Бајрами: Пристигнаа 24 известувања за попречувања и нерегуларности

283

До Комисијата за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела против изборите и гласањето пристигнале вкупно 24 известувања за настани случени во текот на изборниот процес, вклучитeлно и денеска во текот на гласањето.

Јавниот обвинител Џелал Бајрами, инаку претседател на Комисијата, посочи дека од вкупно 24 известувања, 3 се однесуваат на настани, каде лицата ги сликале гласачките ливчиња.

Известувања се пристигнати и на електронската адреса која Јавното обвинителство ја отвори за на граѓаните да им овозможи директно пријавување на сомненија поврзани со изборите и гласањето.

Од нив 7 се поднесени од исто лице – граѓанска организација која известува за објави по социјалните мрежи, со кои наводно се прекршува предизборниот молк или се агитира за гласање за одредени политички партии.

Две се од други две лица и се однесуваат на објави на портали и социјални мрежи.

Седум известувања се пристигнати од претставници на политчка партија од Кочани и се однесуваат на наводен поткуп кој во одделни настани го вршеле лица со цел да се гласа за одредена политичка партија.

Во Основното јавно обвинителство Струмица било доставено известување за лице кое на бензиска станица во село Василево, нудело ваучери за гориво за да се гласа за определена политичка партија.

Во струмичкото обвинителство примени се и известувања за уште два настани, случени вечерта на 14 јули.

Едниот во село Добрадинци каде околу 21 часот лице нудело пари за да се гласа за определена политичка партија. Вториот настан се случил во село Дражево, каде околу 21.50 часот лице вработено во Центарот за социјални работи вршело агитација со закани за да се гласа за определена политичка партија.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица бил известен дека инспектор на Јутјуб видел снимка со изборен поткуп и за тоа направил службена белешка. Обвинителот дал насоки за проверка на снимка и утврдување на идентитетот. Едно од двете лица дошоло во станица, но по давањето на изказот подоцна пријавило дека примил закани за што поднел пријава за загрозување на сигурноста.

Ова обвинителство постапува и по известување за наводен изборен поткуп во кој е инволвиран вршител на функција од една од општините. Дадени се насоки на МВР да се повикаат лицата, пратена е покана за прибирање потребни известувања.

Рано утринава е пријавен настан кој се случил во 3.20 часот во ПО Галате каде дошол претседателот на Месната Заедница од село Дебреше и пријавил кршење на предизборен молк од страна на две лица од село Дебреше. Лицата со автомобил низ селото растурале пропаганден материјал-флаери на една од коалициите. При тоа биле забележани и физички нападнати од друго лице. Од настанатите повреди едно од лицата кои делеле пропаганден материјал е пренесен во Ургентен центар – Гостивар. Се работи на расчистување и документирање на случајот.

Од 14 јули има известување во Основното јавно обвинителство Штип за извршен претрес во дом на лице за кое имало сомневање дека поседува дрога. По добиена наредба од судија, при вршење на претресот дрога не била најдена, но е пронајден список од околу 150 имиња, за што постои сомневање дека биле наменети за изборен поткуп. Лицето дало исказ и натаму се преземаат дејствија за целосно расчистување на настанот.

На 13 јули во локална продавница во Штип се пронајдени голем број на лични документи, кои наводно биле чувани како залог кој требало да биде искористен во изборни цели. Од јавниот обвиниетел се дадени насоки да се повикаат лицата – сопственици на личните документи и да се испитаат, како и други дејствија во насока на утврдување на фактите во предметот.

Обвинителството во Неготино е известено од ОВР Неготино околу 18 часот, за два настани со основи на сомнение дека е сторено кривично дело – Повреда на тајноста на гласањето. Првиот настан се случил во Неготино каде член на Избирачки одбор од просторијата каде се гласа, застанал на прозорецот и ставил список со лица кои не гласале, а надвор стоело друго лице кое го сликало списокот со телефон. Настанот го пријавил член на избирачки одбор од друго изборно место во истото училиште, кој стоел надвор и го видел настанот. Во тек се проверки, а одземен е и телефонот од лицето заради вештачење. Воедно се вршат и разговори со инволвираните лица.

Другиот настан е во село Прждево, општина Демир Капија, каде пред гласачко место член од Избирачки одбор добил телефонски повик и на неовластено лице му дало податок дека конкретно лице дошло да гласа, но не гласало. И за овој настан постапката е во тек.

Дежурен јавен обвинител во Основно јавно обвинителство Штип по телефон бил известен за затекнати лица со возило во Штип, околу 19 часот, кои имале со себе 44.000 денари и список на лица, во близина на избирачко место во ОУ „Тошо Арсов”. По насоки на јавниот обвинител лицата ќе бидат повикани на разговор во МВР за проверување и документирање на случајот.

За овие настани, како и за сите останати информации и известувања кои евентуално би пристигнале во обвинителствата, надлежните јавни обвинители, како и Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности, итно и со приоритет во работењето ќе ги преземат сите потребни дејствија за расчистување на настаните.