Верификувани мандатите на пратениците

221
Фото: Маја Јаневска-Илиева

ПРВА СЕДНИЦА НА НОВИОТ СОБРАНИСКИ СОСТАВ

За разлика од претходно, овој пат поради протоколите за превенција од ковид-19 не можеше да се забележи раздвиженост низ Собранието, новинарите беа „изолирани“ во медиумскиот центар и беше ограничено движењето низ собраниската зграда

Со заштитни маски, според протоколите за превенција од ковид-19, и по задолжителното мерење температура на влезот, пратениците од десеттиот парламентарен состав, избран на изборите од 15 јули, вчера дисциплинирано почнаа да доаѓаат во Собранието, уште пред 11 часот. Почетокот на конститутивната седница беше закажана во 12 часот, но претходно веќе се одржуваше координативна седница меѓу поранешниот претседателот на Собранието, Талат Џафери, со претставници на политичките партии, на која беа договорени техничките детали за текот на седницата. Поради здравствена безбедност и одржување физичка дистанца, од порано беше најавено дека конститутивната седница нема да се одржува во пленарната сала „Македонија“, туку во салата под собраниските куполи на покривот, која беше подготвена специјално за оваа пригода, но без можност за електронско гласање и барање збор од страна на пратениците… На координацијата беше договорено пратениците да се пријавуваат за збор преку координаторите на политичките партии. Неизвесноста за претседавањето на седницата, поради здравствената состојба на Џафери, беше расчистена веќе претходниот ден, кога беше објавено дека во добра кондиција ја напуштил Инфективната клиника, каде што беше хоспитализиран изминатите десетина дена.

Пред почетокот на конститутивната седница, не можеше да се забележи некоја раздвиженост низ Собранието – нешто поради тоа што новинарите беа „изолирани“ во медиумскиот центар и поради протоколите беше ограничено движењето низ собраниската зграда, но и пратениците исто така максимално ги почитуваа истите правила и, почитувајќи ги препораките за дистанца, речиси во колона се движеа до одредиштето, без можност за „неконтролиран“ контакт со медиумите.
Конститутивната седница почна со „академско“ задоцнување од дваесетина минути, по што беше изведена македонската химна од оперската певица Весна Илкова-Гиновска. На првата прозивка на пратениците беше констатирано присуство на 117 пратеници, тројца беа отсутни.

Дневниот ред, пак, беше изгласан со 116 гласа и еден воздржан. Прво беше изгласана верификациската комисија со 115 гласа и двајца воздржани, за чиј претседател беше избрана пратеничката од СДСМ Јагода Шахпаска. Верификациската комисија веднаш одржа седница, за да го разгледа извештајот на ДИК за спроведените избори за избор на пратеници. За време на одржувањето на седницата на верификациската комисија, претседателот Џафери даде пауза, но ги замоли пратениците да останат во салата и да ги почитуваат протоколите на Комисијата за заразни болести.

Откако беа верификувани мандатите на 120-те пратеници, со 116 гласа, седницата беше прекината, за да се создадат услови за да се продолжи со другите точки од дневниот ред. Според дневниот ред, седницата требаше да продолжи со избор на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието, односно избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на комисијата и со избор на претседател на Собранието.

Иако на дневниот ред беше поставен и изборот на нов претседател на Собранието, очекувањата беа дека тоа нема да се случи на конститутивната седница. Дел од претпоставките од пред седницата е дека токму и спикерското место во парламентот е дел од преговорите за формирање парламентарно мнозинство, односно коалицирање за составување влада.

По конституирањето на Собранието, треба да почнат и официјалните партиски разговори за формирање влада. Односно, почнува да тече рокот од десет дена, во кој претседателот на државата Стево Пендаровски треба да ѝ го додели мандатот на онаа пратеничка листа чиј лидер ќе го информира дека формирал парламентарно мнозинство. По добивање на мандатот, мандатарот има рок од 20 дена да формира влада.


Пратеници со алтернативен превоз

Некои од новите пратениците на конститутивната седница на Собранието пристигнаа со алтернативни превозни средства. Двајцата пратеници од Левица, Димитар Апасиев и Борис Крмов, како што најавуваа во кампањата, својот парламентарен мандат го почнаа доаѓајќи на велосипед. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, пак, на влезот од Собранието откри дека била спречена неговата намера да дојде со електричен тротинет на првата собраниска седница, зашто од собраниските служби го информирале дека не може да го внесе превозното средство во собраниската зграда.