ВМРО-ДПМНЕ: Венецијанската комисија да се произнесе за договорот со Грција

339

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев денеска на прес-конференција го повтори ставот во врска со договорот за спорот со името, кој се очекува да биде ратификуван во Парламентот.

Најави дека партијата ќе ги преземе сите правни и демократски средства, а како една од нив е барањето што ќе го достават до Венецијанската комисија од која ќе побараат утврдување на правната природа на договорот.

– Имаме изигрување на правото и правната држава со цел легализирање на ова капитулантско дело. Тоа мора да биде правно санкционирано – рече Данев.

Владата на Република Македонија и парламентарното мнозинство, прекршувајќи ги Уставот, Деловникот, законите и процедурите, според него, сакаат да протуркаат антидржавен и антиуставен договор кој е во спротивност со интересите на граѓаните на оваа земја. Ваквото однесување, како што рече Данев, претставува продолжување на самоволното однесување на власта, каде преседаните стануваат пракса, а кршењето на Уставот, Деловникот и законите секојдневие.

– Ова е третпат, трет случај на грубо непочитување на процедурите. Прво со изборот на Талат Џафери за „таканаречен“ претседател на Собранието, потоа со законот за двојазичност и сега со договорот со Грција – рече Данев.

Ја повтори забелешката за разгледувањето на договорот на Комисијата за европски прашања наместо во Комисијата за надворешни работи, каде се разгледуваше договорот со Бугарија.

– За потпишувањето на ваквиот договор и неговото противуставно и противделовничко спроведување во Собранието на Република Македонија ќе има одговорност – рече Данев.

За сите натамошни одлуки, како што кажа, ќе се консултираат со партиските органи. Данев не кажа дали утре ќе присуствуваат на седницата за пратенички прашања, која според него е неделовнички закажана.