ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ќе докажува дека референдумското прашање е манипулативно

110

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не ставија потпис на иницијативата за распишување на референдумот за името, која е поднесена во Собранието и која ќе биде разгледана на седница закажана за попладнево. Пратениците од опозициската партија ќе присутвуваат на денешната седница и ќе ги изнесат своите аргументи и ставови зошто се против предложеното референдумско прашање. 

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев на денешната прес-конференција пред Собранието не откри дали опозициската партија ќе го повика членството на бојкот на референдумот што треба да се одржи на 30 септември, туку рече дека за понатамошните одлуки ќе одлучуваат највисоките органи на партијата. 

Тој ги повтори ставовите на  ВМРО-ДПМНЕ зошто не се согласуваат со референдумското прашање, кое според нив треба да биде еднозначно. Според Јанушев, се прават две крупни повреди.

– Има брутално газење на воспоставената демократска практика кое било референдумско прашање и неговото формулирање да биде донесено по пат на заеднички конзензус со релевантните политички субјекти. ВМРО-ДПМНЕ во тој процес не ја прифати улогата да биде алиби на власта и единствено за декор, туку со аргументи дебатиравме дека прашањето мора да биде еднозначно – рече Јанушев.

Втората повреда според него е и законска. Референдумското прашање кое се предлага е во целосна спротивност со законот, вели тој,  двосмислено е, повеќезначно и пред се манипулативно. 

– Согласно член 15 од Законот за референдум цитирам: „Прашањето на гласачкото ливче мора да биде прецизно формулирано и недвосмислено, така што граѓанинот на референдум да може да одговори со „За“ или „Против“. Прашања кои се поврзуваат со други теми се двосмислени и може да доведат до забуна. Потребно е референдумското прашање да биде сосема јасно и прецизно и единствено поврзано со договорот – изјави Јанушев.

Според него, власта е исплашена бидејќи договорот, како што рече, не поминува кај народот.  

– Народот е против и целиот договор и капитуалцијата која ја постигна Заев е едно, а прашањето за членство во НАТО и ЕУ сосема друго – посочи тој, обвинувајќи дека СДСМ сака да ја изигра волјата на народот. 

Јанушев истакна Заев и СДСМ ја имаат целокупната одговорност, за како што кажа, антидржавниот и капитулантски договор со Грција.