Бесплатната правна помош и скапа и бавна

182
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Разочарувањето кај граѓаните се појавува во моментот кога ќе им се објаснат условите што мора да ги исполнуваат, предолгото траење на постапката, која се оценува по поднесеното барање, и секако откога ќе им се одобри бесплатната правна помош, таа не опфаќа значајни трошоци, како што се вештачењата, судските такси…

И покрај десетината здруженија на граѓани што во изминативе осум години се регистрирани за давање бесплатна правна помош, пошироката јавност сѐ уште е недоволно информирана како за нивното постоење така и за можностите што ги нудат тие. Една од причините за таквата состојба се законските ограничувања, меѓу кои, како најпроблематична, упатените ја посочуваат забраната за рекламирање на здруженијата што нудат бесплатна правна помош. Иако надлежните објаснуваат дека тоа е старо решение, содржано во Законот за бесплатна правна помош донесен во 2009 година, и дека со новиот закон, кој би требало да стапи во сила во октомври, забраната ќе биде избришана, факт е дека на граѓаните, поради сосема нејасни причини, сѐ уште им е ограничен пристапот до овие информации.

Во моментов, само преку веб-страницата на Министерството за правда може да се дојде до регистарот на здруженијата што нудат бесплатна правна помош, и тоа само како список, без линкови за воспоставување контакт со нив или нивни телефонски броеви. Освен тоа, законот предвидува бесплатната правна помош да можат да ја добиваат само граѓаните со исклучително ниски примања, при што самите го носат товарот на докажување дека приходите им се под законски определениот лимит.

Според последниот извештај на Министерството за правда, иако повеќе од една третина од граѓаните на нашата држава живеат во сиромаштија, бројката на поднесени барања за бесплатна правна помош е релативно мала. Во текот на 2018 година до подрачните одделенија биле поднесени вкупно 156 барања за остварување на правото.

– Претежно се поднесуваат барања за семејни спорови, за развод на брак и заштита на децата, како и за имотноправни прашања. За тоа колку граѓаните се запознаени со ова право, не можам да посочам, но мислам дека во услови кога нема доволно реклами и известувања на населението, има луѓе што сѐ уште не знаат дека постои бесплатна правна помош финансирана од државата – вели раководителката на Одделението за бесплатна правна помош во Министерството за правда, Весна Цекова.

Според статистиките со кои располага Македонското здружение на млади правници за 2018 година, повеќе од 1.500 граѓани добиле правни информации и совети, наспроти 12-те барања за бесплатна правна помош за баратели што ги составило здружението, а за кои се проценило дека е можно исполнување на законските услови.

– Заинтересираноста е голема кај оние што во изминатите години слушнале дека постои ваква можност. Разочарувањето се појавуваше во моментот кога на заинтересираните граѓани ќе им ги објасневме условите што мораат да ги исполнуваат – предолгото траење на постапката, која се оценува по поднесеното барање, и секако што, и ако се одобри бесплатната правна помош, таа не опфаќа значајни трошоци, како што се вештачењата и судските такси, а кои се исклучително потребни за иницирање на судската постапка – објаснува Елена Георгиевска од Македонското здружение на млади правници.

Во Хелсиншкиот комитет за човекови права велат дека во нивните канцеларии секојдневно се обраќаат граѓани за добивање примарна правна помош, која, пак, се дава во вид на општа правна информација, правен совет, помош при комплетирање на барањето за секундарна правна помош, помош при пополнување формулари, обрасци издадени од управни органи, составување претставки до Комисијата за заштита од дискриминација и до народниот правобранител, како и барање за заштита на слободи и права до Уставниот суд. Во првата половина од оваа година, односно до 30 јуни, до Хелсиншкиот комитет се обратиле 215 граѓани.

– Со новиот закон за бесплатна правна помош, кој ќе се применува од први октомври 2019 година, тргната е забраната за рекламирање на здруженијата за давање бесплатна правна помош, па во наредниот период овластените здруженија преку информативни материјали ќе работат на издигање на свеста на граѓаните за користење на ова право. Одобрувањето на секундарната правна помош зависи од исполнувањето на условите предвидени во законот, а кои се поврзани со приходот и имотот на граѓаните. Постојниот закон за бесплатна правна помош има ригорозни услови што треба да се исполнат. Со новиот закон овие услови се олеснети и правните области се проширени, па очекуваме од 1 октомври да имаме зголемен број поднесени и одобрени барања за секундарна помош – истакнуваат од Хелсиншкиот.

Инаку, според сѐ уште важечкото законско решение, бесплатна правна помош им следува на слабоимотните граѓани, чии приходи не изнесуваат повеќе од 11.000 денари по член на семејството, или 50 проценти од просечната плата. Таа се одобрува само во граѓански спорови и управни спорови, додека во извршна и кривична постапка не е дозволена. Исто така, бесплатна правна помош им следува само на поединци, но не и на група граѓани што се јавуваат како здружение.

[email protected]