Бугарскиот џандар за историски прашања – со свој камен по своја глава

13953

Користејќи го своето членство во ЕУ, Бугарија се стави во улога на судија за историјата, определувајќи ја историската вистина за периодите од средниот век до денес. Заборавајќи се, во улогата што си ја додели, отиде дотаму што личности од минатото што се дел не само од историјата на македонскиот народ (како на пример Г. Делчев), туку и значајни личности од историјата и културата на другите европски, во прв ред словенскитe народи, ги прогласи за бугарски. Станува збор за солунските браќа Св. Кирил и Методиј, кои ја создадоа словенската азбука и ги преведоа светите книги на говорот на македонските Словени од околината на Солун. Со нивната мисија во Голема Моравија и во Панонија, тие ја спречиле германизацијата на словенските народи, ширејќи ја православната христијанска литургија на ним разбирлив словенски јазик, та затоа се нераскинлив дел од историјата на Чесите, Русите, Украинците, Србите… И според бугарското толкување на историјата, сите овие народи имаат заедничка историја со Бугарите и треба да признаат дека се Бугари или дека имаат барем бугарски корени!
Цивилизацискиот дострел на светите браќа им беше признаен уште за време на нивниот живот, од папата Адријан Втори во 868 г. во Рим, каде што следната година Св. Кирил починал и почива, што според Бугарите би значело дека Италијанците ја крадат бугарската историја! И воопшто не е чудно еден ден Бугарија да побара од Италија да им ги даде моштите на Св. Кирил или да си оди од ЕУ, а истото тоа и од Чешка, зашто „Бугаринот“ Св. Методиј е закопан во Катедралната црква на Моравија!
Светите браќа се слават како светци – рамноапостоли не само во Источната православна црква туку и во Римокатоличката – уште од 1880 г., со одлука на папата Лав Тринаесетти. Во 1980 г., пак, со апостолско писмо на папата Јован Павле Втори тие беа прогласени и за созаштитници на Европа (исто како Св. Бенедикт од Нурсиа, денес Норча, Италија, прогласен во 1964 г.), зашто тие се првите „дипломати“ што воспоставиле мост меѓу Источна и Западна Европа, она што ЕУ сега се обидува да го направи, ама на сè понепринципиелен начин, и тоа токму кон народите што биле просветени од светите Кирил и Методиј.

Наспроти ваквите факти, Бугарија поставува апсурдни барања кон Македонија, очигледно преценувајќи се себеси. Осоколена со премолченото одобрување од главните играчи на ЕУ, кои се затскрија зад оваа своја членка што им ја одработува неискрената политика за (не)ширење на ЕУ, овие сесловенски просветители, со одлука на собрaниетo, Бугарија ги прогласи за бугарски, а нивниот празник за ден на бугарската азбука. Се разбира дека и тоа беше премолчено од нашите безрбетни политичари, кои поради личен интерес одат дотаму што јавно ги поддржуваат бугарските политичари покажувајќи ја својата неукост. Така, едниот претседател (на државата) изјави дека Гоце Делчев бил Бугарин, а другиот пак (на Владата) дека струмичани и петричани зборувале на ист јазик, со што ја откри Америка и заслужи титула магистер по лингвистика. А, пак, дента кога ќе ни каже каков бил тој јазик (веројатно уште не завршил со своите научни откритија) ќе добие докторска титула за лингвистика, повторно од некој „европејски“ универзитет, како на пример „софиски’а“. Ползејќи и коленичејќи пред „б’лгарскиа му брат Б.Б.“, премиерот ја одмолча дури и навредата од бугарскиот министер за одбрана К.К., дека е „Б’лгарин кому паметот му доаѓа дури следниот ден.“
Користејќи ги премолчената поддршка од некои членки на ЕУ и незаинтересираноста на други, Бугарија заборави дека во ЕУ членуваат словенски држави во чија национална историја брцна како со прст во око и со свој камен самата си се удри по глава. Се разбира, за возврат на тоа доби вето од Чешка и од Словачка. Така, иако Бугарија успеа во членот 8 од нацрт-верзијата за преговарачката рамка да ја протне „компромисната“ реченица „… да им стават ефективен крај на сите барања засновани на погрешното толкување на историјата“, предложена од германскиот претседавач, иако заклучоците на Советот на ЕУ за проширување со земјите од т.н. Западен Балкан (измислен термин од ЕУ-бирократите) ден пред тоа беа прифатени од амбасадорите на ЕУ, сепак беа блокирани од двете земји, поддржани и од Австрија. Пораката е јасна и гласна: „Нема да дозволиме Унијата да биде судија на нашата (чешко-словачка) споделена историја, како се идентификуваме себеси или каков јазик користиме, нешто што треба да се решава билатерално, надвор од процесите на ЕУ.“ Појасно од ова, здравје. Сепак, бидејќи според бугарскиот министер за одбрана, на Б’лгаринот паметот му доаѓа ден потоа, овие две земји ѝ појаснија дека историските прашања, идентитетот и јазикот не се прашања за кои ЕУ е „задолжена“ да суди и дека таквото нешто би било опасен политички преседан. Иако, рака на срце, таков преседан веќе е направен со барањето на една членка на ЕУ за менување на нашето државно име, што очигледно сега осоколи друга членка на ЕУ.

Гласноговорниците, пак, на ЕУ од една страна постојано нѐ „учат“ дека требало да ја заборавиме историјата и да гледаме кон иднината за да сме напредувале, а од друга страна ја вметнуваат во своите документи!?! И сега не е јасно дали треба да се зачлениме во ЕУ и да назадуваме, зашто историско-идентитетските и јазични прашања стануваат услов за членство, или пак да останеме надвор од ЕУ и можеби да напредуваме?
Со ваквата непринципиелност – наместо копенхашките правила, за членство прво се става националниот интерес на членките, а потоа пазарењето со принципот на владеење на правото за да се избегнe вето за буџетот – не само што ЕУ си плука на своите основни вредности туку самата си се поткопува. А колку е ЕУ раштимана се гледа од изјавата на нејзиниот комесар за проширување О. Вархеи, кој, наместо да ги брани демократските вредности на ЕУ, ја повикува Македонија „да излезе во пресрет на загриженоста на Бугарија за да го намалела ризикот ЕУ да станелa неверодостојна во исполнување на ветувањата што ги дала…“. Аферим! Сега малата Македонија треба да ја спасува ЕУ од калта во која таа се зацапа. Наместо такви непристојни предлози, неопходно е ЕУ суштински да се преуреди, а не да ги заострува правилата за членство, како што минатата година тоа го направи големиот играч Е. Макрон, по што со членки како Бугарија, членството не само на Македонија туку на сите држави од т.н. Западен Балкан станува невозможно.