Бибер: Договорот е добар, ЕПП да ги притисне ВМРО-ДПМНЕ и Нова демократија

548

Договорот меѓу Атина и Скопје е „добар компромис“ но неговата примена ќе биде тешка поради силниот отпор на националистите и слабоста на двете влади, смета Флоријан Бибер, професор на универзитетот во Грац и координатор на Европската советодавна група за Балкан.

– Успехот ќе зависи и од тајмингот на следните чекори и дали владите ќе бидат способни да ги убедат своите граѓани- вели Бибер, во интервју за Европски Западен Балкан.

Договорот треба да биде ратификуван во двата парламенти и потврден на референдум за уставни промени во Македонија, што остава простор опозицијата во двете земји да се спротивстави во следните месеци. Бибер, нагласува, дека двете земји, особено Грција, досега не го подготвувале теренот и сега се соочуваат со страсна и радикалан опозиција.

– Овде, надворешни актери може да помогнат со поддршка, но би било од помош и доколку Европската народна партија (ЕПП) изврши притисок на своите членки Нова демократија и ВМРО-ДПМНЕ да заземат проевропска линија, со што ќе се заврши спорот- нагласува Бибер.

Посочува дека тоа што договорот меѓу Скопје и Атина го прави добар е, тоа што нуди трајно, а не привремено решение.

– Со него јасно се става до знаење дека постојат два македонски идентитети, еден до кој се држат Грците во северниот дел на Грција и еден Македонците, како и дека двата можат да коегзистираат. Договорот е изграден врз прифаќање на оваа двојност, која предвидува постоење на македонски јазик и националност и само се менува името на државата. Ако размислуваме за историскиот регион Македонија, тоа не е неточно, иако попрецизно би требало да биде Северозападна Македонија- вели Бибер во интервјуто.

Според него, на некое ниво, самиот факт дека постои договор е тоа што го прави добар, бидејќи состојба на „статус кво“ е полоша опција.