Балканот се враќа во фокусот на Париз, Македонија во периметарот

850

Стратегијата на Макрон за Западен Балкан наесен влегува и во земјава

Мина многу време откако официјален Париз беше преокупиран со проблемите на Балканот. Сега по повеќе од една деценија, Франција, земја што во последно време се обидува да го заземе европскиот трон во водењето на политиките на Стариот Континент, моментално е незадоволна од развојот на настаните во регионот. Особено од чекорите на ЕУ кон земјите од Западен Балкан, но и од неговата евроатлантска интеграција, по што деновиве официјален Париз најави и именување специјален пратеник за следење на состојбите одблизу во регионот. Иако во моментов Европската Унија, за волја на вистината, има многу внатрешни проблеми и се очекува нејзино реформско реструктурирање, сепак ваквиот чекор на францускиот претседател Емануел Макрон, кој неодамна го најави при посетата во соседна Србија, наиде на изненадување кај дел од регионалните, но и светските медиумски куќи. Како што пишува рускиот новински сервис „Спутник“, новиот специјален пратеник на Париз од септември ќе има задача да го решава проблемот меѓу Белград и Приштина, но и да врши мониторинг на внатрешните состојби во другите земји од Балканот, меѓу кои и во Македонија, на нивните патишта кон ЕУ.

Домашните познавачи на меѓународните односи ваквиот чекор на официјален Париз, за именување специјален дипломат за регионот, го коментираат како позитивна работа во однос на евроатлантските аспирации на земјава и општо за соседството. Според нив, регионот но и Македонија паметат многу вакви ад хок дипломати од развиените демократии, кои изминативе децении парадираа и продефилираа на овие простори, а беа назначувани да решат некој отворен проблем или да посредуваат при некоја комплицирана политичка ситуација. Во низата специјални пратеници што беа назначени, земјава го памети како најсвеж Јоханес Хајндл, германски амбасадор во Австрија, кој беше назначен од министерот за надворешни работи на Германија, Франк Валтер Штајнмаер, да посредува во разговорите за наоѓање решение за излез од политичката криза во Македонија со Пржинскиот договор.

Вакви специјални дипломати во поновата историја на Македонија се паметат многумина. Меѓу позвучните западни дипломати, кои продефилираа во македонската политика, беа Џејмс Пердју на САД, кој беше именуван од Вашингтон околу рамковниот договор, Французинот Ален Лероа од ЕУ, кој исто така беше ангажиран за спроведување на Охридскиот договор итн. Ваквата констелација на состојбите, која ја наметна Макрон по информацијата за ангажирање специјален пратеник за Балканот, отвора дилема која е, всушност, улогата на овие специјални дипломати на големите демократии што се активираат по потреба во одреден период за регионот, вклучувајќи и за Македонија. Но и што тие, всушност, можат да придонесат со нивното присуството во земјите за кои се именувани, ако е општо познато дека тие не смеат да се мешаат во функционирањето на парламентарната демократија во земјите за кои се назначени.

Професорката од Правниот факултет од Институтот за политички науки, Ана Чупевска, коментирајќи ги последните развои на Балканот и чекорот на францускиот претседател Емануел Макрон да испрати свој специјален пратеник, кој ќе биде задолжен да го следи развојот на случувањата во регионот, вели дека таквата одлука на оваа европска демократија, која полека го презема тронот од Германија во ЕУ, е за поздравување. Според Чупевска, официјален Париз по посетата на Макрон на Белград сака одблизу да осознае како стојат работите на Балканот на терен, вклучувајќи ја и Македонија.
– Ваквиот чекор на Париз е добар потег со што француските власти ќе ја имаат деталната слика од терен (скрининг), како стојат работите во пресрет на нашето добивање датум за преговори најавено за октомври. Општо е познато дека социјалистите на Европа веќе се согласни да лобираат да добиеме датум за ЕУ.

Според информациите со кои располагам, во септември, најдоцна октомври, би требало да ги почнеме преговорите со ЕУ, а наша делегација веќе да отпатува таму. Не се согласувам со тврдењата на некои експерти дека вакви дипломати се активираат само кога има криза на Балканот. Напротив, Макрон како иден лидер на ЕУ е добро да има комплетна слика и активна улога во преговорите со Косово и со Србија, што индиректно ќе значи и стабилизација и напредок за целиот регион, вклучувајќи и за нас. Решавањето на косовското прашање, по затворањето на проблемот меѓу Грција и Македонија, ќе биде уште еден доказ дека регионот е комплетно подготвен да зачекори низ вратите на ЕУ наскоро – оценува Чупевска. Професорката од Правниот факултет во Скопје дообјаснува дека независно од официјалните ставови на француската амбасада во земјава, најавеното доаѓање на новиот специјален дипломат на Париз ќе биде наша поддршка на патот кон полноправното членство во ЕУ. Од друга страна, поранешниот амбасадор во Виена, Огнен Малески, објаснува дека ваквите ангажирања на специјалните пратеници за некои области, во светот на развиените демократите, обично е израз на посебниот интерес и засилениот ангажман на таа земја преку тој претставник, кој го има мандатот од државниот врв за случај за кој се сака да се најде решение.

– Мислам дека во принцип мандатот на специјалните пратеници, кои се поставуваат од меѓународните организации но и развиените дипломатии за некои проблеми во некои земји, е временски ограничен. Тој мандат, иако не е супститут на официјалните ставови на амбасадите во таа земја, сепак укажува дека постои специјален интерес на државниот врв во овој случај на Макрон човек што ќе сака да има директни контакти со работите на терен за да ги надмине, а во исто време е поразличен од работата на амбасадите. Во основа не треба да се плашиме за ваквиот чекор. Имало стотици примери на САД и на ЕУ кога токму преку ангажирањето вакви дипломати успевале да најдат решение и да се надминат конфликтите или статус кво состојби во некои региони низ светот. Убеден сум дека фокусот во овој случај ќе биде во обновувањето на дијалогот меѓу Србија и Косово, па потоа БиХ и евентуално придвижување на некои процеси таму, а сосема на крајот Македонија.

Во земјава иако има некоја мини-криза, која ќе видиме како ќе се решава, мислам дека првата замисла за неговиот ангажман не за тука. Нашите проблеми не се од тој тип што би предизвикале регионална нестабилност. Сѐ уште барем не се во таква фаза од која ние би барале ангажирање специјален пратеник – оценува Малески. Поранешниот дипломат, слично како и професорката Чупевска, е уверен дека генерално именувањето на ваквите специјални пратеници само по себе не мора да значи влошување на состојбите во регионот, туку напротив тоа е знак дека некои работи се откочиле и се придвижиле нанапред.


Фото: Игор Бансколиев

По Хан и Рикер неделава доаѓа во Скопје

По најавената посетата на еврокомесарот Јоханес Хан, планирана за крајот на неделава, поточно за 25 јули, во Скопје доаѓа и в.д. помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер. Неговите средби со државно-политичкиот врв на Македонија се предвидени за 26 јули. Според најавите, двете посети коинцидираат со кризата поврзана со СЈО и најавата од Владата дека токму тие денови во Собранието ќе биде испратена новата верзија на предлог-законот за јавното обвинителство што денеска го презентира премиерот Зоран Заев. Се очекува претставниците на ЕУ и на САД да се фокусираат токму на ова прашање, што се смета за последно отворено пред земјите-членки на ЕУ во октомври да решаваат за одредување датум за пристапни преговори со Македонија.

Премиерот Заев минатата недела изјави дека има основа да верува оти во парламентот ќе се формира двотретинско мнозинство за донесување на законот, но од ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште не соопштиле став за оваа верзија.

[email protected]