Весникот што е нераскинлив дел од македонската нација, јазик, историја…

454
Уште утрото на 26 јули 1963 година беше организирана Редакција „под ведро небо“

76 ГОДИНИ „НОВА МАКЕДОНИЈА“

Седумдесет и шест години не се јубилеј на некој настан, но секако дека може да бидат повод за опсервација, анализа и оцена. Овој 29 октомври 2020 година е датум што ја одбележува 76-годишнината од појавата на првиот број на весникот „Нова Македонија“. За сите овие години се напишани редица пригодни уводници, коментари и големи статии за значењето на весникот во Македонија, не само во историјата на македонското новинарство туку многу пошироко – за градење на општеството, за зацврстување на националниот идентитет на Македонците, за политичкиот живот, за културата, спортот. Со еден збор речено – неизмерлив е придонесот на весникот „Нова Македонија“ во изградбата на Република Македонија, која сега се одѕива на името Северна Македонија.
Дури и некоја најсериозна анализа, која за жал не е направена, меѓу другите елементи, на површина ќе исфрли една константа што се одржува сите овие минати години. Тоа е ставот на „Нова Македонија“ кон македонското прашање, кон самобитноста на македонскиот народ, кон доследно почитување на решенијата на АСНОМ и нивниот внатрешен, духовен симболизам, заштитата на јазикот и писмото, и како став и како јазична литературна примена низ нејзините страници. Во тој контекст се вклопуваат и сегашните балкански релации, поточно односите на Македонија со Грција и со Бугарија, релациите на Западен Балкан. На тие графички линии, на тоа новинарско ЕКГ, „Нова Македонија“ до денес, до овој број, покажува здраво, силно и бестрашно срце.

„Нова Македонија“ на маса на државници
За заинтересираноста за тоа што пишува (пишувала) „Нова Македонија“ околу Балканот сакам да посочам три мои лични непосредни сведоштва. Имено, во 1987 година, во својство на главен уредник на весникот, ме прими другарот Пенчо Кубадински, претседател на Отечествениот фронт на Бугарија, стар другар на Тодор Живков и втор по ранг на влијание во бугарската комунистичка политика. Разговарајќи за темата Македонци – Бугари, при мое изразено поинакво мислење, ја повика секретарката да донесе некои материјали. Кога се врати, во рацете држеше фељтон објавен во весникот, на чии исечоци имаше редица забелешки со молив и пенкало. Ми соопшти дека ги има во својата архива речиси сите објавени фељтони посветени на македонско-бугарските односи и дека ги чита со големо интересирање. Што се однесува до идентитетот, другарот Кубадински во два-три наврата рече дека ние Македонците сме Македонци и дека Бугарија веќе нема што да бара на тој план.
Вториот пример ми е со премиерот на Грција Константин Мицотакис, татко на сегашниот лидер Киријакос Мицотакис. Во средината на летото 1972 година направив едно долго подготвувано интервју во неговиот кабинет во Атина, со што, ајде да бидам нескромен, сум единствениот македонски новинар што имал интервју со актуелен грчки премиер. Тоа беше период на најзовриени односи, на затворени граници, на големите демонстрации против Македонија во Грција, кога во Солун се собра милион народ на протестен митинг. Уште не бевме ни го почнале разговорот, грчкиот премиер го зеде во рацете и ни го покажа бројот на „Нова Македонија“ од пред два дена. На неговата насловна страница беше објавена голема слика од грчкиот протестен митинг во Воден и наш текст за револтот на воденчани. Подоцна, неговиот шеф на кабинет, кој ни беше домаќин на вечерата, мене и на колегите од „Нова Македонија“ што беа со мене ни соопшти дека весникот го добиваат секој ден и дека сите текстови што се однесуваат на Грција експресно се преведуваат и се доставуваат до кабинетот.

Во библиотеката на Стејт департментот

Трет пример: не се сеќавам добро (а никогаш, за жал, не водев белешки) дали беше 1997 или 1998 година, кога побара прием долгогодишната директорка на библиотеката на Стејт департментот. Дојде една ведра, пријателски настроена, пристојна жена во години. Ми објасни дека пред заминувањето во пензија како награда за долгогодишната успешна работа, управата на Департментот ѝ понудила да избере во кои три земји ќе патува. Таа ја избрала и Македонија, затоа што државата била нова и била мошне интересна.
А „Нова Македонија“ ја посети да ни соопшти дека во нејзината библиотека има редовно архивирани броеви на весникот уште од раните педесетти години на 20 век и дека текстовите за балканските и за македонското прашање објавувани во весникот биле редовно следени во Стејт департментот и врз основа на нив се правеле анализи и се формирал дел од американската политика на Балканот. Таа изрази чудење како една толку мала земја и толку мала редакција имала широк преглед и огромно влијание во балканските настани. Нејзините зборови беа признание за сите генерации новинари, уредници, коментатори и дописници што ги имала „Нова Македонија“ на Балканот и низ светот.

Македонското прашање и Балканот – вечни теми

Општо гледано, речиси од првиот број на весникот еден од стожерите на уредувачката политика се националните македонски теми, расправани како во тогашна Југославија така и во рамките на балканските држави, кои беа обработувани на своевиден начин. Преку неговите страници јавноста била запознавана со историските настани и личности дури и во македонската историја. Низ извештаи, коментари, специјални уводници (сега наречени колумни), интервјуа со домашни и светски личности, преку илјадни фељтони третирани се темите за самобитноста на македонскиот народ и јазик, за последиците од поделбата на географско-етничка Македонија, Македонија по Балканските војни, за бугарската фашистичка окупација во Втората светска војна, за борбата за самостојност на Македонската православна црква. И така редум до недоброј.
Она што може да го каже „Нова Македонија“ со гордост е нејзината континуирана не само заинтересираност туку посветеност на Балканот и на односите на балканските држави гледани преку македонски очила. Весникот тоа го правеше осмислено, организирано, високопрофесионално и квалитетно. За да ги оправда сите тие наведени квалитети, постојано ја ширеше својата надворешна дописничка мрежа. Уште во раните 1960-ти години, „Нова Македонија“ почна да испраќа постојани или специјални дописници во Њујорк, Лондон, Париз и во Москва, како светски центри, и во Атина и Софија (не сметајќи го Белград), како балкански, историски најблиски до Македонија, но и со релевантни рефлекси врз македонската национална политика. По осамостојувањето, дописници имаше речиси во сите нови држави поранешни југословенски републики, кога на списокот на дописништва беше додадена и Тирана. (Колку за споредба: денес ниту еден весник, ниту една телевизија нема постојан дописник од странство, нема ниту во Бугарија, ниту во Грција, уште помалку во Тирана. Ако се мери според овој податок, Република Северна Македонија е можеби единствената земја во Европа во која нејзините медиуми немаат дописници – новинско-телевизиски известувачи – од странство)
Листајќи ги архивските броеви на весникот, паѓа во очи бројната застапеност на објавувани текстови за Бугарија и за Грција, земји во кои живее (живееше) етничко македонско население. „Нова Македонија“ имаше особена наклоност кон темите за нивните права, поточно за нивната обесправеност, како и за егзодусот на егејските Македонци по граѓанската војна во Грција.

Зачувана традиција, без отстапки

Некому денеска најверојатно ќе му изгледа чудно ако се каже дека балканските теми пласирани од дописниците и уредничките коментатори од редакцијата, со интересирање беа следени најпрво во Белград, особено во југословенското министерство за надворешни работи. Имало изјави на нивни високи претставници дека во нивните анализи за односите со соседите најмногу се потпираат на извештаите на македонските дописници и коментатори, но понекогаш и со предупредувачки укор дека пишувањето на весникот ги загрозува билатералните односи. На тие теми раководството на „Нова Македонија“ неретко добиваше опомени и од македонските политичари во ЦК.
Нема ни грам лага ако се каже дека на весникот „Нова Македонија“ беа претплатени речиси сите странски амбасади во Белград, заинтересирани токму за третманот на македонското прашање и македонските аспекти на гледање застапувани во весникот.
Што да се каже на крајот од овој текст, посветен на 76-годишнината на „Нова Македонија“, која единствена од весниците секојдневно ја одржува страницата со рубрично име Балкан? Сигурно дека нема да биде претерано ако се каже дека и во актуелните балкански односи, „Нова Македонија“ се нема изневерено себеси. Ја нема изневерено традицијата, заснована на објективност, точност, нешпекулативност, заснована на вистини, не на лажни вести. Сѐ уште го држи високо кренат бајракот на заштитата на македонските национални интереси, силно и решително застанат во одбрана на идентитетот и јазикот. Тоа не е само нивна одбрана, тоа е одбрана на самата држава офанзивно нападната по нејзините темели.