Бедемите на болницата „Осми септември“ не попуштаат

585

Фреквенцијата на пациенти што се хоспитализираат во болницата сѐ уште е голема. Ситуацијата не се смирува, а вработените се на крајот на силите. Овде дневно се примаат од 15 до 20 лица, на различна возраст. Речиси сите се со тешка клиничка слика. Најтешките случаи се на возраст над 50 години, иако има и пациенти на 40-годишна возраст, чија здравствена состојба е тешка

Преморени сме. Премногу долго трае сево ова. Од 15 март сме ковид-болница, односно веќе четврти месец по ред. Фреквенцијата на пациенти што ги хоспитализираме сѐ уште е голема, ситуацијата не се смирува, а вработените немаат повеќе сили. Вака за „Нова Македонија“ ја опишува состојбата во болницата „8 Септември“ првиот човек на здравствената институција Христијан Костов, во која се лекуваат повеќе од 140 пациенти.

Преморени сме. Премногу долго трае сево ова. Од 15 март сме ковид-болница, односно веќе четврти месец по ред. Фреквенцијата на пациенти што ги хоспитализираме сѐ уште е голема, ситуацијата не се смирува, а вработените немаат повеќе сили. Вака за „Нова Македонија“ ја опишува состојбата во болницата „8 Септември“ првиот човек на здравствената институција Христијан Костов, во која се лекуваат повеќе од 140 пациенти.
Во болницата, која од март е тријажен центар за пациенти со ковид-19, на дневно ниво се примаат од 15 до 20 лица. Тие се на различна возраст и главно сите се со тешка клиничка слика. Најтешките случаи се на возраст од над 50 години, иако има и пациенти на 40-годишна возраст, чија здравствена состојба е тешка. Д-р Костов вели дека никогаш досега во историјата на болницата, немало толку многу пациенти што добиваат кислород.

– Пациентите доаѓаат во тешка состојба, односно концентрацијата на кислород во крвта им е многу ниска, со 30-40 сатурација. Како такви, тие се веднаш за на кислородна поддршка, мора да се постават на кислород со маска или, пак, на респиратор. Се носат суспектни на ковид-19, кои не се докажани. Овде се тестираат, им се зема брис. Обично бргу добиваме резултат од Институтот за јавно здравје. Најверојатно, претходно дома се лекувале, а овде ги носат кога веќе болеста прогресира. Во болницата има повеќе од 140 позитивни тешки пациенти. Освен тоа, има и пациенти што се позитивни, а на кои им е потребна хируршка интервенција, на пример имаат некакво стомачно страдање, па мора да се направи операција. Или, пак, има скршеница што мора да се оперира бидејќи не може да чека. Дневно имаме и по два-три случаи инфаркти, кои исто така наложуваат операција. Тие се во животозагрозувачка состојба, па во кое било време и да бидат донесени, им се прават коронографија и стентирање. Со брза помош ги носат од цела Македонија – вели д-р Костов.

Медицинскиот персонал, додава тој, е изнемоштен и едвај издржува. Се соочуваат речиси секој ден, вели тој, со инциденти, со притисоци и со многу непријатни ситуации.
– Во однос на вработените, имаме помош и од другите медицински центри. Во координација со Министерството за здравство, имаме околу 30 медицински сестри дојдени на помош, кои мораат да минат кратка обука за работа со пациентите во интензивна нега, бидејќи тие не се научени да работат во вакви услови. И така некако ја компензираме работата, но, морам да кажам дека како што се зголемува бројот на пациентите, добро би било да имаме дополнителен средно медицински персонал, сестри што ќе бидат упатени на интензивно лекување. Таму има тешки пациенти што бараат постојана нега – додава директорот.

Во „8 Септември“ има инфектолози, анестезиолози и интернисти и сите заедно се вклучени во лекувањето на болните пациенти. На анестезиолозите им е најтешко, бидејќи на интензивните неги се најтешко болните.
– Потрошувачката на кислород ни е многу зголемена. Цистерни доаѓаат на секои три до четири дена со кислород за да го полниме централниот резервоар. Никогаш во историјата на Воената болница немало толку многу пациенти што се на кислород – нагласува Костов.
Според него, добро е што токму оваа болница е ковид-центар бидејќи располага со доволно простор.

– Внатре сме комплетно реорганизирани. Имаме компјутерска томографија за позитивни случаи, го имаме истото и за негативни. Истото е и со рентген, ехо. Целата дијагностика за позитивните случаи е во ковид-центарот, а во другиот дел се прави дијагностика на негативните пациенти. Луѓето не смеат да ја изгубат довербата во болницата – истакна првиот човек на болницата.
Работно време овде нема. Здравствените работници буквално гинат секојдневно во првата линија на фронтот во борбата против ковид-19. Имаат добра заштитна лична опрема, а болницата на дневно ниво се снабдува со сѐ што е потребно во однос на опрема.

– Оваа болница го носи најголемиот товар од целава ситуација, бидејќи овде остануваат сите тешки пациенти, дел префрламе во Козле, оние полесните. Кај нас остануваат најтешките болни од корона и, за жал, некои од нив завршуваат со смртен исход. Посетите се забранети, има термин за телефонско јавување секој ден во периодот од 14 до 16 часот, кога семејствата можат да добијат информации за состојбата на нивните блиски. За жал, тоа е единствениот начин за добивање информација – вели Костов.


Костов: Ве молам, носете маски и не лекувајте се дома!

Ги замолувам граѓаните да се чуваат, да носат маски, да прават редовна дезинфекција и да ја држат потребната дистанца. Друг начин на заштита едноставно нема, апелира Костов.

– Втора важна работа, бидејќи веќе вирусот е многу раширен, ако некој пациент има симптоми, веднаш да се јави на матичен лекар за да му се земе брис, за да се знае ситуацијата и веднаш да се почне со третманот.

Ако се почне рано, можноста да биде излекуван пациентот е голема. Ако дојде подоцна, кога болеста прогресирала, во тој случај медицинскиот персонал, вклучувајќи ги и докторите, не можат многу да преземат – дециден е директорот.