Фото: Игор Бансколиев

Најавената оставка на премиерот и лидер на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев, анализа на изборните резултати и последните случувања на политичката сцена по поднесената иницијатива за недоверба на Владата, се темите на кои се разговарало на состаноците вчеравечер на највисоките тела на владејачкиот СДСМ.
Од владејачката партија посочуваат дека деновиве се водат секојдневни консултации и работни состаноци со партнерите во коалицијата од парламентарното мнозинство, како и во рамките на највисокото партиско раководство.
– СДСМ продолжува да разговара и да иницира соработка со сите прогресивни и демократски сили, со цел да ја обезбедиме стабилната иднина на нашата држава и целиот наш народ – истакнуваат од партијата.

Од СДСМ посочуваат дека расте нервозата во ВМРО-ДПМНЕ откако станува јасно дека на Христијан Мицкоски му испарува мнозинството во Собранието, па затоа од белиот дворец се обидуваат да најдат алиби во наводни закани кон пратеници.
Пратеници од опозицијата самите признаваат дека потписите за иницијативата за недоверба на Владата се собрани преку меѓусебни лаги и измами.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, посочија дека имаат информации дека притисоците се интензивни и дека не се штедат ниту во злоупотребите, ниту во непристојните понуди.
– Зоран Заев не знае поинаку, тоа веќе беше видено во Собранието, а со тој начин на режимско дејствување сведочевме и за време на изборниот процес. Но веруваме и дека, како што граѓаните се одважија и на избори ги испратија Заев и СДСМ во историјата, така и потписниците на иницијативата за гласање недоверба на власта ќе се одважат да се издигнат над непристојните предлози и над заканите, затоа што за нив, како опозициски пратеници, ништо не е поважно од јасно изразената волја на гласачите – посочија од опозицијата.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, и пратеничката Ангелина Петковска се позитивни на ковид-19. Пратеничката од Гевгелија е во изолација, но и двајцата утре (четврток) ќе присуствуваат за да гласаат облечени во скафандер.
Централното раководство на Алтернатива одржува состанок откако пратеникот од оваа партија Скендер Реџепи потврди дека се залага за уривање на власта, но и оти нема да го стори тоа по цена неговиот потпис да биде на список на кој се наоѓаат потписите на пратениците од Левица.
Портпаролот на Алтернатива, Орхан Муртезани, изјави дека дебатите траат и во овој момент, рече тој, немаат никаква одлука, но нагласи дека нивните пратеници ќе бидат единствени каква и да биде таа.