Вархеи не е оптимист дека преговарачките рамки ќе бидат усвоени годинава

376

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи, смета дека сѐ помалку е извесно оти  преговарачките рамки ќе бидат усвоени до крајот на годинава, и оти ќе почнат преговорите со Македонија и со Албанија за членство во Европската Унија (ЕУ).

Според Вархеи, шансите да се најде решение за почеток на преговорите со Скопје и со Тирана се мали, иако Европската комисија и германското претседателство на ЕУ сè уште работат со земјите-членки.

– Сѐ уште се надевам, но за жал сѐ помалку е извесно дека годинава ќе можеме да ги усвоиме преговарачките рамки – истакна Вархеи во Европскиот парламент, на дебатата по повод 25 години од Дејтонскиот договор.

Тој порача дека регионалната соработка и добрососедските односи се клучни за напредок кон ЕУ, оценувајќи дека регионот бележи напредок, но оти има уште многу да се сработи на внатрешните реформи, регионалната соработка и зајакнувањето на економиите.