Видеото на УСАИД го вклучи алармот

1325
Фото: Игор Бансколиев

Реалната состојба во земјава со барања за азил, според податоците од МВР, не би требало да претставува причина за поголема загриженост, но препораките на моќните меѓународни организации како УСАИД, со упатства за интеграција на мигрантите токму во нашата земја, предизвикаа голем број реакции во македонската јавност

Видеото поставено на веб-страницата на УСАИД (Американската агенција за меѓународен развој), во кое се даваат насоки и упатства за интеграција на мигрантите што добиле азил во (како што се наведува) Северна Македонија, предизвика голем број реакции во македонската јавност, пред сѐ на социјалните мрежи. Истовремено се активираа некои и порано пласирани приказни за подготовка на сместувачки капацитети за мигрантите, но и цинични констатации дека земјата (САД) што се подготвува да изгради ѕид на својата јужна граница со Мексико за да спречи влегување на мигранти – препорачува интеграција на мигрантите во туѓи земји, како нашата…

Актуелната ситуација со мигрантите и потенцијалните азиланти во Македонија, не е алармантна и загрижувачка како за време на масовниот мигрантски бран во 2015 година, но предизвика сомневања во насока зошто токму во овој миг е пласирано видеото со препораки за интеграција на азилантите во Македонија.

– Видеото со препораки од УСАИД за мигрантите мора да се разгледа во нашите институции како сериозна порака зошто е одбран овој временски период и дали можеби ова видео навестува голем мигрантски бран. Мое лично мислење е дека мас-миграцијата од Африка и Блискиот Исток никогаш не е запрена туку само намалена.

Сега мигрантите што сакаат да тргнат од своите матици имаат конекции со веќе дојдените и на некој начин одомаќени во земјите-членки на ЕУ. Односно веќе е создадена база за да можат безбедно да патуваат и да бидат прифатени од своите. Значи, веќе постојат маркирани патишта, но и на некој начин маркирани држави, прифатни центри и работни места што ги поседуваат како инфо мигрантите што допрва треба да тргнат. Заздравувањето на поствоените општества оди многу бавно или воопшто не се случува, а преживувањето на тие луѓе оди многу тешко и поради овие елементи што ги набројав се очекуваат големи мигрантски движења. Мора да бидеме претпазливи! На последниот самит на НАТО, масовните миграции се дефинирани како глобални закани и земјите-членки на ЕУ сѐ уште не можат да најдат заеднички јазик помеѓу себе за ова прашање – вели политикологот Милан Стефановски.

Од друга страна, реалната состојба во земјава со барања за азил, според податоците од МВР, не би требало да претставува причина за поголема загриженост, но препораките на моќните меѓународни организации како УСАИД често имаат обратен ефект во општествата на кои им се наменети. Во текот на 2018 година, барање на право за признавање азил во Македонија поднеле 299 лица (од Алжир – 1 лице, Авганистан – 46 лица, Бангладеш – 14 лица, Еритрија – 1 лице, Индија – 8 лица, Ирак – 72 лица, Иран – 19 лица, Конго – 6 лица, Косово – 2 лица, Либија – 5 лица, Мароко – 3 лица, Непал – 1 лице, ОАЕ – 1 лице, Пакистан – 89 лица, Палестина – 1 лице, Русија – 2 лица, Сирија – 12 лица, Шри Ланка – 6 лица,Турција – 10 лица). Во текот на 2018 година, на три лица од Конго им е признаен статус на супсидијарна заштита во РМ. Во ц јануари 2019 година вкупно пет лица поднеле барање за признавање право на азил во РМ: по едно од Турција и Авганистан, а три лица од Пакистан.

– Да не се залажуваме, ние на овие луѓе со различна култура и традиција не можеме да им помогнеме: немаме пари, економија, инфраструктура, ниту капацитети да ги интегрираме во нашето општество. Крахираа многу посилни земји од нас под налетот на мигрантите. Оваа глобална закана ние не можеме да ја спречиме, туку да ја превенираме. Владата треба неодложно, во делот каде што е истакнато за стратегиско партнерство со Грција во Преспанскиот договор, да инсистира заедно со грчките безбедносни органи да се создаде координативно тело за превентивни мерки и маркирање потенцијални закани од тероризам. Не заборавајте дека ИСИС во својата доктрина има тактика на уфрлување свои војници што би се инфилтрирале со мигрантите и би чекале насоки за дејствување – предупредува аналитичарот Милан Стефановски.

Покрај тоа, Стефаноски истакнува дека УСАИД е моќна информирана организација и преку видеото можеби сака да навести нови мигрантски движења, или, пак, е свесна дека ЕУ не може повеќе да акумулира мигранти заради судирот внатре и сака на потенцијалните мигранти да им каже дека и тука ќе им биде добро… Но, сепак, тој смета дека мигрантите се доволно информирани колку ќе им биде тука добро, а колку во Германија.

– Во видеото им се објаснуваат правно-политичките и економско-образовните права на мигрантите во нашата држава, бидејќи имаме потпишано такви протоколи. Сепак мислам дека ние ќе останеме транзит-земја. Сѐ друго би било лудост и за нас како држава и за нив – вели Милан Стефановски.

[email protected]

Фото: Игор Бансколиев