Безбедносен сертификат според критериумите на НАТО за владините функционери

247
Фото: Игор Бансколиев

Претседателот Пендаровски препорачува формирање влада со почитување три критериуми

Во контекст на предизвиците што ја очекуваат Македонија во преговорите за членство во ЕУ, претседателот Пендаровски вели дека „стратегиски е важно следната влада да се формира со континуирано почитување три критериуми“. Како предмет на посебен интерес и анализа во комбинаториките се наметна токму императивот за добивање безбедносен сертификат според критериумите на НАТО

Во „одбројувањето“ до почетокот на официјалните партиски договори за создавање парламентарно мнозинство, исполнето со голем број секојдневни комбинаторики, претседателот Стево Пендаровски, кој треба да го додели мандатот за составување влада, во едно интервју наведе прецизни критериуми што треба да ги исполнат идните владини функционери. Во контекст на предизвиците што ја очекуваат Македонија во преговорите за членство во ЕУ, претседателот вели дека „стратегиски е важно следната влада да се формира со континуирано почитување три критериуми“.
– За време на преговорите, сите сегменти на општеството ќе бидат ставени на сериозен тест.

Во овој контекст, стратегиски е важно следната влада да се формира со континуирано почитување на следниве три критериуми: прво, сите министри, не само оние што се директно одговорни за европска интеграција, да бидат луѓе со демократски капацитет и проевропска ориентација, второ, во Владата да бидат луѓе што не биле вклучени во никаква криминална афера со оглед на тоа дека наш најважен предизвик во наредните години ќе биде владеењето на законот, и последно, но не и најмалку важно, мора не само за првиот ешалон на службениците, туку и за вториот и третиот, да можеме да добиеме безбедносен сертификат од НАТО затоа што како земја-членка само тогаш ќе нè прифатат како сигурен партнер на Алијансата – вели претседателот Пендаровски.

И покрај важноста на сите критеруми за составување на новата влада, кои ги наведе претседателот, како предмет на особен интерес и анализа во комбинаториките се наметна токму императивот за добивање безбедносен сертификат според стандардите на НАТО. Одредени аналитички кругови проценуваат дека таквите критериуми се всушност начин како партијата ДУИ да се прочисти од членови што не ги задоволуваат критериумите во контекст на членување при коалицирањето во идната влада. Се поставува прашањето кои се специфичните критериуми за безбедност според НАТО-стандардите што треба да ги исполнуваат идните владини службеници од највисокиот ранг (министри), па до третиот ешалон.

– И досега имаше одредени проблеми во функционирањето на Собранието и Владата, поврзани токму со поседувањето на безбедносните сертификати на избраните и именуваните функционери. Според функцијата често има ситуации кога функционерите треба да добијат материјали од доверлив карактер. Доколку функционерот нема безбедносен сертификат, не може да присуствува на седница на која се расправа за прашања класифицирани како доверливи – вели пратеникот Павле Трајанов, кој професионално ги владее безбедносните прашања.

Трајанов укажува дека безбедносните сертификати формално ги издава Дирекцијата за безбедност на класифицираните информации, со што функционерите и државните службеници можат да добиваат и да користат класифицирани документи. Дирекцијата претходно бара мислење од Агенцијата за национална безбедност, но и од други државни институции за капацитетот на доверливост на одредена личност. Доколку некоја од институциите, пред сѐ АНБ, даде негативно мислење за одредена личност, без оглед на функцијата, нема да ѝ биде одобрен безбедносниот сертификат.

Познавачите на безбедносната материја велат дека националните критериуми и стандарди за добивање безбедносни сертификати се усогласени со тие на НАТО, така што националниот безбедносен сертификат е еквивалентен на безбедносните стандарди на Алијансата. Доколку некое македонско официјално лице треба да замине на служба во НАТО, секако, поминува низ проверка на соодветните институции на организацијата. Некои од стандардните критериуми за добивање безбедносен сертификат е лицето да не е осудувано, да не се води судска постапка против него… Но во листата на услови понатаму е и критериумот личноста да нема досие за користење наркотични супстанции, како и условот што неодамна е усвоен – личноста што претендира да има пристап до доверливи информации да нема повеќе државјанства. Токму критериумот за немање двојно државјанство за добивање безбедносен сертификат се смета за камен на сопнување за голем број од функционерите на ДУИ.

– Изнесените критериуми на претседателот Пендаровски на кои треба да се внимава при формирањето влада, сепак, се само изјава за медиумите. Инаку од законски и уставен аспект не постојат пречки некој да биде избран за пратеник или за министер врз основа на поседување безбедносни сертификати – вели Павле Трајанов.
Сепак, редакцијата на „Нова Македонија“ се обрати до седиштето на НАТО во Брисел, со прашањето кои се основните критериуми на НАТО за да можат владините службеници од Македонија да добијат безбедносен сертификат според НАТО-стандарди.

– Ексклузивно е овластувањето на националните власти да им обезбедуваат лични овластувања за безбедност на своите граѓани – гласи одговорот на претставникот на НАТО.

Во секој случај, критериумите што ги споменува претседателот се еден вид филтер, со намера личностите што ќе ги задоволат критериумите да бидат еден чекор поблиску до профилот и личноста за функционер што врши јавни овластувања исклучиво во интерес на граѓаните.