Би можеле ли македонските политичари да ги решат несогласувањата на состанок на слепо?

216
Ниту еден од канадските политичари не го откажал учеството по дознавањето на идентитетот на другиот учесник во програмата

Дамата му кажува на нејзиниот придружник дека има убави сини очи. Тој ја носи неа, градската девојка, во рурално место каде што ја учи да вози комбајн. Со насмевка на лицето, тој ја фотографира за Инстаграм. Но, ова не е вообичаено реално шоу, со просечни учесници. Таа е Бони Кромби, градоначалничката на Мисисога во канадската покраина Онтарио, а тој е Ендрју Шир, лидерот на Конзервативната партија, кој застапува дел од руралната покраина Саскачеван во Канада. Тие се соединети за епизода на шоуто наречено „Политички состанок на слепо“, кое од 2017 година има цел да ги реши несогласувањата помеѓу политичарите со спротиставени гледишта, пишува „Вашингтон пост“.

Шоуто е инспирирано од колумна објавена во британскиот весник „Гардијан“ во пресрет на општите избори во Британија во 2015 година, за потребите на која политичарите од спротиставени партии, одеа на кафе, на состаноци на слепо. Транскриптите од средбите беа објавувани во колумната.

Организаторите на канадското шоу ја унапредија британската идеја, спарувајќи политичари со големи несогласувања, давајќи им задача да организираат состаноци со цел да ги доближат сопствените ставови до противниците.

–  Кога сте едни покрај други во текот на два дена, бргу ви снемуваат теми за разговор и морате да бидете искрени и да слушате. Целта на шоуто е да се создаде вдлабнатина во политичката дебата во Канада – велат организаторите. 

Ендрју Шир и Бони Кромби

Повод за решавање на несогласувањата претставуваа и предупредувањата во јавноста оти отровната природа на политичкиот дијалог во Канада ги доведува во опасност политичарите, односно дека би можела да резултира со несакани последици.

Интересно е што ниту еден од канадските политичари не го откажал учеството по дознавањето на идентитетот на другиот учесник. Меѓу темите на разговор во шоуто се најдоа даноците, декриминализација на дрогата, затворските реформи, како и законите за оружје.

Моментно се емитува втората сезона од програмата, а во план е снимање на трета. Форматот на шоуто е понуден во Израел, Велика Британија и во Јужна Африка, а целта е снимање и на американска верзија. 

По успешноста на концептот во Велика Британија и во Канада, се чини дека неизбежно е прашањето дали македонските политичари од спротиставени партии би успеале да ги изгладат несогласувањата и да ги доближат нивните ставови кон опонентите доколку би биле соочени на состаноци на слепо.

Во план е снимање на трета сезона од телевизиското шоу