Временска, историска или религиска одредница

876

Ако новата одредница „илинденска“ ја гледаме низ диоптрија на една религиска одредница, а нема основа зошто да не биде така, тогаш Македонија ја (де)конструираме во една православна, христијанска моноконфесионална држава, со републиканско уредување. Другите конфесии или верски заедници ги демисионираме и деконфесионираме, со што мултиконфесионалноста на нашата држава како столетен препознатлив белег на овие простори, исчезнува во историјата…

Политичките одредници, како такви, беа уште многу одамна исклучени во процесот на разговори иако се чинеше дека беа најбезболни, но уште поважно дека тие навистина беа во рамките на меѓународното право, прифатливи во рамките на внатрешните права на обете земји, нема во нив никакви територијални претензии, иредентизам, дури и точно го одредуваат делот од територијата на Македонија омеѓен со државната граница на Република Македонија, која, се разбира, дека не е онаа Македонија чии делови се во Грција и Бугарија… Тие се територии на еден ист географски простор на Македонија на кој живееле, живеат и ќе живеат Македонци. Тие различно зборуваат, пеат, играат и творат од народите што ги опкружуваат.
Поради суровоста на историските настани и животот, географски таа Македонија беше расцепкана. Сега, некојси ни внесува барање за географска одредница за едниот дел на Македонија (дел, кој впрочем има политичка одредница што јасно, суштински, де јуре и де факто ја издвојува), а чии граѓани имаат своја држава од 1944 година, со тоа што другите останаа да живеат во соседството. Но во таа асномска Македонија, и други етнички и конфесионални ентитети останаа да живеат во заедница и во соживот што има столетна традиција. Таа заедница, со основањето како независна и суверена, со волја на граѓаните како највисоко човекво индивидуално и колективно право се осамостои и се нарече Република Македонија.

И во првиот обид на осамостојување и во вториот поуспешен обид при формирање држава, верскиот празник Св. Илија беше денот на втемелувањето на нашата државност, самобитност и остварување на вековните стремежи да си бидеме свои на своето.
Факт е дека православната религија, која отсекогаш доминирала на овие простори, а со празникот Св. Илија и настаните што се свети за нашата историја од тој ден, добивме нова димензија на чествувањето на светецот-громовник. Но не го толкуваат сите тоа токму така. Можеби токму карактерот на атрибутот во чиј морфолошки корен е Св. Илија, а имено „илинденска“, ја прави одредницата и значајно – религиска. И тоа се разбира, со акцент на една конфесија над другите. Тоа е дискурсот на анализите и ставовите на неправославните заедници (со кои живееме во заедница, во соживот) и се прави дисбаланс во мултиконфесоналното македонско општество. Тие сега инсистираат на прашањето, каде се муслиманите, Евреите, па дури и протестантите и католиците и другите групи, кои православниот празник и не го празнуваат… И со тоа, повторно влегуваме во една чудна вртоглава спирала…

Па, така, навистина ако новата одредница „илинденска“ ја гледаме низ диоптрија на една религиска одредница, а нема основа зошто да не биде така, тогаш Македонија ја (де)конструираме во една православна, христијанска моноконфесионална држава, со републиканско уредување. Другите конфесии или верски заедници ги демисионираме и деконфесионираме, со што мултиконфесионалноста на нашата држава како столетен препознатлив белег на овие простори, исчезнува во историјата…
Сепак, настана малку со овој најново лиферуван дискурс. Треба малку посериозно да се зафатиме со наметнатиот проблем. Не на овој начин да ги задоволуваме апетитите на другата страна и по секоја цена. Вака само ние правиме отстапки. Овој предлог, надвор од сите досегашни габарити и формати, беше за да задоволиме уште едно грчко барање – ерга омнес. Безумие. Тоа треба да престане, сега и веднаш.
Рамките се неотстапување од меѓународното право, јус когенс, правото на самоопределување и именување, нашиот Устав.