Владеење на правото со политички мирудии

269

Македонија влегува во клучната недела, во која токму правната држава и владеењето на правото ќе бидат во фокусот на интерес на јавноста. Во пресрет на најавената лидерска средба за иднината на СЈО и носењето на новиот закон на ЈО, ги прашавме правните експерти дали може правото да се ослободи од канџите на политиката

Колку судската власт и владеењето на правото се зависни од политиката и од политичкото влијание е дилема што станува повторно актуелна во домашната јавност, во период во кој се одлучува за судбината на СЈО, пред носењето на новиот закон за ЈО и во пресрет на закажана лидерска средба на која ќе стане збор и за овие теми. Се чини дека Македонија влегува во клучната недела, во која токму правната држава и владеењето на правото ќе бидат во фокусот на интерес на јавноста.

Во сублимиран заклучок експертите со кои се консултиравме велат дека, за жал, во Македонија политичките партии пуштиле длабоки корени во правната држава и во дејствувањето на правосудниот механизам. За тоа има редица примери во минатото, преку политички договарања за тоа кој на која позиција треба да биде, квалификации за сваровски-судство, тврдења за заробена правна држава па до последниот случај „Рекет“, каде што постојат индиции за вмешаност на обвинител во незаконски дејства. Во таа насока и изборот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која сега е во притвор, беше брз база на политички договор. Но, ете, до каде стигнаа и правосудниот систем и државата во целина со ваквиот начин на одлучување и мешање на политиката во судската власт.

Според експертите, политичарите на овој начин ја рушат независноста на правосудниот систем и директно се мешаат во изборот на функционерите со што се врши и повреда на владеењето на правото. Според законите, судската власт е одвоена од законодавната и од извршната власт и треба да дејствува без какво било влијание од страна. Тоа подразбира нејзина целосна независност и самостојно носење на одлуките во сите сегменти на судската власт. Од друга страна, со самото тоа што на лидерски средби и на политичко ниво се одлучува за нешта што се во делокругот на судската власт, па дури и за кадровски решенија, на одреден начин се девалвира правосудниот систем.

Познавачите на проблематиката забележуваат дека лидерските средби меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на опозицијата Христијан Мицковски се нелогичен начин за решавање на состојбите околу правната држава, ако се знае дека двајцата политичари на своите јавни излагања по овие прашања истакнаа крајно спротивставени тези.
Но Јанева не е единствен пример. И во минатото изборот на јавните обвинители поминуваше низ политички филтер.

Во 2006 година тогашниот јавен обвинител на Македонија, Александар Прчевски, изјави дека тој, веројатно, е последната будала што прифатила да биде државен јавен обвинител, иако оттогаш уште двајца обвинители седнаа во неговата фотелја. Негови наследници беа Љупчо Шврговски и Марко Зврлевски.

Според експертите, сите овие прашање што се однесуваат на ефикасно дејствување на правосудниот систем треба да им бидат оставени на правните експерти и на стручната јавност што ја разбираат материјата, а изборот на водачите на правните институции да им биде оставен на професионалните тела што постојат за оваа намена, како на пример Судскиот и Обвинителскиот совет и слични ним.
Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, за актуелните состојби коментира дека е недопустливо политиката и натаму да продолжи директно да се меша во работите на правосудството во земјава.

– Ако продолжат вака состојбите, во кои правосудството ќе биде вечен заложник на партиските договори и преговори, тогаш не им се пишува добро ниту на државата ниту на граѓаните – вели Илиев.
Поранешниот судија објаснува дека лидерските или партиските средби не се местото за ваквите преговори и договори, туку сето треба да се спроведе онаму каде што му е местото, а тоа се Собранието или поточно собраниските комисии каде што експертите од областа и стручњаците од правото што ја разбираат материјата можат со сигурност да најдат подобро решение за проблемот отколку политичките лидери на партиите.
Илиев вели дека политичарите во земјата зеле замав дотаму што тие директно се мешаат во работата на правосудството, кое е уставната категорија и тие одат дотаму што на нивни состаноци спроведуваат незамисливи работи и на средба со сопарникот говорат за избор на функционери, за избор на закон што се однесува на правосудството и така натаму.

Според него, што и да донесат политичките лидери на некој состанок, тоа ќе има политичка етикета и на сите од самиот почеток ќе им биде јасно дека договореното никогаш поради нивните партиски интереси нема да го испочитуваат и спроведат докрај.

Илиев вели дека политичарите од сите партии на ваков начин се мешаат онаму каде што не им е местото и тие, за жал, влијаат во сите области на општеството, во правото, во економијата, во спортот и така натаму.

Сличен став има и универзитетскиот професор Гордан Калајџиев, кој додава дека во моментов она што е евидентно е дека ниту двете партии имаат интерес да се затвори СЈО и истовремено партиите исто така немаат никаков интерес за избор на нов специјален јавен обвинител на местото на Катица Јанева.

Според него, за овие состојби се одговорни само политичките партии.
– Она што е јасно во моментов е дека политичарите на ваквите состаноци за актуелните состојби тука нешто плеткаат, единствено за што може да се шпекулира е кој е нивниот мотив за овие состојби, бидејќи де факто и едните и другите немаат интерес да ги подобрат состојбите во правосудството преку заживување на СЈО на нивото какво што беше замислено да функционира – вели Калајџиев.

Според Калајџиев, очигледно е дека во Македонија партиските интереси и оние на партиските елити од сите страни се над интересите на правната држава, иако тој засега сѐ уште не може да разбере зошто меѓународната заедница молчи за состојбите и зошто како во слични состојби во минатото таа не интервенира во земјата.


Разрешен Јово Вангеловски

Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски е разрешен од функцијата, а одлука е донесена вчера на седница на Судскиот совет со мнозинство гласови. Покрај Вангеловски, разрешени се уште двајца други судии.
Претседателот на Судскиот совет, Кире Здравев, во изјава за медиумите, без да прецизира за кои судии станува збор, рече дека тие се разрешен поради нестручно и несовесно работење на функцијата.
Точката на која се расправаше за разрешување на Вангеловски беше затворена за медиумите, бидејќи јавноста е исклучена кога на дневен ред се точки со таква содржина. Разрешените судии имаат право да поднесат жалба за одлуката на Судскиот совет до Врховниот суд.
Истиот ден врховниот судија Фаик Арслани е избран за в.д. претседател на Врховниот суд, веднаш по разрешувањето на Вангеловски.


Лидерска средба во ноќните часови

Како што се намалува временскиот простор до 15 септември, рокот кога истекува мандатот на СЈО, се чини дека политичките елити поинтензивно ќе се ангажираат околу утврдувањето на одредбите во новиот закон за Јавно обвинителство, кој формално е во собраниска процедура. Според најавите, претставниците на работните групи синоќа требаше за имаат уште еден обид да ги приближат ставовите околу финалната верзија на законот, со кој треба да се реши и идниот статус на СЈО. Средбата беше закажана за 20 часот во Собранието, а доколку е потребно, според најавите, ќе се одржи и средба лице в лице меѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.
На лидерската се очекува да биде постигнат финален договор за новиот закон за Јавно обвинителство, односно да се реши судбината на специјалното обвинителство. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави дека ќе го отвори и прашањето за предвремени парламентарни избори, кои според него, биле неизбежни. Од Владата велат дека на средбата главно ќе се разговара за законот, а дали ќе се разговара за предвремени избори ќе се види во текот на состанокот. Премиерот Заев вчера изјави дека очекува на средбата со Мицкоски да биде покажана одговорност и да се направи обид за решавање на прашањето со законот за Јавното обвинителство.

[email protected]