„Бегалка“ како македонска судбина?

1905
Фото: Архива

Македонија има долга хронологија на бегства на лица против кои се водела судска постапка, почнувајќи од поранешниот премиер Никола Груевски, претходно побегнаа и разузнавачите Грујовски и Бошковски, кои се во Грција, но мистериозно исчезнуваа и разни доктори, стечајни управници, функционери и политичари, кои буквално пред изрекувањето на пресудата им се „лизнувале“ од рацете на правосудните и полициските органи. Каква слика за Македонија испраќаат ваквите пропусти и скандали пред домашната и меѓународната јавност во време кога се бориме за датум за преговори со ЕУ, а веќе сме и земја-членка на НАТО? Дали сите овие бегства се дел од некое политичко сценарио или политичка драма за срам или потсмев пред светот

ПРАВНАТА ДРЖАВА ПРЕД НОВИ ТЕШКИ ИСКУШЕНИЈА

Последните информации за недостапноста на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кому му се суди во предметот „Таргет-тврдина“, повторно ја вознемирија јавноста, која со право се прашува колку е порозен македонскиот судски и безбедносен систем.
Без оглед дали МВР во следниот период ќе успее да го обезбеди обвинетиот, она што се наметнува како дилема е дали земја-членка на НАТО, но и земја што се наоѓа пред почетокот на пристапните преговори со ЕУ може да си дозволува пропусти од овој тип, со кои се задава нов сериозен удар во делот на владеењето на правото.
Колку за потсетување, низ сите досегашни извештаи на Европската комисија без исклучок се наведува дека владеењето на правото и судството во Македонија се најслабата алка и дека се потребни сериозни реформи доколку земјава сака да стане дел од европското семејство.
Голем дел од забелешките на ЕК беа дека нема судска разврска на многу случаи, а голем дел од обвинетите се недостапни за судските органи токму поради разни судски и безбедносни пропусти што им овозможиле да ја напуштат државата.
Македонија има долга хронологија на бегства, почнувајќи од поранешниот премиер Никола Груевски, кој заврши со унгарски азил во Будимпешта, претходно побегнаа и разузнавачите Грујовски и Бошковски, кои се во Грција, но мистериозно исчезнуваа и разни доктори, стечајни управници и други лица или функционери што се огрешиле пред законот и кои низ годините во последен момент, буквално пред изрекувањето на пресудата, им се „лизнувале“ од рацете на правосудните и полициските органи.

Она што сега се наметнува како дилема е колку ваквите пропусти ја оддалечуваат земјава од почетокот на пристапните преговори со ЕУ, односно дали со тоа им се дава аргумент на противниците на македонските евроинтеграции дека Македонија потфрла во делот на владеењето на правото, како еден од најважните кластери во преговорите и без чие затворање нема понатамошен напредок во преговорите.
Дополнително, Македонија сега како земја-членка на НАТО мора да има сериозно развиена безбедносна мрежа, која во секој момент ќе знае кој влегува, а кој ги напушта државните граници, особено кога станува збор за лица против кои се води судска постапка.
По серијата вакви случки низ годините граѓаните со право се прашуваат дали ваквите судски процеси се само една голема фарса со однапред договорено сценарио.
– Триесет години си бега кој ќе стигне од државата. Во 1990-тите избегаа еден куп стечајни управници и никој не ги најде. Така и сега, демек ќе судат политичари, разни директори, а сите или ќе побегнат, или ќе добијат некаква минимална казна. Повеќе имам впечаток дека големците меѓусебно се штитат и договараат, а страдаат само обичните граѓани. Едноставно, нема правда во оваа држава – вели Сотир Костадиновски, пензионер.
Некои од аналитичарите сметаат дека Македонија важи за земја што се обидува да се декларира како правна држава, а во практика малку остварува од тоа.

– Тоа е видливо и на вакви примери со разни бегства. Далеку од умот е да се помисли дека лица што се буквално пред пресуди можат да бидат испуштени од контролата на механизмите на државата – вели универзитетскиот професор Живко Андревски.
Според него, не треба да се отфрла и можноста ваквите случаи да се дел од некакво договарање меѓу политичките елити, што, според него, само дополнително го нарушува имиџот на државата.
– Останува таа дамка дека е нешто преговарано и договарано на ниво на политички елити, што е негативно врз имиџот, но уште повеќе врз практиката во државата што е потешко. Произлегува дека секој што му се заканува опасност од некакво судско гонење може само со лична карта да ја напушти државата во некоја од соседните земји и натаму да биде недостапен. Штета е ова што се случува во државата – констатира Андревски.
Тој додава дека државата можела да најде законски механизми за следење на луѓето што биле на високи позиции, а побегнале од земјата пред самите пресуди.
Универзитетската професорка Мирјана Најчевска смета дека ваквите пропусти на судските и полициските власти оставаат смешна слика за земјава.
– Ова остава смешна слика за нас. Ние можеме да бидеме држава што ќе служи само за потсмев поради тоа што кога имате толку голем број случаи што успеале да побегнат од државата во моментот кога се воделе процеси против нив, започнувале или завршувале такви судски процеси, тогаш станува збор за таков вид висока корупција во МВР и во правосудниот систем што доколку не доведе до големи промени, до санкционирање на сите инволвирани и не само до политичка и морална одговорност туку и до кривична одговорност, мислам дека нема ништо да промениме – вели Најчевска.

Според неа, Македонија беше држава што беше изложена на голем број пресуди од Европскиот суд за човекови права поради несразмерно долгите притвори што им се даваа на граѓаните, но и поради долгите процедури и слично.
– Во моментот кога вие имате такви ликови што е јасно дека имаат врски и во државните структури и во криминалното подземје и што имаат средства, да не ги ставите во притвор, не во домашен притвор, тоа значи дека или сте поткупени или сте многу глупи – нагласува Најчевска.


Заев: Нема политички договор зад бегството на Мијалков

Премиерот Зоран Заев негираше дека зад бегството на Мијалков се крие политички договор и најави одговорност за надлежните.
– Апсолутно дека нема политички договор. Прво, јас сум среќен што како извршна власт сме обезбедиле услови и во време после режим е организиран правен процес. Очекувам оваа седмица, како што е најавено, да финишира и веќе е најавена казна и веројатно тоа е причината зошто лицето Сашо Мијалков не можело да биде пронајдено дома. Очекувам да има комплетна разврска на случајот, како што очекувам што поскоро да биде лоциран и биде ставен во домашен притвор – изјави Заев откако претходно сведочеше во случајот „Титаник“.
Тој додаде дека ќе биде побарана и одговорност од надлежните служби.


МВР распиша потерница

МВР и официјално распиша потерница за поранешниот директор на тајната полиција, Сашо Мијалков, кој од завчеравечер е недостапен и се наоѓа во бегство. Мијалков се бара со национална потерница, а не се исклучува можноста против него да биде распишана и меѓународна потерница.
Судот в петок треба да ја изрече пресудата во случајот „Таргет-тврдина“, во кој Мијалков е првоосомничен за масовното нелегално прислушување на граѓаните.


Пендаровски: Неприфатливи се ваквите случувања

Претседателот Стево Пендаровски ги повика сите надлежни институции да ги преземат неопходните мерки за да биде спроведено судското решение за притвор на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
– Вакви случувања се неприфатливи за земја што очекува да почне преговори за членство во Европската Унија и која напорно работи на реформирање на правосудниот систем и градење доверба во правната држава. Ова ги дискредитира напорите и надежите за справување со криминалот и високата корупција – истакна Пендаровски.
Тој очекува надлежните институции во најкраток можен рок да спроведат истрага за целосно расветлување на случајот и доколку бидат констатирани какви било пропусти од страна на надлежните институции, да биде преземена одговорност.
– Граѓаните бараат одговорност, и кривична и морална. Борбата за правна држава значи секој што се огрешил пред законот да биде казнет – порачува претседателот Пендаровски.