Владата бара помош за преговори со ЕУ

120

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, апелира до сите чинители во или надвор од јавната администрација да се вклучат во претстојниот преговарачки процес со ЕУ, бидејќи, како што рече, Владата е загрижена дали во државата има доволен капацитет за овој потфат.

Како што изјавил Манчевски за МИА, најдоцна до средината на мај, Владата треба да објави нов предлог за преговарачката структура кој предвидува ангажман на „висококвалификувани експерти“ надвор од институциите.
– Испраќам апел до сите граѓани, експерти, луѓе кои работат во невладин сектор, во приватни компании, да размислат да се вклучат во овој процес. Ни требаат сите можни ресурси, ние ги немаме многу – кажал министерот и додал дека иако засега немало проблеми во однос на подготвителниот скрининг, Владата била „сериозно загрижена“ за следните покрупни фази од преговарачкиот процес.

Запрашан зошто Владата се фокусира на барање експерти однадвор кога, според упатените, веќе ги имала во администрацијата, Манчевски кажал дека не знае од каде се тие информации, но дека апелот е насочен кон сите чинители во и надвор од државните структури.

Манчевски додал и дека во 128 институции на централната власт има едвај 16 илјади вкупно вработени, од кои во министерствата, каде што е главниот товар на преговори, скрининг, реформи, итн. се едвај над четири илјади.
– Апелирам до тие што се разотидоа од која било причина да размислат да се вратат откако ќе добијат конкретна концептна понуда. Затоа апелирам до нив, а концептот ќе го понудиме до средината на мај – нагласил министерот.

Што се однесува до неговата одговорност во добивање датум за преговори, односно до реформа на јавната администрација, Манчевски верувал дека новиот закон за висока раководна служба ќе направи квалитативна разлика во департизацијата на јавната администрација. Овој закон предвидува процесот на избор за раководните функции да се врши по модел сличен на оној со антикорупциската комисија. П.Р.