Виното созрева во буре, демократијата во парламентот

651
Фото: Игор Бансколиев

Практиката на бојкотирање на работата на Собранието, како израз на политичко несогласување што во јавноста народски се доживува како инаетење, како да се претвори во начин на вообичаено функционирање во политичкиот живот во Македонија. Парламентарната демократија веќе има сериозни закани да биде заменета со некој вид сурогат од договорна „племенска“ или партиска демократија. Но на долги патеки, тоа никогаш не донело одржливи решенија, кои би биле во интерес на граѓаните и на државата. Сите оние што се занимаваат со политички системи и нивно проучување, обрнуваат внимание дека процедурата низ институциите носи зрела демократија и тоа е рамка за надминување на појавите и проблемите во општеството што е нормално да ги има

По повеќе од тримесечно отсуство во работата на Собранието, Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, доцна во неделата на 1 април, донесе одлука нивните пратеници целосно да се приклучат во работата на Собранието. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се иззедоа од работата на парламентот, во првата половина на декември, 2017 година, откако им беше одреден притвор на шестмина членови од нивниот пратенички состав, поради учество во настаните од 27 април, минатата година. Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, тогаш нагласи дека нивните причини за бојкот на работата на Собранието се од политичка (протест за одземениот имунитет и притворањето на нивните пратеници), но и од математичка природа, зашто пратеничката група во тој момент требаше да функционира со 12 отсто намалена функционалност. Сепак, во меѓувреме, пратениците на опозициската партија одлучија да учествуваат парцијално во работата на Собранието, откако првпат во нивно отсуство беше изгласан Законот за употреба на јазиците, односно по одлуката за вето и забелешките во форма на писмо до парламентарниот состав на претседателот на државата, Ѓорге Иванов.

По таквата одлука за парцијално враќање во Собранието, само за евентуална расправа за Законот за употреба на јазиците, опозицијата достави речиси 36.000 амандмани за законот, кој беше вратен на трето читање на пленарна седница. И покрај амандманската реакција, политичката и физичката напнатост во Собранието, како и протестите во јавноста, амандманите на опозицијата, иако многубројни беа заобиколени од претседателот на парламентот, Талат Џафери и законот беше изгласан од мнозинството, без воопшто да биде отворена расправа. Повеќе проследувачи и аналитичари на политичките случувања во Македонија беа на мислење дека враќањето на опозицијата во парламентот, во текот на донесувањето на Законот за употреба на јазиците требaше да биде порано бидејќи навистина „институционалното решавање на сите предизвици, правни, политички, социјални, економски и од сите други сфери во државата и општеството се решаваат во точно определена процедура во рамките на Уставот и законите“. Имено, механизмот на бојкот на Собранието е познат, не само во нашата млада демократија, туку и во многу поразвиени. Но на долги патеки, тоа никогаш не донело одржливи решенија, кои би биле во интерес на граѓаните и на државата.

Сите оние што се занимаваат со политички системи и нивно проучување, обрнуваат внимание дека процедурата низ институциите носи зрела демократија и тоа е рамка за надминување на појавите и проблемите во општеството што е нормално да ги има. И бојкотот на Собранието е легитимен, но како опомена за граѓанско освестување на тежината на предизвикот односно конфликт-проблемот за кој е повлечен тој потег. Но формулата за одржливо решение лежи во институциите на системот, односно во овој случај Собранието како арена за борба на аргументи и предлози што ќе донесат поширок просперитет. Во врска со гореспоменатиот случај, со првоаприлската одлука за враќање на пратениците во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе бара писмени гаранции дека ќе бидат имплементирани нејзините укажувања за подобрување на реформските закони.

– Донесовме одлука – учествувајќи во работата на Собранието жестоко да се бориме за секој предлог што е во корист на граѓаните и да се спротивставиме против секоја штетна мерка и антидржавна политика спроведувана од парламентарното мнозинство – изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски веднаш по донесувањето на одлуката, но и веднаш додаде дека првиот чекор на нивната пратеничка група ќе биде отворање прашање за гласање недоверба на Владата. Притоа потсети дека додека ВМРО-ДПМНЕ не била во Собранието, владејачкото мнозинство донело повеќе клучни закони без каква било консултација со опозицијата, каков што бил примерот со Законот за администрацијата, подотворајќи со него врата за партиски реваншизам и бркања од работа.

– Ќе порачам: Надвор од реформските закони ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи ништо да помине за кое ќе оцениме дека не е од корист на граѓаните – предупреди Мицкоски. Практиката на бојкотирање на работата на Собранието, како израз на политичко несогласување што во јавноста народски се доживува како инаетење, како да се претвори во начин на вообичаено функционирање во политичкиот живот во Македонија. Се чини дека политичките чинители во земјава можат да дејствуваат институционално само кога се на власт. Таквиот начин на вонинституционален „протест“ во разни циклуси го применуваат двете најголеми партии кога се во опозиција и СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, при што редовно се инсистира на решавање на ситуацијата преку лидерски средби, по можност со меѓународно посредништво. Идејата и принципот на парламентарната демократија е борбата на идеи да се води во институциите и во парламентот. Бојкотот на институциите би можел да се примени како опомена, или како крајно решение од безизлезна ситуација, но во Македонија тоа се претвора во практика. Па, така, парламентарната демократија веќе има сериозни закани да биде заменета со некој вид сурогат од договорна „племенска“ или партиска демократија.

– Единствена надеж за надминување на овој воспоставен принцип на опозициско функционирање преку бојкот на работата на Собранието е сите парламентарни партии да се договорат за нов деловник. Мислам дека има и изразена согласност за таков процес за работа на нов деловник, кој би требало да биде изгласан со консензус. Демократскиот протест т.н. филибастеринг не е забранет во парламентарната демократија, но не би требало тој да се претвори во саботажа. Тоа не значи дека со новиот деловник би било ускратено правото на протест, но би требало да биде предвидено некако да им се одрази на партиите неговото прекршување, со некаков пад на рејтингот. Во краен случај, и најдобриот деловник не може да ги спречи пратениците да го напуштат парламентот. Таквиот процес на ревизија на Деловникот би требало да го предводи претседателот на Собранието. А за неговото прекршување некако да се одрази на политичкиот рејтинг на прекршителите, потребни се политичка волја, парламентарен консензус и еманципираност на електоратот – смета политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Фото: Игор Бансколиев