Во единствената држава без попис сите станаа „пописни експерти“

301
Фото: Игор Бансколиев

Во очекување на обелоденувањето на пописната методологија, во јавноста од различни политички и други сфери на интерес се пласираат мноштво идеи и предлози за тоа кој сѐ треба да биде попишан и на кој начин. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, е само уште еден од кругот „пописни експерти“, според чија логика и Субрата Рој со целото свое семејство треба да биде попишан?

МАКЕДОНСКИ ПАРАДОКСИ И КУРИОЗИТЕТИ

Методологијата за пописот во април треба да биде објавена наскоро, по што точно ќе се знае кои сè лица ќе бидат попишани. Во меѓувреме во јавноста од различни политички и други сфери на интерес се пласираа мноштво идеи и предлози за тоа кој сѐ треба да биде попишан и на кој начин.Дури се наметна и дилемата дали ќе се попишуваат лица што се стекнале со македонско државјанство на сомнителен начин и врз основа на таквото државјанство поседуваат имот во земјава.
Оваа дилема се јави откако лидерот на ДУИ, Али Ахмети, неодамна изјави дека сите што живеат во земјава и надвор од неа и имаат имот ќе бидат попишани.
Ахмети е само уште еден од кругот „пописни експерти“ што се јавија со свои предлози и гледишта во однос на пописот. Од друга страна, како своевиден само македонски парадокс и куриозитет е податокот дека Македонија е веројатно единствената држава во светот во која речиси 20 години нема спроведено попис. Зачудувачки е како во вакви околности се намножија толку „пописни експерти“.
– Мора да имаме попрецизна статистика за економијата на земјата, за имотот на земјата, за населението во земјата, и никој нема да биде исклучок. Прво ќе се регистрираме тука, а потоа оние што се во странство преку валидни документи од нивните роднини тука или преку Државниот завод за статистика. Се знае колку постојано живеат тука, а колку надвор. Но, сепак, сите се жители на оваа земја – рече Ахмети.

Сепак, ако се оди по оваа логика на Ахмети, тогаш и синовите на несудениот индиски инвеститор Субрата Рој, кој пред неколку години го купи агрокомбинатот „Џумајлија“ од Свети Николе и земјиште во близината на Љубаниште, каде што наводно требаше да гради хотелски комплекс и казина, би требало да бидат попишани, бидејќи имаат имот, а добија и македонски пасоши. Освен Субрата Рој и неговото семејство, низ земјава продефилираа уште еден куп странци што добија македонско државјанство и управуваа со банки, компании и спортски клубови и кои поседуваат имот, иако со години не се тука.
Според Законот за попис, тие ќе можат да се попишат преку апликацијата на веб-страницата на ДЗС, иако сето тоа во голем дел ќе придонесе за трошење време и ресурси при евидентирањето на овие лица што воопшто или долги години не се појавиле во земјава и немаат никаква врска ниту со резидентното, ниту, пак, со нерезидентното население.
Познавачите на состојбите сметаат дека за да се стекне довербата на населението во пописниот процес, најважни се содржината на пописната методологија и начинот на нејзината примена.
– Попишувањето на сите државјани на РСМ, без оглед дали во моментот на пописот се наоѓаат во земјата или во странство, отвора многу дилеми за опфатот, веродостојноста и квалитетот на податоците за лицата што ќе бидат попишани – наведува универзитетската професорка Благица Новковска.
Според неа, реалното попишување на населението и домаќинствата во Република Македонија зависи од дефиницијата за вкупното население и, уште поважно, од нејзиното целосно почитување.

– Само реалистично пребројување може да гарантира употребна вредност на резултатите од оваа најобемна и најскапа статистичка активност – смета Новковска.
Од Државниот завод за статистика за „Нова Македонија“ само кратко појаснуваат дека во резидентно население ќе се вбројуваат лицата според времетраењето на нивното присуство во државата, а не според тоа дали поседуваат имот.
– Дали лицето е дел од вкупното население на Република Северна Македонија зависи од времетраењето на неговото присуство/отсуство во/од земјата во согласност со дефиницијата за вообичаено место на живеење и не зависи од тоа дали има куќа, имот или сл. – велат од ДЗС.
Првиот човек на оваа институција Апостол Симовски очекува дека методологијата ќе биде објавена во најкраток можен рок и дека потоа ќе бидат расчистени сите недоумици во јавноста.
– Методологијата ги содржи сите елементи, сите чекори што ние како институција треба да ги преземеме за да спроведеме попис во согласност со сите светски стандарди. Намерно велам светски, не европски, оти не постојат европски стандарди. ОН ги поставуваат тие стандарди, а Европа ги прифаќа, и тоа ќе биде јавен документ. Значи, сите дефиниции, сите техники, начин на постапка на сите учесници во пописот, сè ќе биде дефинирано во таа методологија – вели Симовски.
Тој смета дека откако ќе бидат завршени уште некои технички детали, методологијата ќе биде објавена во најкраток рок.

– Сите недоумици во однос како, што ќе се спроведува, кои сè категории на население ќе се опфатат, како ќе се формираат, ќе бидат расчистени и повеќе нема да има недоумици во јавноста – тврди Симовски.
Тој додаде уште и дека резултатите би требало да бидат објавени три месеци по спроведувањето на пописот.
Законскиот рок за објава на методологијата е најдоцна еден месец по стапувањето во сила на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите, што би значело кон крајот на февруари. Сепак, од Државниот завод за статистика уверуваат дека нема да се чека крајниот рок и методологијата ќе биде објавена наскоро, во следните денови.