Во ек на пандемија пламна и епидемија на поплаки

63

Трудовиот инспекторат неодамна информира дека на нивна адреса пристигнале близу 6.000 илјади претставки од работниците за првите осум месеци од годинава.
Во изјава за „Нова Македонија“, првиот човек на трудовиот инспекторат Аљајдин Хавзиу вели дека пандемијата на ковид-19 предизвикала двојно зголемување на бројот на поплаки од граѓаните, а најголем број од нив се за непочитување на работничките права.
Според Хавзиу, во време кога државата и нашата економија се справуваат со пандемијата, поплаки од граѓаните и работниците пристигнуваат од сите можни гранки на економијата, со особен акцент на угостителската, текстилната индустрија и други области.
Хавзиу објаснува дека трендот на зголемување на регистрираните поплаки на граѓаните започнал од 2015 година и тој во секоја од наредните години, со особен акцент на перидот кога е активна ковид-кризата, се зголемува.

– Претходната година во нашата дирекција физички дошле околу 1.300 граѓани, а за оваа година до денес имаме само 1.345 пријави. Ако го гледаме електронското пријавување на пример, имаме двојно зголемен број на претставки, односно 2.000 за претходната година, а оваа година се повеќе од 4.500 претставки – вели Хавзиу.
Директорот на Државниот инспекторат за труд објаснува дека овие состојби се должат многу и на неспецифичните начини на кој функционираше и функционира целата наша економија, во период кога опасностите од вирусот го отежнуваат нормалниот тек на настаните.
Тој истакнува дека откога кај нив биле утврдени голем број поплаки од работниците, во изминатите месеци успеале над 1.000 работници да ги вратат повторно на работа затоа што процесот на отпуштање не бил законски изведен од страна на некои работодавци.

Хавзиу објаснува дека ако се разгледа содржината на пријавите на граѓаните, тие во најголем дел се однесуваат на тоа дека работодавците користеле бланко-договори за најмување лица во компаниите, давале откази без почитување на отказниот рок, не исплаќале плата и К-15 навреме и таа била во различна висина од претходните години пред пандемијата.
Според Хавзиу, пандемијата предизвикала таканаречен „пожар“ во состојбите, кој долго време ќе треба да се гаси од државата и институциите за да се стабилизира климата на релациите во овој дел.

Тој вели дека во пријавите имало и такви што „не држат вода“ или се нереални, поради субјективни причини, но најголем дел од случаите или околу 90 проценти од пријавите биле појдовна точка за нивните инспектори да работат со голема пареа.
Хавзиу вели дека газдите на фирмите што ги прекршиле работничките права се казнуваат со парична казна во зависност од тоа за какво прекршување станува збор, но највисоката казна може да биде и до 3.000 евра.

[email protected]