Втора сесија дискусии за Македонија и Албанија во ЕУ

243

Министрите за надворешни пред малку се вратија на работната маса на Советот на ЕУ во Луксембург, каде продолжуваат дискусиите за одредување старт на преговори на Македонија и Албанија.

Министрите досега беа на работен ручек каде, исто така, продолжиле затегнатите дискусии на оваа тема, биле остварени повеќе билатерални средби, но за сега се уште нема напредок, јави дописникот на МИА.

Чешкиот министер за надворешни пред ручекот посочи дека доколку нема решение за преговори денеска за Македонија и Албанија, тогаш прашањето се препраќа на следниот министерски совет во јули најверојатно, но дека лидерите во четврток нема да можат да донесат одлука на оваа тема.

Сите опции се на маса, но се поизвесно станува дека отпаѓа варијанта за одредување преговори до летото 2019, бидејќи Франција одбива секако споменување на датум во заклучоците.

Се разгледува и опцијата да се одвојат Албанија и Македонија, но малкумина поддржуваат ваква можност, вклучително и Франција која инсистира да одат во пакет затоа што Европската Комисија така препорачала, брифираат дипломатски извори, но дека преговори ниту со едната не можат да започнат пред европските избори на лето 2019.

Не се исклучува ниту можноста на Македонија да и биде доделен процес на скрининг, но без експлицитен датум за преговори за да се смири француската јавност, а одлуката за Албанија да биде одложена за вториот дел од годината.

Можно е и одложување на одлуката за двете земји, нешто што тешко поминува кај мнозинството земји-членки кои сметаат дека Македонија мора да биде наградена за Договорот со Грција.

Министрите би требало во наредните часови да ги завршат дискусиите, со оглед на тоа дека голем број од нив мораат да заминат во своите држави, така што не останува многу време за постигнување конечен договор за Македонија.