Балканот и Македонија најзаразени од пандемијата со медиумски лажги

152

Деновиве и Европската комисија најави дека планира да преземе конкретни чекори за законски да се обиде да го адресира проблемот на лажните вести. Сепак, многу поважно и подобро е граѓаните да бидат повнимателни со информациите во медиумите што ги следат, особено на Интернет. Токму образованието и медиумската писменост учат како да се развијат вештините за критичко размислување, да се препознаат медиумите кога лажат, заведуваат, манипулираат, спинуваат, кријат информации…

Изминатата 2017-та, а уште повеќе тековнава година, ќе останат запаметени и по сѐ пофреквентните и безобѕирни терористички напади, борбата против радикалните екстремисти на Исламската држава, нуклеарните еквилибристики на Северна Кореја и средбата Доналд Трамп – Ким Џонг-ун, наизменичните тензии и релаксирањата меѓу суперсилите САД и Русија… Но феноменот на т.н. лажни вести и нивното брзо ширење во „глобалното светско село“ низ мрежата на виртуелниот, но и на реалниот свет на комуникациите и медиумите е појава што дефинитивно го зазеде приматот и даде силен печат во изминатиов период.
Феноменот на ширење лажни вести стана „популарен“ и доби извонредно високо значење во светот, особено по минатогодишните претседателски избори во САД.

Лажните вести и нивното ширење станаа глобална реалност, која, за жал, сѐ повеќе станува алатка за манипулации во јавноста. Таквата алатка се става во функција на моделирање и насочување на јавното мислење по нечија желба или потреба преку пласирање лажни информации и вести што немаат никаква врска со вистината и со реалноста или имаат само допирни точки со некоја фактичка состојба, но потоа вистинските вести се ретушираат, извртуваат и моделираат по желба. Во контекст на оваа „модерна интернет-епидемија“, балканските држави се најранливи на лажните вести и на феноменот поствистина (?!) во Европа.

За издвојување е статистиката, која идентификува факт дека токму нашата земја (по Турција), предничи на листата на земји што најмногу произведуваат вакви информации. Во истиот контекст може да се спомене и информацијата дека токму споменатите две земји се со многу ниска медиумска писменост. Ова впрочем се наведува во најновиот извештај на индексот за медиумска писменост донесен од страна на (ОСИ) Институтот Отворено општество во Софија, во кој меѓу другото стои дека во медиумите на Балканот се забележани мноштво образовни недостатоци како и тоа дека тие, токму поради вака констатираната состојба, уживаат ниска доверба во општеството.

– Втора година едноподруго, индексот го оценува потенцијалот за отпорност на дезинформациите на 35 европски општества преку воведување индикатори за медиумска слобода, образование и меѓусебна доверба – вели Марин Лесенски, директор на програмата за европски политики на ОСИ во Софија и автор на истражувањето.

Според него, медиумската слобода е важен фактот во справувањето со феноменот на лажните вести, но честопати се занемарува. Во исто време, како што вели, образовното ниво исто така е од клучно значење кога станува збор за нивоата на општото образование и специфичната обука за медиумска писменост. Постои видлива врска меѓу двете нешта, оценува тој.

Во исто време авторот на оваа анализа додава дека индексот измерил отпорност на поствистината, лажните вести и нивните последици по општеството, но не ја измерил самата медиумска писменост, туку факторите што ја предвидуваат, како што се образовното ниво, статусот на медиумите, довербата во општеството и употребата на електронски алатки за вклученоста во донесувањето одлуки од страна на јавноста. Образовните нивоа се мерат според просечните резултати за писменост на ПИСА.
Инаку, според индексот од 2018 година, нордиските земји најдобро се справуваат со лажните вести генерално поради високото образовно ниво и медиумската слобода. Извештајот ја наведува Естонија во Источна Европа како држава со еднакво високи оцени за високо образование и медиумска слобода и наедно таа отскокнува во регионот на Централна и на Источна Европа.

Анализата ги рангира сите балкански држави на дното на скалата на медиумска писменост, со тоа што Грција и Романија „најдобро“ се покажале и се на 27-то и на 28-то место, а веднаш зад нив следуваат Србија, Бугарија, Црна Гора, Босна, Албанија, Турција и Македонија. Последните две земји имаат најлоши оцени, се вели во извештајот, тоа, пак, е резултат на слабата медиумска слобода во Турција и на најниското образовно ниво во случајот на Македонија.

– Лажните вести ја нарушуваат довербата и се поврзуваат со зголемената поларизација во општеството – се предупредува во извештајот и наедно се вели дека феноменот го поткопува и уништува квалитетот на политичките дебати. Иако извештајот дава разни регулативи и предлози за саморегулација за справување со лажните вести, сепак во него се наведува дека најдобро е да се поддржи медиумската слобода. На крајот анализата на ОСИ заклучува дека „колку е поголема контролата врз медиумската сфера, толку е поширока мрежата на искривување на фактите и ставовите“.

Билјана Петковска од Македонскиот институт за медиуми (МИМ) во изјава за „Нова Македонија“ објаснува дека лажните вести најчесто се поврзуваат со пропагандата на Интернет. Според неа, вообичаено станува збор за извртување или манипулирање со фактите, сензационалистичко претставување на информациите или објавување целосно измислени содржини.

– Некои на тој начин добиваат лајкови и споделувања на социјалните мрежи, кои можат да им донесат и финансиска добивка, а други, како на пример политичарите или пропагандистите, што е најчест случај кај нас, се обидуваат да го дискредитираат политичкиот противник – објаснува Петковска.

Експертот за медиуми смета дека во време на изборни кампањи, овој тренд е присутен дури и во развиените земји, каде што властите, демократската јавност и компетентните институции преземаат мерки за справување со ширењето лажни вести.
– Деновиве и Европската комисија најави дека планира да преземе конкретни чекори за законски да се обиде да го адресира овој проблем. Сепак, многу поважно и подобро е граѓаните да бидат повнимателни со информациите во медиумите што ги следат, особено на Интернет, отколку да се создаваат т.н. министерства за вистината, кои ќе одредуваат што е вистина, а што не е – подвлекува Петковска.

Таа заклучува дека сето тоа може да се поттикне преку зајакнување на медиумската писменост, односно преку зголемување на способноста на граѓаните за пристап, разбирање, анализа, критичка оцена на различни медиуми и медиумски содржини, како и за создавање комуникациски содржини во различни контексти. Токму образованието и медиумската писменост учат како да се развијат вештините за критичко размислување, да се препознаат медиумите кога лажат, заведуваат, манипулираат со информации, спинуваат, кријат информации… А поради тоа, за жал, нашата земја, според истражувањето за образованието во контекст на медиумската неписменост, е на врвот на листата…