Вакцините за сезонскиот грип ќе пристигнат кон крајот на месецов

126
Вакцината за сезонски грип ќе чини 800 денари / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Mинистерството за здравство очекува да пристигнат 40.000 вакцини за сезонскиот грип, кои ќе бидат бесплатни за одредени категории граѓани и за здравствените работници. Од Центарот за јавно здравје во Скопје, пак, информираат дека 4.000 (комерцијални) вакцини ќе пристигнат кон крајот на месецов или на почетокот на идниот

Пандемијата на коронавирусот и секојдневните променливи состојби со бројот на новозаразени сѐ повеќе ги загрижуваат граѓаните, па многумина отсега стравуваат за своето здравје, кое може да им го наруши и сезонскиот грип. Најзагрижени се секако оние што имаат широк спектар здравствени проблеми, за кои тој може да биде сериозна, па дури и фатална болест. Некои граѓани што решиле да се вакцинираат уште отсега и на поефективен начин да ја спречат инфекцијата од грип, се пожалија дека не можат да го направат тоа, бидејќи нема вакцини. Оние што се јавувале во Центарот за јавно здравје во Скопје биле информирани дека вакцини за сезонски грип сѐ уште нема, но дека ќе пристигнат кон крајот на месецов. На повеќе десетици лица заинтересирани за вакцинирање, со кои разговаравме, им било речено дека ќе бидат информирани преку соопштенија и јавните гласила, односно медиумите, за терминот од кога ќе почне вакцинирањето. Граѓани што прашале велат дека им било кажано дека вакцината за сезонски грип ќе чини 800 денари, а тие само ќе треба да одат за имунизација без да закажат претходно.
За доцнењето на вакцините зборуваат и лекари. Мевљудин Куч, доктор од Поликлиниката во Чаир и член на Лекарската комора, вели дека вакцините за сезонски грип доцнат, а најдобар период да се прими сезонската вакцина против грип е помеѓу 15 октомври и 15 ноември, за да може организмот да си создаде антитела за заштита.

– Министерството за здравство набави вакцини што се производ на „Санофи Пастер“, Франција (Vahigrip Tetra). Набавени се вкупно 40.000 дози на четиритипни вакцини, кои се наменети за бесплатна вакцинација на дефинирани ризични групи, како што се стари лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и децата на возраст од шест месеци до пет години. Веднаш по пристигнувањето на вакцините, ќе започне и закажувањето на термините. Како и претходните две сезони, заинтересираните лица ќе може да ја закажат бесплатната вакцинација преку својот матичен лекар. За избегнување дополнително оптоварување на епидемиолошките служби при центрите за јавно здравје, каде што досега се спроведуваше вакцинацијата против сезонски грип, оваа година подготвуваме акциски план што ќе вклучи дополнителни вакцинални пунктови. На овој начин вакцинацијата ќе биде подостапна за граѓаните. Kомерцијалните вакцини против сезонски грип ги набавуваат центрите за јавно здравје од сопствениот буџет и тие ја одредуваат цената – велат од Министерството за здравство.
Oд Центарот за јавно здравје во Скопје информираа дека 4.000 комерцијални вакцини ќе пристигнат кон крајот на месецов или почетокот на идниот, заедно со оние на Министерството, и дека и лани вакцинирањето за сезонски грип почнало во истиот период.

– Вакцините за сезонски грип треба да пристигнат некаде кон крајот на октомври, почетокот на ноември. Другите држави ги обезбедија, но кај нас малку се одолжи за документацијата со доставувачот. Годинава ќе добие само скопскиот центар 4.000 „пастерови“ француски вакцини. Истата фирма ни ги носи, истите ги имавме и минатата година. Станува збор за черитипна вакцина, штити од четири вида грип 2А и 2Б. Поради покачената набавна цена, тие ќе чинат 800 денари, тоа се оние таканаречени комерцијални вакцини, а со нив треба да пристигнат уште 40.000 бесплатни вакцини, кои преку Министерството за здравство се наменети за одредени категории граѓани. Бесплатните вакцини ќе се добиваат на „Мој термин“, за да не се создаваат метежи – вели д-р Александар Стојанов, директор на Центарот за јавно здравје – Скопје и член на Комисијата за заразни болести.
Според доктор Стојанов, граѓаните ништо нема да изгубат ако подоцна ја примат вакцината против сезонски грип, бидејќи, како што вели тој, многу е подобро да ја примат подоцна, бидејќи екот на сезонскиот грип кај нас е во јануари и февруари. А штом се прими вакцината, на телото му се потребни 15 дена да си создаде антитела. За разлика од годинава, минатата сезона биле набавени 28.000 дози бесплатни вакцини.

Периодов на ризик од сериозни компликации од грип најмногу е изложена возрасната популација на 65-годишна возраст. Тоа е така бидејќи имунолошкиот систем слабее со текот на годините и станува помалку ефикасен во борбата против инфекциите, како на пример грипот. Исто така, доколку заболениот претходно веќе имал проблеми со срцето, дијабетес, хронична црнодробна или бубрежна болест или белодробно заболување, грипот може да ги влоши овие состојби и да биде смртоносен.
На страницата на Институтот за јавно здравје за состојбите со грип во земјава, сезона 2020/2021, за 40-та недела од годинава, до 4 октомври годинава, откога и почнува и следењето на грипот, заболувањата слични на грип на неделно ниво од 28.9.2020 до 4.10.2020 се пријавени два случаи на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип. Заболените од грип се пријавени од Центарот за јавно здравје во Прилеп.