Во потрага по формула за изворна демократизација на државата

132
Фото: Игор Бансколиев

Речиси две децении, од 2002 година досега, во Македонија во сила е пропорционален изборен модел со шест изборни единици. Тоа е доволен период за да може да се видат и да се анализираат ефектите од него, кои, според аналитичарите, се повеќе негативни отколку позитивни. Во таа насока група пратеници, главно од малите партии, деновиве повторно го кренаа гласот за промена на изборниот модел и за воведување една изборна единица и отворени листи. Притоа, како една од најголемите предности и придобивки на моделот со една изборна единица, во јавноста одамна се истакнува поголема демократизацијата на целиот изборен процес, внатрешна демократизација во односите на самите партии, непосреден и директен контакт на народните избраници со базата, како и поправична распределба на освоените гласови и еднакви шанси за сите политички субјекти. Но подготвена ли е домашната политичка сцена за една ваква суштествена реформа.

Идејата за една изборна единица, која се актуализира во последниве две-три години, обично пред некој изборен циклус, деновиве е конкретизирана со писмена иницијатива од дванаесетмина пратеници, кои побарале состанок со претседателот на Собранието, Талат Џафери, и со лидерите на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ. Дванаесетте пратеници (од 10 партии и еден независен) неодамна одржале состанок во Клубот на пратениците кога и ја формирале групата, за да ги артикулираат нивните заложби за пропорционален изборен модел со една единица.
– Во трите големи партии (СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ) се разгледуваат опциите за менување на Изборниот законик, и ние, дванаесеттемина пратеници со оваа иницијатива сакаме да укажеме на потребата и помалите партии да бидат вклучени во тој процес. Цениме дека времето е соодветно, зашто изборен законик се менува најдоцна една година пред избори, а речиси толку време останува до редовните парламентарни избори – вели пратеникот Рубин Земон, лидер на партијата ПОЕН, дел од владејачката коалиција, кој е еден од потписниците на иницијативата.
Како една од најголемите предности и придобивки на моделот со единствената изборна единица, во јавноста одамна се истакнува демократизацијата на изборниот процес, но и причина за внатрешна демократизација во односите на самите партии (како поголемите, така и помалите), а пред сѐ како решение за т.н. губење на гласовите во досегашните шест изборни единици, односно голем број гласови на ниво на цела државна територија, кои не се верификувани како пратенички мандати.

– Цениме дека на ваков начин ќе се обезбеди поголема транспарентност и инклузивност на целиот процес, како и почитување на волјата на оние граѓани што очекуваат демократизација на земјата преку измени во изборниот модел. Речиси две децении, од 2002 година досега, во Македонија во сила е пропорционален изборен модел со шест изборни единици. Тоа е доволен период за да може да се видат и да се анализираат позитивните и негативните ефекти од него. Тој беше секако подобар од претходниот мнозински изборен модел, зашто обезбеди поправичен избор на пратеници според бројот на гласови на гласачите. Сепак, распределбата на остатокот од гласовите од листите, кои не обезбедиле мандат, преку Донтовиот метод, оди во прилог на најголемите субјекти – пишуваат пратениците-потписници на иницијативата.
Потписници на иницијатива за една изборна единица се пратениците: Лилјана Поповска, Маја Морачанин, Рубин Земон, Ферид Мухиќ, Мирослав Јовановиќ, Панчо Минов, Самка Ибраимоски, Јулиана Николова, Јусуф Хасани, Реџеп Мемеди, Алија Камбероски и Амди Бајрам.

Сепак, сите пратеници-потписници на иницијативата немаат исти очекувања во врска со реакцијата на нивниот предлог од страна на големите партии, ниту единствен став околу можноста за отворени изборни листи, опција што се споменува како соодветна за целосна демократизација на изборниот процес, во комбинација со една изборна единица.

– Засега немаме одговор на нашата иницијатива од адресантите на кои им ја упативме. Сепак скептичен сум во однос на прифаќањето на нашата иницијатива од страна на големите партии, но неопходно беше да се обидеме. Оној што ја контролира играта не сака да ги испушти конците од рака. Ние ја испративме нашата иницијатива, сега големите партии треба да проценат дали им одговора. Ако гледаат малку повизионерски, би сфатиле дека им одговара, но овој, сегашниот систем веќе рутински функционира и ценам дека не сакаат да го менуваат – вели професорот Ферид Мухиќ, кој е независен пратеник во актуелниот состав на Собранието.

Покрај различниот оптимизам околу прифаќањето на нивната иницијатива, дванаесетте пратеници немаат ниту единствен став околу можноста за отворени изборни листи, опција што се споменува како соодветна за целосна демократизација на изборниот процес, во комбинација со една изборна единица.

– Различни се гледиштата меѓу потписниците на иницијативата во поглед на можноста за отворени изборни листи, но секако оставен е простор и за нејзино разгледување. Сметам дека сѐ уште не постои техничка подготвеност за отворени изборни листи, но можеби би можеле да започнеме во овој изборен циклус со преференцијални листи – вели Рубин Земон од ПОЕН.

Засега, оваа пратеничка иницијатива ја доби поддршката од институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“, кој активно се залага за менување на сегашниот изборен модел и воведување една изборна единица без изборен праг.
– Досега, политичкиот натпревар за глас повеќе го девалвираше гласот на помалите партии, особено на ромските политички партии што поради географски и политички скроени изборни единици немаат еднакви и фер можности за квантитативно соединување на гласовите на ромскиот електорат, па така избраниците на ромската заедница секогаш доаѓаат од втората изборна единица (Шуто Оризари и Куманово).

Очекуваме дека поголемите политички партии ќе го прифатат предлогот за една територијална единица без изборен праг, кој ќе овозможи подемократски амбиент и праведна изборна трка што ќе понуди квалитет и квантитет – сметаат од институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“.

Фото: Игор Бансколиев