Собраниската Комисија за деловничко мандантни имунитетни прашања расправа за барањето за одобрување притвор на пратеникот Трајко Вељановски поднесено од Одделението за организиран криминал и корупција при скопскиот Кривичен суд, поради сомнение за вмешаност во настаните од 27 април 2017 година.

Во претпладневниот дел од расправата можеа да се чујат различни мислења на членовите на Комисијата.

Пратениците од опозицијата сметаат дека нема основ да му биде одземен мандатот на Вељаноски, како што рекоа, само врз основа на едно барање од судот непоткрепено со никакви други документи и оти станува збор за политички мотивиран процес.

Пратениците, пак, од владејачкото мнозинство посочија дека Комисијата мора да расправа по барањето на судот и да донесе одлука. Не е наше, рекоа тие, да го цениме обвинителниот акт, бидејќи тоа ќе го направи Судот. Сметаат дека настаните од 27 април мора целосно да се расчистат и оти само на таков начин ќе има правна држава.

Вељаноски кој е член на Комисијата на седницата го образложи својот став за барањето. Рече дека ни на крај памет не му паднало дека ќе има упад и инциденти во Собранието. Тој вели дека не е виновен за спречување на седницата за избор на претседател на Собранието од новото парламентарно мнозинство, што, како што потенцира, била една од точките врз кои се темелело обвинението што му било прочитано во Обвинителството.

Другите три точки, рече тој, се однесуваат на тоа дека му пратил порака на Никола Груевски дека Зоран Заев на прес-конференција најавил оти попладнето ќе избираат претседател на Собранието, декадобил порака дека после 17 часот ќе биде направен изборот, како и дека му дал преку ред збор на пратеникот Зекирија Ибраими. Според поранешниот претседател на Собранието, спорен е фактот што неговиот телефон бил на вештачење на крајот на ноември 2017 и оти по исказот што го дал во јануари 2018 му бил вратен. Тогаш, рече Вељноски, Обвинителството не нашло доказ за негова вина, туку тоа го прави една година подоцна.

На ова, реплицираше пратеникот Горан Мисовски кој рече дека Комисијата и пратениците кои членуваат во неа во ниту еден случај неможат да го ценат обвинителниот акт. Тоа, според Мисовски, може да го направи само судот.

Тој рече дека правна разврска на случајот „27 април“ мора да има со цел такви настани никогаш да не се повторат. Тој извади камен кој рече оти сеуште го чува, а со кој бил гаѓан од учесниците на насилствата од 27 април.

Мисовски смета дека тоа што против Вељаноски не било покренато обвинение лани туку годинава може да е резултат на фактот што сведоците и дополнителните докази за овој случај довеле до друг тек на целиот процес. Затоа, рече, мора да се остави на судот да го цени обвинителниот акт и да одлучи дали ќе го прифати или евентуално осуди пратеникот Вељаноски.

Претседателот на Комисијата, Павле Богоевски е на линија на неговиот колега Мисовски дека оваа Комисија неможе да го цени обвинителниот акт, туку дека само може да донесе одлука и да му дозволи на судот да го каже последниот збор.

Пратеникот Антонио Милошоски е уверен дека обвинението против Вељаноски што се случува сега, а не пред една година е политички мотивирано и обид власта да го покрие лошто владеење, бидејќи таа, како што рече, освен измени на Уставот и името ништо друго не направила. Станува збор, рече тој, за селективна правда и политички прогон на неистомислениците. Притворот, според Милошоски, веќе не се користи како мерка, туку почеток на казна.

Членовите на Комисијата од опозицијата сметаат дека судот може да си ја работи својата работа и доколку на Вељаноски не му биде одземен имунитетот и одреден притвор. За обезбедување присуство, рече Зоран Илиовски освен ефективен притвор има и други мерки.

Расправата во Комисијата на моменти е тензична, беше искористена и за препукувања за инцидентот што се случи во затворот „Скопје“ во која беа инволвирани поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, и ќе продолжи по едночасовна пауза што ја даде претседателот Богоевски.

Според Деловникот, Комисијата е должна да го разгледа барањето и во рок од два дена да го достави до претседателот на Парламентот. По добиенито извештај од  Комисијата, Собранието најдоцна во рок од три дена треба да одлучува на пленарна седница. Одлуката за одземање на имунитетот се носи со просто мнозинство од вкупниот број пратеници. Актуелниот пратенички состав досега по барање на судот донесе одлуки за одземање на имунитетот на пратениците Никола Груевски, Љупчо Димовски, Крсто Муковски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски.

Поранешниот претседател на Собранието и актуелен пратеник Трајко Велјановски заедно со Миле Јанакиески и Спиро Ристовски завчера беа приведени на распит по наредба на Јавното обвинителство под сомнение за вмешаност во настаните од 27 април.

Велјановски се повика на пратеничкиот имунитет додека на поранешните министри Јанакиески и Ристовски им беше одредена мерка трисетдневен притвор.