средината на јануари, тогаш, според Вуцис, грчката влада „ќе ја преземе одговорноста и ќе донесе одлуки“, а Договорот од Преспа, веројатно е дека пред средината на март ќе стигне во парламентот.

Никос Вуцис рече дека според него, постои парламентарно мнозинство и за Договорот од Преспа и за да не падне актуелната влада.

-Мојата проценка е дека и за Договорот од Преспа и за поддршка на Владата за нејзиниот тек до изборите, постои мнозинство во овој парламент. Тоа е прво. И второ, сигурно е дека, според Уставот, не постои мнозинство за да го спречи овој тек – рече Вуцис во интервјуто за ЕРТ, пренесе МИА.

Во однос на ставот на коалициониот партнер, Панос Каменос дека ќе се повлече од владата кога Договорот од Преспа ќе дојде во парламентот, Вуцис објасни дека според Уставот, за една влада да падне потребно е да има иницијатива за гласање недоверба и да го изгуби тоа гласање, односно дека се потребни 151 глас за да ја загуби власта.

-Врз основа на Уставот и врз основа на Правилникот на парламентот, парламентот функционира. И во таа смисла, верувам дека постои и ќе постои парламентарно мнозинство за оваа влада, за целиот период до изборите – рече претседателот на грчкиот парламент и додаде дека „не постои никаков начин за да падне владата“.

Никос Вуцис, во интервјуто за ЕРТ, потсети дека во грчкиот парламент ќе има две гласања , едното за Договорот од Преспа, а другото за протоколот за интеграција на Македонија во НАТО.