Бројот на Албанци околу 16 проценти

2718
Фото: Маја Јаневска-Илиева

По објавувањето на намерата за спроведување попис во 2020 година од страна на Државниот завод за статистика, јавноста бурно реагираше на можноста тој да се врши со пренебрегнување на графата за етничката припадност на населението. Паралелно со тоа се пласираат податоци, од официјални извори, но непотврдени, за бројната состојба на населението во Македонија, и тоа според етничката припадност. Овие податоци, за кои, сепак, неофицијално се зборува во јавноста, најмногу се во дискрепанца во однос на официјалната бројност на етничките Албанци, споредено со пописот во 2002 година

Додека вниманието на јавноста во Македонија е насочен кон процесот на уставните измени, сите други процеси неопходни за функционирањето на државата или се потиснуваат во втор план, или се ставаат во контекст на доминантната тема. Сепак, темата за подготовките на пописот во 2020 година, во целиот контекст на македонската реалност се чини дека не може да биде истретиран само како професионална статистичка операција неопходна за планирање и развој на државата. Ноторен факт е дека „пребројувањето“ во Македонија од 2001 година носи со себе политичка предумисла, но и голем број последици.

Причина за тоа е секако Охридскиот договор, од кој произлегуваат одредени законски права и обврски поврзани со бројноста на етничките заедници, односно со нивната застапеност од над 20 отсто во вкупното население. Истиот тој Охридски договор, според новите амандмани што се во собраниска процедура, треба да биде вграден и во преамбулата на Уставот, усогласен со спогодбата со Грција.
По објавувањето на намерата за спроведување попис во 2020 година од страна на Државниот завод за статистика, јавноста бурно реагираше на можноста тој да се врши со пренебрегнување на графата за етничката припадност на населението. Паралелно со подготовката на законот за попис, во јавноста, преку медиумите се пласираат податоци, од официјални извори, но непотврдени, за бројната состојба на населението во Македонија и тоа според етничка припадност.

Имено, во согласност со ажурираните податоци за издадени државјанства, во Македонија, според споменатите извори, има нешто повеќе од 2,4 милиони издадени државјанства, од кои 1.883.612 (72,66 отсто) се декларирале како Македонци, 375.601 (16,7 отсто) – Албанци, 53.879 (2,66 отсто) – Роми, 77.959 (3,85) – Турци, 35.939 (1,78 отсто) – Срби, 17.018 (0,84 отсто) – Бошњаци, 9.695 (0,48) – Власи и 20.993 (1,03) – други. Тоа значи дека вкупно 27,34 отсто од македонските државјани не со македонска етничка припадност.

Овие податоци, за кои сепак неофицијално се зборува во јавноста, најмногу се во дискрепанца во однос на официјалната бројност на етничките Албанци, споредено со пописот во 2002 година, кога беше утврдено дека 25 отсто од населението се Албанци.
– Бројот на државјани е секогаш поголем од бројноста на населението во државата, па не е изненадувачка бројката на издадени државјанства. Што се однесува на бројноста на населението во Република Македонија, на 1.1.2018 утврдена е бројка од 2.075.301 жител. Тоа е утврдено со процени, кои не се докрај прецизни, со споредбени методи, односно со користење на податоците од пописот во 2002 година, како и податоците за прирастот на населението од секоја година потоа и за надворешните миграции. Сепак, сметам дека не може да се зборува со стопроцентна сигурност за валидноста на податоците за процентуалната етничката застапеност во оваа бројка на населението.

Сѐ зависи од тоа каква методологија, каква база на податоци и какви белези се користени во истражувањето. Не се сеќавам дека во некој официјален личен документ треба да се наведе етничката припадност. А според Законот за избирачки список, нема графа за национална (етничка) припадност. Тоа значи дека со користење на тие извори како база на податоци, не би можела да се утврди процентуалната етничка застапеност на населението. Досега, според Законот за попис, се бараа податоци за етничката припадност, но не знам како ќе биде тоа решено со законот за попис што е во подготовка. Треба да се биде внимателен, зашто од дневнополитички побуди се пласираат одредени податоци за населението, особено за етничката застапеност – вели демографот Дончо Герасимовски.

Дел од невладините организации и некои здруженија на помалите етнички заедници најавуваат радикални мерки доколку власта истрае во намерата на пописот да нема графа за етничко и религиско изјаснување. Велат дека предлог-законот за попис на населението, кој го изработи Министерството за правда, е дискриминаторски и неправеден и дека оди во насока на нивна целосна асимилација од поголемите етнички заедници.

Иако се најавува дека пописот во 2020 година ќе се спроведува со комбиниран методолошки пристап, со излегување на терен и споредба на податоци, одредени експерти сметаат дека најдобар начин за спроведување на пописот е по електронски пат. Односно, со вкрстување на податоците од матични книги на родени и умрени, базите во министерствата за внатрешни работи, за финансии, за труд и социјална политика, од Заводот за вработување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, интегралниот граничен систем…