Владата со информативна кампања за референдумот, ВМРО-ДПМНЕ се уште се консултира

135

Владата денеска на седница се очекува да донесе одлука за начинот на кој ќе ги информира граѓаните за важноста од претстојниот референдум и значењето што за иднината на земјата го има Договорот со Грција за решавање на спорот за името. Од друга страна, пак, опозицијата се уште не излегува со став дали ќе го поддржи референдумот.

– Преку кампањата ќе се обидеме Договорот со Грција да го приближиме до сите граѓани. Апелирам до сите да видат дека сето она што беше проблематично за нашиот идентитет е целосно решено. Загарантиран е македонскиот идентитет, македонскиот јазик, преведливо на сите јазици. Ова е историската вековна борба и на нашите предци – рече премиерот Зоран Заев по панелот посветен на годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.

Тој нагласи дека Владата ќе преземе мерки со цел сите граѓани во земјата да се поттикнат да го прочитаат Договорот и да се информираат што всушност содржи тој.

Според Заев, Владата и државата имаат целосно право да ги информираат јавноста и граѓаните пред тие да ја донесат оваа историска одлука.

Претходно, на панелот посветен на Охридскиот рамковен договор беше истакната важноста на овој документ како инструмент и пример за решавање конфликти во регионот и пошироко, уверување оти со него се поставени темелите за изградба и целосно функционирање на едно демократско мултиетничко општество, како и верување дека на претстојниот референдум на 30 септември граѓаните ќе го изберат европскиот пат на земјата.

– Денеска ја градиме Македонија како едно општество и едно семејство за сите – рече Заев.

Го спомена Договорот за добрососедство кој пред една година беше потпишан со Бугарија, но и историскиот договор за решавање на спорот со Грција со кој повтори дека е загарантиран македонскиот идентитет, што е прифатен и признат од сите.

– Како што пред 17 години храброста на граѓаните, но и нашите политичари ја извлекоа Македонија од криза, нас сега ни се дава можност да бидеме храбри, да донесеме вистинска одлука за да ја обезбедиме нашата иднина, иднината на нашите деца. Знам дека на 30 септември обединети ќе зачекориме со крената глава кон светлата иднина на Македонија. Сигурен сум и цврсто верувам дека ќе избереме европска Македонија – порача Заев.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети во обраќањето на дебатата истакна дека во минатото дури и најголемите оптимисти не размислувале дека по 17 години Македонија ќе биде пример за решавање на конфликти и за тоа како конфликтните ситуации се трансформираат во дијалог.

Зборувајќи за есенскиот референдум тој рече дека решавањето на спорот со Грција и претстојниот референдум е точка која треба да не обединува во настојувањето на земјата да стане членка во ЕУ и НАТО.

– Ќе се ангажираме со сите чинители со цел да го мобилизираме и информираме секој граѓанин да биде свесен дека на претстојниот референдум всушност ќе се гради иднината – рече Ахмети и додаде дека со таа победа всушност победуваат мирот и стабилноста.

Вицепремиерот Бујар Османи, пак, вчера изјави дека референдумската кампања повеќе ќе биде информативна отколку пропагандистичка.

– Сметам дека граѓаните немаат потреба да бидат убедувани, туку треба да бидат информирани за прашањата од Договорот, бидејќи сметаме дека во моментот најголемиот хендикеп е всушност незнаењето на точните информации од Договорот, имајќи предвид дека според анкетата само три отсто од граѓаните го прочитале договорот – изјави Османи.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, се уште не излегува со став во врска со референдумот.

Лидерот на партијата Христијан Мицкоски повтори дека со официјален став во јавноста во однос на тоа како ќе ја води референдумската кампања ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе тогаш кога ќе завршат консултациите во рамки на партиските тела.

– Во моментот трае акцијата на ВМРО-ДПМНЕ „Лето за Македонија“, континуирано сме на терен меѓу граѓаните разговараме со стотици граѓани на дневна основа ги консултираме и партиските тела во периодот што следува, ќе имаме состанок на извршниот и на централниот комитет на партијата и во вакви значајни историски моменти за Македонија е неопходна е темелна и исцрпна дебата во општетвото – рече Мицкоски.

На прашањето дали партијата ќе учествува во информативната кампања за договорот за името, рече дека Владата нема капацитет да се справи со ваков предизвик, и оцени оти јавноста во Македонија набрзо ќе биде сведок на уште едно фијаско, кое ќе, како што кажа, ќе изобилува со големи криминалии, полувистини и недоречени работи.