Бугарија ги исцица енергијата и капацитетот за реформи во Македонија

977

Унијата изразува загриженост од името на земјите-членки на ЕУ за динамичното и ефикасно „одржување на реформскиот курс“ на Македонија во сѐ поизвесниот нов период на чекање одлука за одржување на првата меѓувладина конференција со Унијата. Таа сѐ посериозно го отвора прашањето дали останаа реформски капацитети во земјава за времето по категоричното вето од Бугарија. Во ЕУ сѐ повеќе се наметнуваат размислувањата за некаков план Б за функционирањето на македонската држава во состојба на повторно одложување на почетокот на преговорите. Во нацрт-заклучоците на Советот на амбасадори на ЕУ (каде што всушност се подготвуваат одлуките на Советот на министри) се изразува загриженост кај мнозинството земји-членки во однос на одржувањето на реформскиот курс во Македонија во тој период до одлуката за започнување преговори

ЕУ загрижена за паѓањето на динамиката и ефикасноста на реформскиот процес
кај нас по бугарското вето

И покрај умерениот дипломатски оптимизам, во Брисел се свесни дека доколку Бугарија не попушти сега, најверојатно одлуката би се одложила дури за втората половина на 2021 година. Имено, првата половина на 2021-та е под знакот на португалското претседателство, кое има помалку интерес за проширувањето, а Бугарија ја очекуваат парламентарни избори во март. Иако во нацрт-заклучоците се поздравува реформскиот напредок на Скопје, особено во делот на владеењето на правото, и се бара постојана заложба од власта и од опозицијата во борбата против корупцијата, како и продлабочување на дијалогот меѓу нив, сепак изразена е доза на резервираност на земјите-членки на ЕУ како ќе се одрази ветото на енергијата и капацитетот на Македонија за продолжување на реформските процеси.

Ветото ќе ги запре, забави или забрза
реформските процеси?

Во неколкудецениската искуствена историја на Македонија со ветата во евроатлантските интеграции, сепак може да се констатира дека по блокадите се продолжувало да се работи на реформските процеси што произлегувале од стандардните критериуми за проширување на Унијата, што се рефлектирало и во извештаите на Европската комисија, кои со сите забелешки обично завршувале со препорака за почеток на преговори. Како и грчкото, така и сегашното бугарско вето за македонските евроинтеграции повторно воопшто не е во корелација со критериумите за проширување на ЕУ, туку се темели исклучиво на злоупотреба на принципот на консензус во одлучувањето на земјите-членки.

Загриженоста на земјите-членки на ЕУ за „одржување на реформскиот курс“ на Македонија во сѐ поизвесниот нов период на чекање одлука за одржување на првата меѓувладина конференција со Унијата, сериозно го отвора прашањето дали останаа реформски капацитети во земјава за времето по категоричното вето од Бугарија.
– Загриженоста е сосема издржана, со оглед дека и досега сите реформски процеси во сите сфери на општеството и во јавните политики на државата беа ставени во втор план на Владата, која нaјмногу беше насочена кон надворешната политика и приближување кон ЕУ. Со еден збор – проблемот е што всушност и досега немаше реформи. Дури и во онаа област каде што има пофалба за напредок, во смисла на стапувањето во сила на новиот закон за Советот на јавни обвинители и Законот за јавно обвинителство, досега нема резултати од нивната имплементација. Па и онаму каде што имало прогрес во реформите (од здравство, образование, труд и социјална политика, транспорт и градежништво…), се забележува или стагнација, или уназадување во реформскиот процес. Забележлива е лошата организираност во соработката меѓу коалициските партнери во Владата, но и недостиг од координација меѓу ресорните министерства во Владата, што, секако, се одразува на желбата и капацитетот за спроведување реформи – вели политичкиот аналитичар Владимир Божиновски, програмски директор на Институтот за политички истражувања – Скопје.

Единствениот излез и во надворешнатаи во внатрешната политика е сериозно
зафаќање со реформи

По очекуваниот дебакл на политиката, која Божиновски ја опишува како „дај сѐ што ти бараат, за да немаат што друго да побараат“, тој смета дека и понатаму единствениот излез и во надворешната и во внатрешната политика е сериозно зафаќање со реформи што ќе им понудат развој на македонските граѓани. Но претходно да се прекинат преговорите за неразумните услови на Бугарија поврзани со евроинтеграциите, кои покажаа дека и кога „ќе се даде сѐ, сепак има уште да се бара“. Сепак, Божиновски е резервиран во процените колку по ветото Владата ќе има желба, капацитет и енергија за каков било реформски пресврт.
Како познавач на процесите за евроинтеграции, Марко Трошановски, директор на институтот за демократија „Сосиетас цивилис“ во Скопје, проценува дека бугарското вето во огромен дел ќе ја убие енергијата на една идеја кон која се стреми македонското општество – членството во Европската Унија. Причините за македонските стремежи за ЕУ, покрај на некој начин подразбирачката потреба за финансиска поддршка на економскиот развој, Трошановски ги лоцира еднакво и во европските вредности и принципи за правда и праведност, кои со бугарското вето во голема мера се доведени во прашање.

– Убаво би било за себе да мислиме дека без менторството на ЕУ можеме да правиме реформи во македонското општество. Но политичката практика во Македонија (однесувањето на министрите за време на техничката влада, како и однесувањето на партиите) покажува дека сме далеку од некаква државна свест за да покажеме одговорност. За жал, новото вето во огромен дел ќе ги убие ентузијазмот и поврзувачкиот елемент и на внатрешнополитички план на идејата за членство во ЕУ. Тука е и опасноста психолошката демотивација да предизвика кризни моменти и во меѓуетничките односи, како и во односите меѓу партиите, но и уназадување на реформите – анализира Трошановски.
Сепак, Трошановски смета дека не треба да се прифати каков било бугарски патоказ во преговарачката рамка на ЕУ за Македонија и јасно да се стави на знаење дека за идентитетски прашања како услов за евроинтеграција не се преговара.
– Се чини дека треба да се соочиме со извесноста дека во сегашната констелација на односите во ЕУ (кога и за одлуката за укинување на консензусот е потребен консензус) нема да започнеме со преговори. Затоа треба да се зборува за опцијата на планот Б – да се свртиме кон себе во смисла на реформирање на општеството по европски терк, но со политичко единство и зајакнување на соработката и барање помош за реформите од пријателските земји-членки на ЕУ, како Германија, Холандија… Како опција треба да се размислува за зајакнување на билатералните односи со земјите-членки. Дури и со македонскиот случај, се покажува дека ваква каква што е, ЕУ е дисфункционална, со премногу дефектни земји, во кои има премногу национализам. Во ЕУ сакаме да влеземе заради европските вредности, но ако тие вредности ги нема во ЕУ, мора да бараме друг излез – вели Марко Трошановски.


„Патоказ кон надвор“ од преговарачката рамка

Ставот на Владата во врска со „патоказот“ што го бара Бугарија за спроведување на договорот е дека тој би требало да биде надвор од преговарачката рамка.
– Се разговара за сите загрижености и дилеми што Бугарија ги изнесува во јавност за начинот и динамиката на спроведувањето на договорот, како да се забрза изградбата на Коридорот 8. Се разговара за тоа како да се запре говорот на омраза, на кој начин да се забрза работата на историската комисија. Сето ова е насока на воспоставување доверба во процесот, договорот е сериозен документ и нема потреба од нов договор и анекс. Сè што има потреба е да се дообјасни и детализира во некој придружен документ. Во таа насока е и патоказот. Тоа е една идеја што е во насока на зајакнување на довербата и функционалноста на договорот. Владата смета дека тој план треба да се однесува на динамиката на спроведување на билатералниот договор надвор од преговарачката рамка – изјави портпаролот на Владата, Душко Арсовски.
Во документот насловен „За можните последици на можните нови компромиси со Бугарија“, од Институтот за европски политики – Скопје наведуваат дека прифаќањето на бугарското барање за „патоказ“ во преговарачката рамка за Македонија би отворило и дополнителни прашања за начинот на кој ЕУ би го следела спроведувањето на договорот, со оглед на тоа дека ова прашање не е во надлежност на Европската комисија. Во каков и да е формат, Бугарија како земја-членка на ЕУ, наведуваат, ќе биде во повластена позиција да влијае врз оцените и да го наметнува сопственото толкување на договорот.

– Вметнувањето на спорот во ЕУ-рамка, каква и да е таа, ќе го „затруе“ целиот процес. Пристапувањето, според новата методологија, е и онака многу посложено од досега и поставува нови предизвици. Не само што ќе биде затруен процесот на пристапување во ЕУ туку и на долг рок – целиот јавен дискурс во нашата држава, како и политичките процеси, а неопходните реформи за подобрување на животот на граѓаните ќе бидат истиснати во втор план -предупредуваат од Институтот за европска политика.