Власта решителна, опозицијата неодлучна, гостите со јасна порака

128

Во деновите пред и по Денот на независноста, во официјална посета во земјава дојдоа генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, австрискиот канцелар, Себастијан Курц, а на 8 Септември, првпат во Македонија, официјално гостуваше и еден германски премиер, канцеларката Ангела Меркел. Еден ден подоцна земјава ја посети и американскиот сенатор Рон Џонсон…

Одбележувањето на една сосема нејубилејна годишнина од референдумската одлука за независност на Република Македонија (27 години), во деновите околу историскиот 8 Септември, се чини дека го претвори Скопје во најатрактивна дестинација за евроатлантските државници. Распоредот на посетите на европските, американските и НАТО-лидерите беше толку згуснат и интензивен, што дури создаде и забуни и грешки во протоколот на Владата, а и во медиумите…

Сепак, во деновите пред и по Денот на независноста, во официјална посета во земјава дојдоа генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, австрискиот канцелар, Себастијан Курц, а на самиот 8 Септември, првпат во Македонија, официјално гостуваше и еден германски премиер, канцеларката Ангела Меркел. Еден ден подоцна, земјава ја посети и американскиот сенатор Рон Џонсон, кој е коспонзор на Резолуцијата на Сенатот на САД за поддршка на спогодбата од Нивици.

На заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев, германската канцеларка Меркел истакна дека нејзината посета и поддршката за претстојниот референдум и спогодбата во себе не содржат елементи на закани или какви било притисоци за да се влијае врз македонските граѓаните.

– Никој не им се заканува на македонските граѓани со изолација. Тие можат и треба сами да одлучат за иднината на државата. Иднината може да биде членство во НАТО и во ЕУ, доколку имате успех на референдумот на 30 септември. Но, секако има и одредени предуслови што треба да се исполнат – рече Меркел.

Таа нагласи дека спорот помеѓу Македонија и Грција мораше да се реши, бидејќи одлуките за интегрирање на земјата во ЕУ и во НАТО потоа се носат консензуално од сите земјите-членки.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пак, јасно истакна дека ако не биде спроведена спогодбата од Нивици, членството на Македонија во НАТО е невозможно.
За Курц решавањето на прашањето за името е голема шанса за динамика на Македонија и на целиот регион.

– Тоа е одлука на секој поединец и навистина не е мое да ја направам одлуката за некој друг, но како пријател на Македонија и како активна земја-членка на ЕУ ќе сметаме дека би било многу позитивно ако има големо учество и позитивен исход на референдумот – изјави Курц, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.

Сенаторот Џонсон средбата со Заев ја оцени како мошне позитивна и нагласи дека во Македонија дошол за да даде охрабрување и поддршка на целиот процес од решавањето на спорот за името до конечното интегрирање на Македонија во ЕУ и во НАТО.

За разлика од пораките на лидерите од странство, во честитката до граѓаните за Денот на независноста, претседателот на Р. Македонија, Ѓорге Иванов нагласи: „Во очи на тој историски референдум во нашата татковина не доаѓаа високи странски претставници. Тоа беше момент на вистинска народна саморефлексија од која произлезе ненаметната, автентична и чиста волја на македонскиот народ и македонските граѓани“.

Германската канцеларка Меркел не се сретна со претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, но имаше средба со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на која му ја пренела пораката дека „за важните прашања во една демократија мора да им заедничка национална одговорност“. Мицкоски по средбата со Меркел изјави дека во текот на неделава партиските тела на ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат состанок и ќе биде донесен конечниот став за референдумот, но ги истакнал позициите на ВМРО-ДПМНЕ пред германската канцеларка, зошто не може да ја прифати спогодбата од Мала Преспа и не се согласува со содржината на договорот.