Бугарскиот меморандум поставува нови услови за Македонија во преговорите со ЕУ

1155
Фото: Игор Бансколиев

Бугарија испратила објаснувачки меморандум до земјите-членки на Европската Унија во пресрет на одлуката за отпочнувањето на преговорите на Македонија со Унијата, со долги историски образложенија на шест страници за „државна антибугарска идеологија“ во Македонија.

Бугарија од членките на ЕУ бара поддршка за својата позиција во однос на македонскиот идентитет и јазик, нагласувајќи дека земјите-кандидати не треба да внесуваат отворени спорови во ЕУ. Згора, Софија смета дека несогласувањата со Скопје претставуваат нерешен конфликт кој „при зачленувањето на Македонија би можел негативно да влијае врз носењето одлуки во ЕУ“.

Во меморандумот се наведува како Бугарија смета оти македонскиот јазик е регионален дијалект на бугарскиот, како и дека формирањето на македонската нација е проект на Белград за поткопување на бугарскиот идентитет.

Засега нема реакција од Македонското министерство за надворешни работи за документот, како ниту од институциите на ЕУ.

Македонско-бугарската мешовита комисија за историски и образовни прашања треба да се сретне месецов, при што Гоце Делчев останува клучното спорно прашање, според претходните најави. Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов пред неколку дена изјави дека Бугарија ќе ја блокира првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ, доколку мешовитата комисија не постигне согласност за отворените историски прашања.

Се очекува наскоро да биде објавена преговарачката рамка на ЕУ со Македонија, а меѓувладината конференција за почеток на пристапните преговори да се случи до крајот на годинава.