Вакцината на „Фајзер“ засега единствена опција за Македонија

500
Фото: Игор Бансколиев

Процесот на вакцинација против ковид-19 на големо е почнат во регионот и во светот. Во игра се мноштво различни вакцини од различни производители и држави. Унгарија како членка на ЕУ веќе реагира дека европскиот систем за снабдување со вакцини е скандалозно бавен, поради што земјата набавила кинески вакцини. Србија е единствената земја во регионот што доби вакцини на „Фајзер“ и руската „спутник“. Во Македонија ќе се чека вакцината на „Фајзер“ од февруари натаму

Македонија ќе ја чека вакцината на „Фајзер“ за да почне процесот на имунизација на населението против ковид-19. Опциите што се најавуваа за алтернатива како кинеската вакцина или донациите од неа засега не се во игра.
Премиерот Зоран Заев на почетокот на месецот изјави дека земјата има најава и за договор со Кина за 200.000 вакцини.
– Допрва треба да ги разгледаме условите. Кина има пет вакцини што ги поминаа фазите на тестирање и веќе се дистрибуираат надвор од Кина и уште две што се во фаза на тестирање целосно потврдени од Светската здравствена организација – посочи премиерот.
Сепак, министерот за здравство Венко Филипче вчера во изјава за „Нова Македонија“ посочи дека во земјава засега ќе се чека вакцината на „Фајзер“.
Првите 5.850 дози вакцини од „Фајзер“ ќе ги има во февруари, а во март треба да стигнат уште 17.550 и најмалку уште толку во април.
Според него, сите вакцини што ќе пристигнат во земјава ќе бидат соодветно сертифицирани и безбедни.
– Во согласност со планот за дистрибуција ќе биде направен и планот за апликација. Целиот овој изминат период интензивно комуницираме со компанијата „Фајзер“. Во овој момент таа е единствената компанија што ги има добиено потребните дозволи за итна употреба на нејзината вакцина од двете најзначајни регулаторни тела, а тоа се Американската агенција за лекови (ФДА) и од Европската агенција за лекови (ЕМА). Веќе се резервирани дозите за нашата земја и очекуваме првите количества да пристигнат во февруари – посочува тој.

Додава дека во изминатите неколку дена добиле и информација од системот „Ковакс“ дека и тие вакцини ќе стигнат во февруари.
– Можно е некои од земјите со кои разговараме, а тоа се Австрија, Бугарија, Полска и Грција најконкретно, да одделат некое количество од своите, но јасно ни укажуваат на тоа дека главен проблем и зошто тоа досега не беше направено, како еден најавен механизам од страна на Европската комисија на солидарност, не само со нашата земја туку и со другите држави што не се членки на ЕУ, е во количеството што го добиле. Значи, значајно помало, некаде десеттина од планираното за нивните земји – додаде министерот.
Во земјите од регионот, ниту една земја не обезбедила вакцина од кинески производител.
Србија е единствената земја во регионот што доби вакцини на „Фајзер“ и руската „спутник“. Сепак, тие дози не се доволни за да се започне масовна вакцинација, затоа што досега пристигнаа само 25.000 дози на вакцината на „Фајзер“ и 2.400 од Русија.
Први ќе се вакцинираат здравствените работници, повозрасните лица и хронично болните. Децата не се предвидени за вакцинирање.

Вакцината ќе им се дава само на пациенти во добра општа здравствена состојба. И оние што го прележале коронавирусот ќе можат да се вакцинираат, но тие нема да бидат меѓу приоритетните групи. Целта е 60-70 проценти од популацијата да ја прими вакцината, што би било доволен процент за стекнување имунитет.
Вакцината ќе биде бесплатна за сите.
Шефот на европскиот разгранок на Светската здравствена организација (СЗО), Ханс Клуге, изјавил дека 95 отсто од вакцините против ковид-19 што досега се произведени, се распоредени само во десет земји.
– Станува збор за 23,5 милиони дози вакцини, а за ефикасно запирање на вирусот неопходно е вакцината да се распределува рамноправно и во земјите со мали приходи и во сиромашните држави. Во глобалните напори да ја запреме пандемијата, ние не смееме да заборавиме ниту една земја, ниту една заедница -истакнал Клуге.


Ердоган примил кинеска вакцина

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, вчера ја примил кинеската вакцина „коронавак“ против ковид-19 за да им даде пример на граѓаните.
Турското претседателство ја објави фотографијата на која Ердоган со маска на лицето ја прима првата доза од вакцината во една болница во Анкара.
Турција ја почна вакцинацијата против коронавирусот со кинеската вакцина „коронавак“. Првите дози се наменети за здравствените работници.


Унгарија прва од земјите во ЕУ што ќе користи кинеска вакцина

Унгарската влада на премиерот Виктор Орбан се согласила да купи вакцина од кинескиот производител „Синофарм“, со што Унгарија би станала првата членка на Европската Унија што одобрила употреба на кинеска вакцина против ковид-19.
Унгарија усвоила декрет за набавка на вакцини надвор од централизираниот систем на Европската Унија откако нејзиниот министер за надворешни работи посочил дека европскиот систем за снабдување е скандалозно бавен.
– Има повеќе од милион дози кинеска вакцина што може да се користат во рок од неколку дена. Унгарските капацитети за вакцинација се многу поголеми од количеството што е достапно преку набавките обезбедени од ЕУ – изјавил Орбан.
Досега, Унгарија вакцинирала повеќе од 105.000 луѓе (здравствени работници и жители на домови за стари лица) со вакцини од два производитела, односно вакцината на „Фајзер“ и онаа од „Модерна“.

[email protected]