БПЦ не го издржа притисокот од црковни Москва и Белград

3049
Фото: Игор Бансколиев

Дали откажувањето на БПЦ од чинот на чествувањето на јубилејот – 1.000 години од основањето на древната Охридска архиепископија на 27 и 28 мај годинава во Охрид значи и нејзино негирање на континуитетот и поврзаноста на МПЦ со Охридската архиепископија или само експлицитен чин на ретерирање на БПЦ за тоа дека веќе прифатила таа да биде црква преку која МПЦ ќе дојде до својата автокефалност? БПЦ за ова треба да даде дополнителни објаснувања во наредниот период

Неочекувана е одлуката на владиците на Бугарската православна црква, кои на нивната последна синодска средба, одржана пред два дена, изгласале дека нема да присуствуваат на чествувањето на јубилејот – 1.000 години од основањето на древната Охридска архиепископија на 27 и 28 мај годинава во Охрид. Бугарските владици без присуство на патријархот Неофит гласале два пати и во двата наврати немало доволно гласови за позитивно да одговорат на барањето на МПЦ-ОА.
И за познавачите на црковните прашања ваквата реакција на БПЦ е крајно неочекувана. Според нив, одлуката на бугарските владици е изненадувачка. Таа не е во духот на досегашните разговори на релацијата МПЦ – БПЦ и ги оддалечува двете цркви од процесот на зближување, кој веќе го почнале пред повеќе од половина година.
Истовремено, аналитичарите сметаат дека Бугарската црква е под силен притисок на Руската и Српската православна црква, за да се откаже од намерата да биде мајка-црква на МПЦ-ОА. Тие препознаваат и недоволно храброст кај бугарските владици да се соочат со притисоците од црковни Москва и Белград.

Црковниот историчар Драган Зајковски од Институтот за национална историја е непријатно изненаден од ваквата одлука на БПЦ. Неговите предвидувања се движеле во насока дека дел од бугарските владици ќе присуствуваат на прославата во Охрид, па дури и дека би имале и заедничко литургиско сослужување меѓу двете цркви, сѐ во интерес на историјата што двете земји заеднички ја споделуваат.
– Со ова БПЦ се солидаризира со Руската црква, која во основа ги штити интересите на Српската црква. РПЦ има проблем со Украинската црква и стравува дека таа може да биде поддржана од Вселенскиот патријарх Вартоломеј. Тука во голема мера се кријат опасноста и влијанието што го прави РПЦ – објаснува професорот Зајковски.
Според него, МПЦ нема да има некакви реперкусии по оваа одлука на БПЦ, зашто таа легитимно бара начини за решавање на својата автокефалност.
Инаку, ова ќе биде првиот голем јубилеј што Македонската православна црква-Охридска архиепископија го слави како поврзување на нејзиниот континуитет со Охридската архиепископија.

Дали откажувањето на БПЦ од чинот чествувањето на овој јубилеј значи и нејзино негирање на континуитетот и поврзаноста на МПЦ со Охридската архиепископија или само експлицитен чин на ретерирање на БПЦ за тоа дека веќе прифатила таа да биде црква преку која МПЦ ќе дојде до својата автокефалност? БПЦ за ова треба да даде дополнителни објаснувања во наредниот период.
Бугарскиот аналитичар Иван Желев Димитров, пак, оценува дека ваквата одлука ќе донесе само последици врз БПЦ, која, според него, е очигледно дека е под притисок, и тоа, како што вели, не само од Руската црква, туку и од Вселенската патријаршија, како и од Српската и Грчката црква.

– Во последното соопштение од Соборот на СПЦ многу јасно може да се прочита предупредување до БПЦ околу сите процеси за зближување со МПЦ. И ова има придонес во одлуката на бугарските владици – додава аналитичарот Димитров.
За истакнување е тоа што архиепископот г.г. Стефан, поглаварот на МПЦ-ОА, пред една недела го испрати писмото до Синодот на БПЦ, во кое покани делегација на БПЦ да присуствува на обележувањето еден милениум од ОА.
Минатата година, пак, МПЦ испрати писмо до Синодот на БПЦ со барање да се дискутира прашањето за признавање на МПЦ-ОА од страна на БПЦ, со што бугарската црква би имала шанса со самото признавање на МПЦ да стане мајка-црква на МПЦ.


Закажан протест пред Синодот на БПЦ

Пред Синодската палата во Софија денеска ќе биде одржан протест како реакција на одлуката на БПЦ да го откаже учеството на јубилејната прослава од основањето на Охридската архиепископија во Охрид. Причината за овој протест се незадоволството и негативните реакции во бугарската јавност по одлуката на бугарските владици.