Балканските граници помеѓу мирот и војната

410

Креаторите на глобалната политика генерално се поделени околу темата за промена на границите и за размена на територии. За Русија и за САД промената на границите би можела да доведе до траен мир меѓу Косово и Србија, додека, пак, за Германија, Велика Британија и за Кина тоа е неприфатлив процес, кој ќе ги разниша темелите на меѓународниот правен поредок и ќе го дестабилизира целиот регион

Дали идејата за прекројување на границите на Балканот може да донесе мир или повторно ќе резултира со турбуленции и хаос во регионот и како таа се интерпретира во светските центри на моќ е дилемата што се зголемува паралелно со сѐ поинтензивната употреба на зборовите „поделба“, „корекција на границата“, „размена на територии“, „демаркација“… од страна на политичарите во Белград и во Приштина.

За добро упатените, овие калкулации со поделба на Косово имаат своја заднина. За Белград, тоа е стратегиска цел, со која, сепак, нешто се добива од губењето на Косово. За Приштина, тоа е уште една битка во обидот за извојување рамноправен статус на држава во меѓународната политика, со кој потоа земјата ќе може да ја оствари својата евроатлантска перспектива.

Од друга страна, тие што ја креираат глобалната политика, генерално, се поделени на оваа тема. За Русија и за САД промената на границите би можела да доведе до траен мир меѓу Косово и Србија, додека, пак, за Германија, Велика Британија и за Кина тоа е неприфатлив процес, кој ќе ги разниша темелите на меѓународниот правен поредок.
На оваа тема претседателот на Србија, Александар Вучиќ, има став што редовно го повторува и вели дека тој се залага за разграничување со Албанците.

– Тоа да имаме територија што не се знае кој како да ја третира и што кому му припаѓа, тоа секогаш е извор на потенцијален судир – изјави Вучиќ.

Слична порака испрати и претседателот на Косово, Хашим Тачи, кој изјави дека ќе се залага за „корекција на границата“, со цел трите главно етнички албански општини во српската Прешевска Долина да станат дел од Косово.

На меѓународно ниво, најгласна против корекцијата на балканските граници е германската канцеларка Ангела Меркел, која на неодамнешната прес-конференција истакна дека ги поддржува сите разговори што водат кон решение во односите меѓу Белград и Приштина, но оти треба да се внимава тоа решение да не предизвика нестабилност на друго место во регионот.

И Велика Британија и Кина имаат добри причини во Советот за безбедност на ОН да ја спречат дебатата за промена на границите. Но не станува збор само за проблематичната реализација туку за правни принципи и регионалната стабилност, која може да биде загрозена. Британскиот политичар и поранешен висок претставник во БиХ, Педи Ешдаун, е убеден дека решението за односите меѓу Србија и Косово не може да се бара преку уништување на основните принципи на ЕУ за мултиетничките заедници и преку создавање, како што тој ги нарекува, „моноетнички џебови“ на Балканот. Ешдаун е убеден дека рускиот претседател Владимир Путин најмногу ќе биде задоволен од реализацијата на корекцијата на границите, а потоа би ја применил на украинската криза.

– Овде не се работи на воспоставување преседан, туку за територијална размена. Но кој и да го познава Балканот, како што мислам дека го знаеме, совршено добро знае дека тоа ќе им даде самодоверба и поддршка на оние што сакаат да ја разбијат БиХ – изјави Ешдаун.

Тој како пример ја посочи и Македонија, каде што, како што укажа, наскоро ќе се одржи многу важен референдум за нејзината иднина и можноста што би се отворила за нејзин влез во ЕУ.

– Јас немам дилема, меѓутоа доколку Прешево му се приклучи на Косово, тогаш Албанците во Тетово и во Гостивар може да кажат дека и тие сакаат да му се приклучат на Косово. Сето ова би ги поткопало досегашните напори во интеграцијата на Западен Балкан – истакна Ешдаун.

Натаму, како што пренесуваат светските агенции, кинескиот претседател Си Џинпинг е силно против промената на границите во Косово и тој е против секој обид за сепаратизам, пред сѐ поради Тајван и Хонгконг. Сосема поинаку размислуваат властите во САД и во Русија. Рускиот претседател Владимир Путин можеби и најотворено ги поддржува позициите на Владата во Белград.

Приштинскиот весник „Газета експрес“, пак, пишува дека и администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп дала зелено светло за опцијата поделба на Косово. Според сознанијата на весникот, администрацијата на Трамп се согласила Косово да ѝ даде територија на Србија, во замена за признавање.Оваа радикална промена на ставот на администрацијата на претседателот на САД се случува по заминувањето на поранешниот советник за национална безбедност Х.Р. Мекмастер и по доаѓањето на Џон Болтон на тоа место, кој е познат по својот антикосовски пристап од времето кога бил амбасадор на САД во Обединетите нации, пишува „Газета експрес“. И тоа накратко би биле насоките за можна разврска на проблемот со Косово од глобалната перспектива. Се разбира, сосема поинаку изгледаат нештата кога ќе се погледнат од позицијата на Македонија. Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски тврди дека секогаш кога на Балканот ќе се спомене промената на границите, приказната се поврзува со Македонија.

– Јас, искрено, не верувам дека доколку се реши статусот на Косово на начинот што сега го нудат Вучиќ или Тачи, тоа штетно ќе се одрази врз Македонија. Тоа го тврдам со аргументот дека и кога се одделуваше територијата на тогашно Косово и Метохија од Србија, нашата земја во тој момент директно не беше вмешана во случувањата, па не верувам дека и сега нема да се случи истото сценарио – вели Стефаноски.

Тој додава дека на некои сили во земјава им одговара константно да го заплашуваат народот во Македонија со црни сценарија само за да си спроведат некаква своја агенда и се надева дека ваквата практика наскоро ќе заврши.

Конечно, на најважното прашање, дали денешните политичари со своето дејствување ќе предизвикаат нова војна во регионот, оптимистички одговара и белградскиот политички аналитичар Александар Бечиќ.

– Не верувам дека денешните политичари со своето дејствување ќе придонесат да има војна во регионот, бидејќи тие иако не се совршени, далеку се поодговорни за разлика од оние луѓе што управуваа со балканските држави во времето по распадот на Југославија – изјави Бечиќ.