Бошњаковски: Време е политичките субјекти да покажат одговорност

58

Време е сите политички институции во Македонија, вклучително и претседателот Иванов, да покажат елементарна политичка одговорност за моментот во кој се наоѓа Република Македонија.

Ова денеска го изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски во врска со денешната писмена изјава на претседателот Ѓорге Иванов дека неговиот став за договорот за името останува непроменет и повикот до премиерот Зоран Заев веднаш да поведе постапка за импичмент против него.

Бошњаковски уште еднаш повтори дека граѓаните на референдум ќе го кажат последниот збор и оти нивната волја ќе биде обврзувачка за сите политички субјекти во државата.

– Волјата на граѓаните изразена на референдум ќе биде обврзувачка на политичките субјекти. Но, за да граѓаните можат да ја изразат својата волја слободно, потребен е политички амбиент којшто тоа ќе им го овозможи. Апелираме до сите политички субјекти да им остават простор на граѓаните да ги изнесат нивните аргументи во јавноста. Нека ги убедат во било што сметаат дека е правилно. Граѓаните се тие кои што ќе одлучат – рече Бошњаковски на редовната прес-конференција во Владата.