Вториот круг добро спроведен, но и натаму загрижуваат недоследностите

240

Вториот круг на претседателските избори во Северна Македонија беше мирен и добро спроведен, но сепак, и натаму загрижуваат недоследностите во законската рамка поврзани со изборниот законик. Ова е денешниот заклучок на меѓународните набљудувачки од канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР, парламентарното собрание на ОБСЕ и парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ).

– Овој изборен циклус стаса до успешно завршување со гласачи што можеа слободно да одберат меѓу различните кандидати – вели Серен Мобурн, специјален координатор и лидер на краткорочната набљудувачка мисија на ОБСЕ.

Таа истакна дека вчерашната зголемена излезеност ја покажува решеноста на населението да се обедини и да одговори на предизвиците со кои се соочува земјата. Според Мобурн, сега преостанува политичкиот естаблишмент да ја слушне ова порака и да преземе вистински реформи, со што ќе се замени законската рамка што бара постојани политички договори со кохерентно и одржливо изборно законодавство.
Мобурн посочи дека околу 1,8 милиони гласачи имаа право да го дадат својот глас на 3.396 избирачки места ширум земјава.

– Изборните органи ги спореведоа подготовките за вториот круг професионално и непристрасно, што генерално ја оживува довербата на јавноста – порача Мобурн.

Шефицата на ПССЕ Мари-Кристин Дало истакна дека гласањето во вториот круг било добро организирано, а гласачите како и во првиот круг можеле слободно да го направат својот избор.

– Делегацијата на ПССЕ смета дека на некои проблеми што постојано се јавуваат во изборниот процес и натаму не е одговорено, особено на потребите од реформа на изборниот законик и општоземено политичкиот систем, за граѓаните повторно да се вклучат и да се обезбеди нивното активно учество без разлика на етничкото потекло-припадност. Покрај ова, од клучна важност е да се зајакне транспарентноста – рече Дало.

Корин Јонкер од ОДИХР смета дека денот на изборите бил добро подготвен и поминал мирно.

– Денот на изборите беше добро подготвен и мина мирно, но во демократијата не се работи само на денот на изборите. Потребна е политичка волја за да се обезбеди дека вистинските и инклузивните законски реформи се проследени и со доследно спроведување, што ја гради и одржува довербата на гласачите – истакна Јонкер.

Меѓународната мисија за набљудување на изборите во вториот круг се состоеше од 170 набљудувачи од 32 земји, вклучувајќи 156 долгорочни и кусорочни набљудувачи распоредени од ОДИХР, 11 парламентарци на ПС на ОБСЕ и пет од ПССЕ. А.С.