Борба за превласт на Јадранот

617

Јадранско Море – своевиден бисер на Европа, 140.000 квадратни метри синевина со просечна длабочина од нешто повеќе од 170 метри. Со должина од 870 и просечна ширина од 160 километри, Јадранско Море не е само медитерански залив со исклучителна убавина туку и тема на расправии меѓу различните геополитики, како резултат на стремежот за инфилтрирање во срцето на европскиот континент по морски пат. Името на ова море потекнува уште од античко време, а го добило по градот Адрија. Неговата најголема длабочина на водата изнесува 1.233 метри под морското ниво, а се наоѓа на половина пат меѓу Дубровник и Бари. На потегот од Пула кон север, длабочината не надминува 50 метри, а крајбрежјето и изградените објекти по целата негова линија едноставно маѓепсуваат

На поранешното „наше море“, односно Јадранско Море или Адриатикот, излегуваат Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија на исток, додека на запад тука е Италија. Од овие држави, Босна и Херцеговина со 20 и Словенија со 47 километри крајбрежје не поседуваат излез на отворено море. Сепак, тоа не ја спречи Словенија да направи своја златна кокошка од пристанишниот град Копар. Околу словенечкиот брег гравитираат речиси 100.000 жители, и покрај тоа што линијата на крајбрежјето е кратка, а градовите Копар, Изола, Порторож, Пиран и Анкаран се мали.

Словенија и Јадранско Море

Словенија има само два милиони жители, од кои 7.500 се активни војници, а 8.000 се во резервниот состав. За заштита на својот дел од морето, Словенија располага со 2 патролни воени бродови и 28 авиони, од кои 15 се транспортни, а 13 авиони за обука. Дополнително, 16 хеликоптери секогаш се во приправност за одбрана на словенечкото море од потенцијални напади. Воениот буџет на Република Словенија изнесува 790 милиони американски долари, а наедно таа е и членка на НАТО. Нејзината трговска морнарица располага со 7 брода и има само едно пристаниште – она во Копар.
Со вакви предиспозиции, може да се каже дека Словенија е најслабата воена сила на Јадранот, но таа своето единствено пристаниште го претвори во вистински мал гигант, па, така, во 2019 година ова пристаниште „се справи“ со импресивни 23.000.000 тони товар, од кои дури 9.500.000 тони вклучуваа резервоарски товар, додека со специјалните ро-ро бродови (дизајнирани за транспорт на секаков вид возила, машинерија и сѐ што има тркала) беа превезени 705.993 автомобили. Сево ова ја рангира Словенија на високото 92. место на листата на најмоќни светски држави.

Хрватска и Јадранско Море

Хрватска – земја со нешто повеќе од 4 милиони жители и 15.500 војници, кои го чуваат своето море со 36 хеликоптери, 78 авиони и 28 брода, од кои 10 се патролни. Воениот буџет на Хрватска изнесува 958 милиони американски долари. Државата поседува 131 брод, кои не се во рамките на военото морепловство. Особеноста на Хрватска е во нејзините 78 острови, 524 островчиња и 642 гребени, кои хрватското крајбрежје го прават најразвиено на Јадранот и меѓу најразвиените во светот. Дури 1.380.000 Хрвати живеат на самото крајбрежје или веднаш до него. Тука се наоѓаат 6 истакнати пристаништа: Пула, Риека, Задар, Шибеник, Сплит и Плоче. Иако поседува повеќе пристаништа од Словенија, на годишно ниво Хрватска работи со помало количество товарни стоки од она со кое работи единственото словенечко пристаниште Копар. Наедно, во текот на една календарска година сите хрватски пристаништа заедно оперираат дури со трипати помалку резервоарски товар од она во Копар. Во последниве неколку години, хрватските пристаништа станаа многу поактивни во организација на крстосувања, па, така, само во текот на 2019 г., нивните крузери угостија 54.000 туристи. Сево ова ја сместува Хрватска на 70-то место на листата на најмоќни светски држави, а се прават планови за уште повисок рејтинг со почетокот на работа на новиот терминал за природен течен гас на островот Крк.

Босна и Херцеговина и Јадранско Море

Државата што има најкратко крајбрежје во Јадранско Море е Босна и Херцеговина – долго е само 20 километри. Него го бранат 20 хеликоптери и 20 авиони, додека воениот буџет на земјата изнесува 250 милиони американски долари.
Босна и Херцеговина не поседува бродови, но затоа има контингент од 12.750 војници. Босанското крајбрежје е историско наследство уште од времето на Дубровничката Република, па, така, државата поседува историско право на својот дел од морето, кој е ориентиран главно кон туризам, додека товарниот транспорт се врши преку хрватското пристаниште Плоче. На светската ранг-листа БиХ се наоѓа на 121-то место.

Црна Гора и Јадранско Море

На крајниот југ на Хрватска се надоврзува Црна Гора. Рангирана е на 120-то место, има 2.560 војници и 830 резервисти. Располага со 5 авиони, 5 хеликоптери и 18 брода. Флотата вклучува 2 регати и 6 патролни бротчиња, кои го чуваат морското крајбрежје во вкупна должина од 294 километри. Воениот буџет на Црна Гора изнесува 83 милиони американски долари. Под црногорското знаме пловат 12 трговски бродови, а целокупното поморство се базира само на едно пристаниште – она во градот Бар. Со годишна добивка од околу еден милион евра, пристаништето е едно од помалите во Европа, но планирано е прометот да се зголеми до крајот на 2025 година. На брегот на Црна Гора живеат нешто повеќе од 150.000 жители, а неизоставен дел од државниот буџет претставува, исто како и во случајот на соседна Хрватска,гранката туризам.

Албанија и Јадранско Море

Најјужна држава на источното јадранско крајбрежје е Албанија. Нејзиниот брег во должина од 362 километри го бранат 38 брода, од кои 28 се патролни. Албанија располага и со 23 транспортни авиони, 23 хеликоптери и вкупен воен буџет од 110 милиони американски долари. Во состав на трговската морнарица, под албанско знаме пловат 17 брода. На територијата на државата се наоѓаат четири пристаништа, а најголеми надежи се полагаат во пристаништето Драч, кое во 2019 година оперираше со 4.000.000 тони стока. Во текот на истата година, пристаништето Драч беше домаќин на речиси 900.000 патници и туристи. На светската листа на најмоќни држави, Албанија е рангирана на 86-то место со вкупно 64.000 активни војници и 50.000 резервисти. Во албански води се наоѓа самиот влез во Јадранско Море – теснецот Отранто, широк 75 километри, преку кој навлегуваат морските струи, кои движејќи се по источното крајбрежје, свртуваат на северниот дел и се спуштаат кон западниот брег – брегот на Италија.

Италија и Јадранско Море

Италија е гигант на западниот брег – 1.000 километри на Апенинскиот Полуостров го „бакнуваат“ Јадранско Море, како и 17. 600.000 луѓе што живеат на потегот од Трст до Отранто. На италијанскиот дел од морето се распослани дури 12 големи крајбрежни центри, од кои најголем е градот Бари со 325.000 жители. Италијанската армија има рамномерно распоредени воени сили од двете страни на полуостровот, па, така, источниот брег на Апенините го чуваат 430 авиони, од кои над 200 се борбени, 38 се транспортери, 8 се носачи на гориво и 26 се наменети за специјални тактички операции. Италијанскиот брег на Јадранот се штити и со 220 хеликоптери и 125 воени бродови, а меѓу нив е и познатиот „Џузепе Гарибалди 551“, кој само повремено плови во јадранските води. Во морето пловат и 2 италијански „разорувачи“, 6 фрегати и неколку подморници, како и 8 патролни бродови и 5 „миноположувачи“ (посебно дизајнирани воени бродови што положуваат мини во морето).
Италија има 175.000 активни војници и 182.000 резервисти. Воениот буџет на државата изнесува 27,8 милијарди американски долари. Најистакнато италијанско пристаниште на Јадранот е Трст, кое на годишно ниво оперира со 62.000.000 тони товар. На листата на најмоќни светски држави, Италија го зазема високото 11-то место. Како таква, таа е најсилниот воен и политички фактор на Јадранско Море, а нејзиното знаме се вее на 1.405 брода на трговската морнарица. Во оваа земја сѐ уште тајно живее духот на италијанскиот иредентизам, национално движење од крајот на 19 век, кое настана по обединувањето на Италија во 1871 година. Цел на ова движење е анектирање на источниот јадрански брег кон Италија, вклучувајќи ја и Бока Которска. Еден дел од планот првпат беше спроведен за време на Првата светска војна, кога со тајниот Лондонски договор, од страна на силите на Антантата, на Италија ѝ беше ветено значително парче од источниот јадрански брег.

Подоцна, на мировната конференција во Версај од 1919 година, која се водеше според познатите „14 точки“ на американскиот претседател Вудроу Вилсон, беше утврдена демаркација врз основа на етничкиот состав на населението, а не врз основа на историско право.
Во 1920 година беше потпишан Рапалскиот договор помеѓу Кралството СХС и Кралството Италија, со кој беше решено т.н. јадранско прашање. Италија доби дел од крајбрежјето, кое, заедно со Слободната Држава Риека, ќе го има во посед до капитулацијата на фашистичките сили во 1943 година.
Италијанскиот иредентизам преживеа, присутен е и денес, па понекогаш во канцелариите на високи политички функционери може да се види и карта на Италија со припоеното источно јадранско крајбрежје.

Освен надмоќта во однос на вооружувањето и политичкото влијание, Италија е лидер и по бројот на рибарски бродови – таа има 12.000 пловни објекти регистрирани за оваа дејност, додека – само како пример – Хрватска поседува 4.000 рибарски бродови, од кои над 80 отсто се пократки од 12 метри. Ваквите бројки со право ѝ носат на Италија статус на јадрански лидер, испраќајќи истовремено и еден вид предупредување до Хрватска, која по моќност е на второ место, веднаш зад неа. Третото место според моќност на Јадранот го зазема Албанија, четвртото Словенија, петтото Црна Гора, а последното, шесто, ѝ припаѓа на Босна и Херцеговина.

Јадранско Море – фабрика за пари

Источниот брег на Јадранско Море, особено хрватското крајбрежје, многумина го сметаат за фабрика за пари. Причини за ова се високиот степен на литорализација (процес на концентрација на економијата и населението во приморските области), големите вложувања во сместувачки капацитети, како и поволните околности за наутички туризам поради многубројните острови, заливи и пристаништа. Поради фактот што хрватските пристаништа не успеваат да им парираат на „гигантите од север“, Копар и Трст, властите се одлучија за изградба на терминал за течен гас на островот Крк. Со овој проект тие сакаат Хрватска да стане енергетски независна, но и иден водечки снабдувач со овој енергент на северниот дел од југоисточната европска регија.
Во Јадранско Море се вршат и истражувања за лежишта на јаглеводород и нивна експлоатација. Во таа смисла, на Хрватска и на Италија им е дозволено да дупчат до средната линија на морето.
Иако луѓето од туристичкиот сектор и еколошките здруженија на ова гледаат со многу несимпатии, енергетската независност претставува едно од најважните прашања во однос на геополитичката позиција на секоја земја. Оттаму, Хрватска претпочита да се ориентира кон јаглеводород наместо кон обновливи извори на енергија, бидејќи овие вториве бараат огромни вложувања, кои нема да резултираат со мегапрофит. Исто така, за Хрватите многу е важно да го задржат статусот на земја со чиста природа, ако сакаат да го негуваат и заштитат сопствениот туристички бренд, кој последниве години се „закотви“ на светските насловни страници.

Има ли спас за државите што не излегуваат на море?

Во сиве овие стремежи на земјите кон подобро позиционирање на листата на најмоќни политички светски заедници, најважно е да се поседува големо трпение, особено во ситуација кога земјите од источниот јадрански брег се борат со депопулација, додека Италија старее, но сѐ уште ја одржува бројката на население, така што поседува доволен капацитет за пополнување на нови простори и одбрана на истите тие. Но за крај, добро е да се има предвид дека моќта на државите не се одредува само според големината на нивната територија, иако излезот на море е голема конкурентска предност.
Македонија нема море. Таа е континентална држава. А за континенталните држави како Македонија моќта на државите се генерира првенствено според индивидуалното и колективното знаење и креирањето нови, дополнителни вредности, па оттука, образованите и свесни граѓани претставуваат најголемо богатство што може да го има една држава.

(При подготовката на текстот се користени делови од анализата на „Геополитика њуз“)