Вајгл: Грешка е Албанија и Македонија да се третираат како „дуо“, тие се многу различни

1284

Иво Вајгл и Едвард Кукан, двајцата пратеници кои од најблиску ја следат Македонија во Европскиот парламент со години, ги споделија впечатоците по вчерашната одлука за условен почеток на преговори со ЕУ.

Малку разочараност за условеноста и долгото чекање, но сепак многу надеж дека одлуката ќе ја задржи Македонија на реформскиот пат и следната година, е чувството кое преовладува кај двајцата пратеници.

Вајгл, како известувач за Македонија во Европскиот парламент, испрати и писмо до неговите колеги пратеници утрово. Во писмото вели дека е разочаран од ставот на министрите.

– Не е фер за земја која повеќе од една декада се наоѓа во чекалната поради добропознатиот спор со името, решен неодамна и основан на тешки компромиси – пишува Вајгл и додава дека е грешка што Албанија и Македонија беа третирани како „дуо“ без да се држи до принципот на сопствени заслуги, и дека двете држави се многу различни.

Во разговорот за МИА, Вајгл вели дека не сака да обвинува земји членки или европски институции, но, според него, тоа што се случи претставува отстапување од принципот на сопствени заслуги од страна на ЕУ. 

Едвард Кукан, од своја страна, смета дека е важно да се задржи принципот на сопствена заслуга и покрај тоа што Европската комисија „сака да преговара со групи земји“, сепак тој пристап „не е фер“, вели тој.

Она што е важно за Македонија во овој момент, велат и двајцата, е овој момент да се искористи како реформски поттик и охрабрување.

– Македонија треба да го сфати ова како охрабрување, можеби подолго чекаа, но со оглед на условите и на ситуацијата во ЕУ мислам дека ова е позитивна одлука, зборува на конкретен начин за следниот јуни и е поттик да се продолжи со реформите. Позитивно е што реформите ќе бидат мониторирани од Комисијата – истакнува Кукан.

– Македонија доби гаранции дека влегува во процесот на приближување кон ЕУ и треба да се искористи времето што ќе помине до формалниот почеток на преговори во 2019 за интензивна работа врз економските и општествените реформи – додава Вајгл.

Тој потсетува дека процесот на скрининг кој го почнува веднаш Европската комисија бил „одлучувачки“ за сите земји кандидатки.

– Скринингот е многу значаен дел од процесот бидејќи значи откривање на предностите и слабостите на секоја земја-членка во однос на европските услови и е прв чекор кон ЕУ – објаснува Вајгл, чија земја Словенија не толку одамна минуваше низ овој процес.

Но, дали има ризик следната година некои земји членки на Европската Унија повторно да ставаат кочници кога ќе треба формално да почнат преговорите? Кукан и Вајгл не веруваат дека е можно.

– Верувам дека одлуката на Советот на министри е обврзувачка, а ние во Европскиот парламент ќе се осигураме дека Советот ќе си ја исполни оваа обврска, тврди Вајгл.

Кукан не само што е уверен дека вакви политички борби нема да има во јуни 2019, туку верува и дека Македонија многу брго ќе напредува.

– Направивте многу и без да имате отворени преговори и целата таа домашна работа што е направена досега ќе биде многу корисна кога ќе почнат преговорите, затоа и не очекувам кавги идната година, нема да има причина за Македонија.

Иако за Албанија, признава тој, не ја исклучува оваа можност, зависно од тоа како ќе напредуваат судските реформи во таа земја.

За неколку недели Европскиот парламент ќе излезе со сопствен извештај за напредокот во Македонија, извештај кој веќе се најавува како позитивен, вели оној кој го пишува.

– Ја завршуваме таа работа, извештајот ќе биде признание за Македонија и за напорите кои ги вложи македонската политика во решавањето на политичката криза, како и за значајните чекори што ги направи македонската дипломатија во напредувањето во односите со соседите -вели Вајгл за МИА.