Бибер: Идејата за бојкот на референдумот е евтин потег

640

Договорот од Преспа за името заслужува широка општествена и политичка поддршка. Жално е што опозицијата и Претседателот не го видоа значењето на договорот и го користат за политички поени, вели во интервју за МИА, Флориjан Бибер, експерт за Балканот и професор на Универзитетот во Грац.

– Ваков договор во идеална смисла би требало да има широка општествена и политичка поддршка. Жално е што опозицијата и Претседателот не го видоа значењето на договорот и го користат за добивање политички поени. Идејата за бојкот на референдумот е исто така евтин потег, бидејќи нема цел да ја провери поддршката кај населението, туку само да го саботира договорот. Опозицијата во Црна Гора многу позрело настапи кога го поддржа референдумот за независност и не повика на бојкот – вели Бибер запрашан дали политичката поделеност во земјата може да предизвика нестабилност и компромитирање на договорот и референдумот.

Во однос на бројни обвинувања за руско мешање на Балканот и за обиди за поткопување на договорот меѓу Македонија и Грција, Бибер вели дека Русија веќе некое време работи на создавање пречки во регионот за да го спречи проширувањето на НАТО и ЕУ. Според него, најдобриот начин да ѝ се спротивставиме на ваквата деструктивна политика е да се понуди позитивна алтернатива и да се покаже како функционира руската анти-НАТО и анти-ЕУ политиката и како самонаречените патриотски групи и медиуми всушност соработуваат со Москва и промовираат нестабилност.

Запрашан што доколку грчкиот премиер биде принуден да поднесе оставка, по засилените критики поради пожарите, и како ќе се одрази тоа на конечната имплементација на договорот, Бибер оценува дека во случај на оставка на Ципрас, последиците по секоја идна влада во Грција би биле огромни ако сака да се повлече од договорот.

Според него, Македонија стекна голем политички капитал ширум Европа поради добрата волја што ја покажа во преговорите за спорото за името ѝ сега е клучно за процесот на имплементација да помине референдумот и уставните амандмани во Македонија.

Очекува поддршка од меѓународната заедница, ЕУ и од НАТО за референдумот преку истакнување на придобивките од договорот, но дециден е дека владите во двете земји се тие кои треба да ја убедат јавноста зошто треба да го поддржи договорот. ЕУ и Алијансата тоа веќе го направија, вели, со давање датум за почеток на преговорите, односно со поканата за членство.