ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со заминувањето на Груевски

296

ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со заминувањето на Никола Груевски во Унгарија и сметаат дека тоа лошо ќе влијае на истрагата врз другите лица од партијата против кои се водат судски процеси, истакна денеска на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

Во продолжение интегрално ви го пренесуваме целото соопштение: 

Денес јасно се покажува дека ВМРО-ДПМНЕ е под политички инструирана полициска опсада само заради евтин политички театар кој се случи поради покривање на сопствената немоќ и неспособност на власта.

Беспотребно беа вознемирувани членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, беа претресувани недолжни граѓани, без налог, без посебна наредба која никогаш не беше презентирана во јавноста. Провокација за нов меѓумакедонски конфликт.

Од фотографии достапни во јавноста се гледа дека спротивно на закон, беше ангажирана и воена полиција која е под надлежност на министерството за одбрана со која раководи министерката Радмила Шекеринска. Се покажа дека она што треба да бидат професионални институции работеа под чисто политички диктат.

Политичкиот притисок и прогон е евидентитен. Мотивите се политички и средствата што се употребуваат се политички. Прогонот се прави врз лица на партија кои се следени, прислушувани, под константен притисок.

Сега треба и министерот за прогон и терор Оливер Спасовски и Зоран Заев да одговорат кого лажат и кого замајуваат. Тие имајќи ги во раце неограничените ресурси на државната безбедност и под едни вакви услови сакаат и уште сакаат лажно да прикажат дека не знаеја, или не знаат за движењето на Никола Груевски? Тоа е дилема која треба тие да ја одговорат.

Што се однесува со самиот чин, ВМРО-ДПМНЕ не се согласува со самото заминување на Никола Груевски, тоа не е опција дури и дури кога сите знаат дека се работи за политички прогон. Така се загрозуваат и другите лица кои исто така се цел на тој прогон.

Во оваа држава мора да престане самоволието на власта. Оваа власт го донесе најцрното време на Македонија, најцрното време во кое се менува име, идентитет, се качуваат даноци, се монтираат случаи, се одземаат институциите од граѓаните и се киднапираат од власта, се прогонува опозицијата и нејзината критичка мисла.

Токму оваа власт ја киднапираше државата, ја уништува демократијата.

Колку повеќе притискате толку повеќе губите, а ќе паднете, ќе паднете многу брзо.