Вистината најдобро ги демантира лажните вести

449

Откако полицијата ги демантира шпекулациите за околностите на исчезнувањето на неколкумина млади скопјани и нивна наводна поврзаност со трговија со органи, експертите повторно објаснија дека отвореноста, транспарентноста и навременото информирање се најдоброто оружје во борбата против лажните вести и ширењето паника

Граѓаните се соочени со флагрантно кршење на професионалните принципи на јавното информирање и со кршење на етичкиот кодекс на работење на некои од претставниците на оние што себеси се сметаат за седма сила. Уште повеќе, мониторингот и анализите на експертите од областа на новинарството и на правото забележуваат големи злоупотреба од страна на некои медиуми, кои, според нив, „се ставаат во функција на деструктивни агенди на поединци и групи“. Токму вака гласат коментарите на домашните познавачи на проблематиката, откако Министерството за внатрешни работи ги демантира шпекулациите што последниве денови се појавија, пред сѐ на социјалните мрежи, во врска со исчезнувањето на неколкумина млади скопјани, кое беше поврзувано со наводна трговија со органи. Од МВР најавија дека за оние што намерно ја вознемируваат јавноста, ќе бидат преземени законски мерки и апелира до сите да се воздржат од шпекулации.

Универзитетскиот професор по кривично право Гордан Калајџиев објаснува дека секој елемент поврзан со случувањето на терен се пренесува на Интернет и обратно со експресна брзина.

– Говорот на омраза на социјалните мрежи и ширењето лажни вести е елемент поврзан со случувањата од терен. Тие две работи одат заедно, а не одделно, како што некои милуваат да кажат, а истите тие носат директна закана по сите нас – вели Калајџиев.
Во меѓувреме, во рамките на своето учество на регионалниот форум за соработка „Денешните предизвици, утрешни перспективи: Балканот во 2030“, кој се одржува во Грција, министерката за правда, Рената Дескоска, имаше обраќање на сесијата „Борба против лажни вести и дезинформации – Заштита на демократијата во дигиталната ера“.

Министерката Дескоска истакна дека не го гледа решението во затворањето на веб-порталите или цензурата на Интернет, туку со воспоставувањето етички стандарди во работата на медиумите, но и на самата влада. Според министерката Дескоска, Владата има своја одговорност во борбата против лажните вести.

– Отвореност, транспарентност, навремено информирање и проактивна транспарентност, директна комуникација со граѓаните – тоа е најдоброто оружје во борбата против лажните вести бидејќи истовремено ја зголемува довербата во Владата – изјави Дескоска.

Инаку, Министерството за внатрешни работи во функција на полесно детектирање и справување со овие асоцијални и антисоцијални појави има воведено и апликација на својата интернет-страница, на која граѓаните можат да пријавуваат какви било сознанија или информации од оваа област. Апликацијата може да се најде на официјалниот сајт на МВР и е насловена „Црвено копче“. Како што се наведува во објаснувањето за апликацијата, таа е наменета за пријавување какви било сознанија или информации од областа на злоупотреба на деца, криминал од омраза и повикување на насилство. Паралелно на ова, во моментов на Интернет во Македонија има неколку информативно-едукативни веб-страници чија главна цел е да ги информираат граѓаните за повеќе аспекти поврзани со говорот на омраза и лажните вести, но истите тие слабо се обновуваат и содржината објавена на нив е скромна и неразбирлива за обичните граѓани.