Вистински реформи наместо постојани крпеници

36
Фото: Игор Бансколиев

Освен забелешките од меѓународните набљудувачи на изборните процеси во Македонија, истата перцепција за потреба од интервенција во Изборниот законик ја имаат и домашните набљудувачи, но и членовите од Државната изборна комисија. Од донесувањето на актуелниот изборен законик, во 2006 година, тој досега бил дополнуван и менуван триесетина пати, поради што логично се наметнува потребата тој целосно да биде преработен, односно да биде изработен нов изборен законик

Темата за Изборниот законик најчесто се актуализира во време пред избори, кога учесниците во изборниот процес најчесто се повикуваат на секакви причини за оправдување на својот резултат, или оспорување на резултатот на конкурентите. По завршувањето на изборите, обично набљудувачите укажуваат на потребата од измени во Изборниот законик, политичките фактори ветуваат дека ќе се зафатат со негово подобрување… и пред наредните избори, повторно се пронаоѓаат слабости во овој законски акт со кој sе уредуваат начинот, условите и постапката за избор на претседател на државата, на пратеници во Собранието, градоначалници и членови на советите во општините.
По неодамнешните претседателски избори, кои меѓународните набљудувачи од ОБСЕ/ОДИХР и ПССЕ ги оценија како мирни и добро организирани, сепак беше изнесена забелешката дека и понатаму постојат недоследности во законската регулатива.

– Сега преостанува политичкото лидерство да преземе вистински реформи што ќе ги заменат законските крпеници, што бара постојани политички договори, со кохерентно и одржливо изборно законодавство – изјави Серен Мобурн, шеф на краткорочните набљудувачи на ОБСЕ/ОДИХР, по вториот круг од претседателските избори.
Потребата од изборна реформа дојде и од Парламентарното собрание на Советот на Европа, од каде што меѓу другото порачаа дека членството во НАТО и ЕУ не треба да ги затскрие проблемите што се повторуваат во изборниот процес.

Освен забелешките од меѓународните набљудувачи на изборните процеси во Македонија, истата перцепција за потреба од интервенција во Изборниот законик ја имаат и домашните набљудувачи, но и членовите од Државната изборна комисија, кои, пак, најмногу во практика се соочуваат со недореченостите и недоследностите во него. Од донесувањето на актуелниот Изборен законик, во 2006 година, тој досега бил дополнуван и менуван триесетина пати.

– По триесетина интервенции во еден закон, логично се наметнува потребата тој целосно да биде преработен, односно да биде изработен нов изборен законик. Во сегашнава состојба на законот, по толку измени, самиот основен текст е во колизија со некои дополнителни одредби. Но сепак, за менување или изработка на нов изборен законик не одлучуваат ниту ДИК, ниту ОБСЕ/ОДИХР, туку претставниците во највисокиот законодавен дом, во Собранието. Овластен предлагач на евентуално ново законско решение, или само за дополнување е Министерството за правда. Ние како Државна изборна комисија, можеме да доставиме предлози до Министерството за правда и веќе имаме утврдено некои предлози за измени на Изборниот законик, дефинирани на работилниците што ги организиравме. Но сепак, освен со предлози, не можеме поинаку да влијаеме врз одлуката за донесување нов изборен законик – вели Оливер Дерковски, претседател на Државната изборна комисија.

Главните забелешки на меѓународните набљудувачи се однесуваат на законската рамка, бидејќи таа не била усогласена според потребите на претседателската трка, па поради отсуство на јасни правила, делови од кампањата се спроведувале врз основа на меѓупартиски договори.

– На крајот од месецов, повторно ќе организираме работилница, на која ќе ги изнесеме сите наши забелешки во врска со неодамнешните претседателски избори и ќе донесеме оцена за изборниот процес. Споменав дека веќе имаме предлози за допрецизирање одредби од Изборниот законик, кои се засновани врз одредени проблеми со кои сме се соочиле во процесот на работата. Сметам дека овој период без избори е најсоодветен за реформа на изборна легислатива, или евентуална изработка на нов Изборен законик, а притоа ДИК е подготвен да достави предлози до овластениот предлагач – Министерството за правда. Прашањето околу модалитетите на изборниот процес и изгледот на изборната карта (една или повеќе изборни единици), сепак, останува во надлежност на Собранието – истакна претседателот на ДИК, Дерковски.

Фото: Игор Бансколиев