ВМРО-ДПМНЕ: Поднесен е предлог-закон за посебна Комисија за справување со пандемијата

61

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, денеска заедно со останатите опозициски партии Алијанса и Алтернатива и Левица, поднесе Предлог – закон за дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести по скратена постапка.

– Бараме формирање на посебна Комисија за заштита и справување со пандемија или епидемија, која ќе биде формирана од страна на Собранието и ќе треба да допринесе за ставање под контрола на ситуацијата со ковид-19 која што секојдневно се влошува – се наведува во партиското соопштение.

Во него се објаснува дека составот на Комисијата на предлог на Владата ќе го избира Собранието, а истата се предвидува да биде составена од 11 члена, во која по функција ќе членуваат, министерот за здравство и директорот на Центарот за управување со кризи, а останатите 9 членови би биле, тројца инфектолози, двајца епидемиолози, двајца микробиолози, еден имунолог и еден интернист.

– Целта е да се формира Комисија која што ќе биде составена од професионалци кои се докажани во своите области и кои што со своето објективно работење и носење на одлуки ќе допринесат за нормализирање на тешката состојба во која што се наоѓа Република Македонија предизвикана од ковид-19 кризата – велат од ВМРО-ДПМНЕ од каде порачуваат дека е очигледно оти Владата на СДСМ и здраствените власти немаат капацитет да се справат со проблемот.