Вашингтон повторно загрижен за Македонија

432
Џон Саливен

Стратегискиот партнер на Македонија, Соединетите Американски Држави, по сѐ изгледа повторно е загрижен за случувањата во земјава, оценуваат експертите по најавата дека американскиот заменик-државен секретар Џон Саливен, во рамките на својата балканска турнеја, во вторник ќе допатува во Скопје. Оваа информација ја соопшти Стејт департментот, истакнувајќи дека тоа ќе биде посета на највисок претставник на Стејт департментот на Македонија од 2001 година.

Според најавите, Саливен во Скопје ќе разговара за регионалните прашања и ќе ги охрабри македонските претставници да ги продолжат реформите додека земјата работи на спроведување на Преспанскиот договор.

Универзитетскиот професор Алајдин Демири во изјава за медиумите оцени дека посетата е една од позначајните, оти, според него, таа е израз на загриженоста на странските претставници за случувањата во Македонија.

– Сите тие политичари се всушност загрижени во смисла да ги истераат реформите што почнаа, особено оние што се однесуваат на спроведувањето на Преспанскиот договор и неговото финализирање. Грижата е и регионална, зашто излегувањето од оваа криза дома е витален проблем за стабилизација на регионот и пошироко – вели Демири.
Тој смета дека улогата на Саливен е еден обид да се решат актуелните проблеми и да се продлабочат односите меѓу Македонија и САД.

– Првпат имаме многу висок претставник од САД што ќе преговара во име на институцијата што ја претставува. Веројатно и ќе ни вети нешто што стратегиски ќе ги поврзе двете земји, Македонија и САД – заклучува Демири.

Хронолошки гледано, претходно годинава нашата земја беше домаќин и на повеќе други американски високи државници. Годинава на две официјални посети, во август и во октомври, земјата ја посети американскиот државен секретар за одбрана Џејмс Матис. Акцентот на овие две посети беше ставен на надминувањето на спорот со Грција преку спогодбата од Мала Преспа. Исто така во октомври во Македонија беше и помошник-државниот секретар за Европа и Евроазија, Арон-Вес Мичел, чија посета беше окарактеризирана како вашингтонска поддршка за надминување на тогашните политички превирања во државата.

Истиот месец земјава беше домаќин и на заменик-помошникот државен секретар за европски прашања на САД, Метју Палмер, кој оствари средби со домашните политичари на теми поврзани со поддршката на Вашингтон за Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција и важноста да се продолжи со реформската агенда на Македонија. Еден месец претходно, во септември, во земјата пристигна американскиот сенатор Рон Џонсон, кој како коспонзор на резолуцијата на Сенатот за поддршка на договорот од Преспа, оствари средби со државниот врв на земјава. Тој во државата дојде во период на интензивни дипломатски активности пред референдумот за спогодбата од Мала Преспа.

Сенаторот Џонсон се смета за еден од високорангираните соработници на американскиот претседател Доналд Трамп, задолжен за специјални мисии. Тој како претседавач на сенатската комисија за државна безбедност, освен Македонија, ги посети Грција, Србија и Косово. Македонија изминативе неколку години беше честа дестинација и на тогашниот помошник-државен секретар на САД, Хојт Ји, кој неколкупати присуствуваше во земјава за време на политичката криза.

Есента во Македонија пристигна и висока воена делегација на Националната гарда на сојузната американска држава Вермонт, предводена од командантот генерал-мајор Стивен Креј. Во август во Скопје пристигна и командантот на Командата на американските сили во Европа и Врховната команда на НАТО за Европа, генерал Куртис Скапароти. Во меѓувреме, од независноста досега, Македонија само еднаш беше посетена од страна на американски претседател, и тоа Бил Клинтон за време на косовската криза во 1999 година.