А да го заштитиме како бренд „македонскиот стил“ на пукање?!

3048

По обидот за узурпирање од Мицотакис на сѐ што е со поимот „македонско“

Терминот пукање во македонски стил првпат може да се сретне во весниците во 1934 година, кога во Марсеј бил застрелан југословенскиот крал Александар Први Караѓорѓевиќ. Во средината на 30-тите години на 20 век, агентите на Федералното биро на Соединетите Американски Држави и агентите на Скотланд Јард во Велика Британија биле обучувани да стрелаат во „македонски стил“. Во 1942 година, овој стил го користеле и советските воени контраразузнавачи, а по Втората светска војна изразот почнал да се користи во целиот свет. Александар Солоник, најпознатиот руски платен убиец во 90-тите години на 20 век, го доби прекарот Македонецот поради способноста да пука со обете раце. Меѓутоа, таквото едновремено стрелање од револвери или од пиштоли е „изум“ токму на Македонците, кои верувале во ефикасноста на милитантните радикални мерки како пат по кој ќе дојдат до своја независна, суверена држава

Македонија е библиска земја. Многу луѓе, безброј патишта и настани поминале и се вкрстиле на ова поднебје. Жителите што живееле на оваа територија, а и намерниците што привремено престојувале, оставале неизбришлив траг и докази за сето она што се случувало тука низ историјата. За голем дел од тоа има и историски докази, артефакти, за дел од тоа сѐ уште нема. За среќа, името Македонија и придавката „македонски“ се задржале до денес, но, за жал, секогаш постоеле амбиции на посилните да го монополизираат тоа. Нешто слично се случува и сега, со проектот на грчкиот премиер „Македонија голема земја“ со наметнувањето јавна перцепција за грчкиот карактер на сѐ што влегува под поимот „Македонија“.
И додека Владата ја подготвува реакцијата на оваа најнова грчка провокација со која е прекршен Преспанскиот договор, експертите историчари се јавија во редакцијата алегорично потсетувајќи на низа други примери каде што придавката „македонски“ во светски рамки е веќе одомаќена, како одредница за нештата или настаните што потекнуваат од Македонија и како такви се препознавани. Експертите се јавија „отфрлајќи ги тенденциите за неоасимилација и неонационализација“.

Поимот „македонско“ значи зачеток, потекло, настанување на нештата токму одовде

За најинтересен феномен што е со македонско потекло, историчарите го издвојуваат феноменот „македонско пукање“ од револвер или од пиштол. Забелешката од наша страна е дека овој напис воопшто нема цел да промовира радикализам или милитантен екстремизам. Напротив, преку една принципиелна забелешка да обрне внимание токму на принципиелно почитување, меѓусебно уважување на нештата (феномени), кои имаат различно потекло, настанување, зачеток и дека мегаломанските присвојувања на сѐ и сешто со придавката „македонско“ од страна на јужниот сосед е само аргумент против Преспанскиот договор, против добрососедството и против декларациите со кои се расфрлаат за местото на нашата земја во ЕУ. Но да се вратиме на првобитната идеја за феноменот „македонско пукање“. Имено, во периодот од крајот на 20-тите и почетокот на 30-тите години на 20 век, ВМРО и неговите атентатори станаа злогласни низ цела Европа и го усовршија „македонскиот стил“ на пукање со два револвера или пиштоли. Под македонско пукање или стрелба се подразбира кога ќе се извлечат два револвера, по еден во секоја рака, ќе се подадат рацете напред и палците ќе се допрат еден со друг. Пукањето може да биде во две варијанти, во првата е наизменично, а во втората е со повлекување на чкрапалото на двата пиштола во исто време.

Од денешен аспект, кога соседите на Македонија настојуваат да приграбат сѐ што има обележје дека е македонско, се запрашуваме дали ни остана само уште феноменот на македонско пукање, како артефакт на македонското постоење. Додека сѐ уште не им текнало и тоа да ни го земат?!

„Изумот“ на Македонците што го признава светот

Терминот пукање во македонски стил првпат може да се сретне во весниците во 1934 година, кога во Марсеј бил застрелан југословенскиот крал Александар Први Караѓорѓевиќ. Во средината на 30-тите години на 20 век, агентите на Федералното биро на Соединетите Американски Држави и агентите на Скотланд Јард во Велика Британија биле обучувани да стрелаат во „македонски стил“. Во 1942 година, овој стил го користеле и советските воени контраразузнавачи, а по Втората светска војна изразот почнал да се користи во целиот свет. Александар Солоник, најпознатиот руски платен убиец во 90-тите години на 20 век, го доби прекарот Македонецот поради способноста да пука со обете раце. Меѓутоа, тоа е изум токму на Македонците, кои верувале во ефикасноста на милитантните радикални мерки како пат по кој ќе дојдат до своја независна, суверена држава. Во книгата „Комитаџии или тероризмот на Балканот“ е опишано како Македонците достигнале совршенство во пукањето со два револвера. Поаѓајќи од историски извори, во книгата се опишува како македонското стрелање било употребувано од т.н. комитаџии.

Кои се македонските комитаџии?

Под терминот „комитаџија“ во Европа се подразбирало македонски одметник или ајдук во пејоративно толкување на овој збор. Турците, Србите, Грците и Бугарите, под комитаџија подразбирале Македонец или „македонствујушт“ – оној што се бори за Македонија, меѓутоа треба да се прави разграничување помеѓу македонските револуционери од илинденскиот период и комитаџиите на ВМРО од крајот на 20-тите и почетокот на 30-тите години на 20 век. Алберт Лондр на следниот начин ги опишува комитаџиите: „Сите на главите имаат качкети, а облечени се во кожени палта и панталони со објала од шајак. Во левото ќоше на устата им виси цигара, која самата од себе се пуши.“ Во Софија, Лондр честопати ги сретнувал и во текот на една од своите прошетки го забележал следниот настан: „Тој го извади часовникот и почна да ме успокојува, велејќи дека сме стигнале прерано. И почнавме да шетаме горе-долу. Мојот другар ми соопшти: – На Балканот револверите пукаат во секоја доба на денот. Но, она што се случува во Бугарија последниве години, тоа никогаш не било. Застанете и погледнете го оној шетач! Човекот ни доаѓаше во пресрет. Зад него, на пет чекори, одеше еден човек со качкет и со рацете во џебовите. Неговите очи ѕвереа на сите страни. Кога нѐ одминаа, се свртевме по нив. Но човекот со качкетот веќе беше свртен кон нас и добро нѐ разгледа, а потоа продолжи понатаму. – На тие луѓе доволен им е еден поглед. Во тоа се вистински специјалисти. – Кој е тој господин? Не знам. – А да му се нафрлев, што ќе стореше неговиот придружник? – Ќе ги извлечеше револверите. – Зар има неколку? – Во секоја рака по еден, како и секој друг ваков придружник.“


Борис Сарафов и Иван Гарванов беа убиени во „македонски стил“

Класичен пример за ликвидација во „македонски стил“ е убиството на Борис Сарафов и Иван Гарванов. Вечерта на 28 ноември 1907 година, Борис Сарафов, еден од водачите на десницата во македонското револуционерно движење, ја привршувал вечерата во својот дом во кругот на најблиското семејство. Набргу потоа пристигнал Иван Гарванов, исто така еден од водачите на споменатата десница, а малку подоцна пристигнал и Тодор Паница вооружен со два руски револвери „нагант“. Паница бил понуден со чаша вино и мезе, но одбил. Паница бил изненаден кога дознал дека нема да пристигне и Христо Матов. Сарафов и неговите двајца гости заминале во друга просторија. Разговорот помеѓу нив се водел тивко и спокојно, без повишување на тонот, како помеѓу луѓе што се разбираат.
Кон 23 часот, Паница станал за да си замине, а Сарафов и Гарванов тргнале да го испратат. Кога пристигнале на главната врата, Паница се завртел и проговорил: „Уште едно прашање“ и во истиот момент се слушнале два истрела. Веднаш потоа биле пронајдени телата на Сарафов и на Гарванов, кои биле застрелани со по еден смртоносен истрел. Сарафов паднал, потпрен на левиот ѕид, со спуштена глава, со раширени нозе и раце. Иван Гарванов бил паднат на грбот, со главата легната на десната нога на Сарафов, испружен во ходникот со раширени нозе кон внатрешноста. Под труповите и наоколу големи локви крв продолжувале да течат. Борис Сарафов и Иван Гарванов биле ликвидирани по наредба на Јане Сандански поради нивните врски со бугарската влада и стремежот за насилно преземање на Внатрешната организација.


Извадок од книгата „Комитаџии или тероризмот на Балканот“

…Човекот беше адвокат и си одеше по својата работа. Млад, здрав и оптимистичен… низ градските улици често одеше без телохранителот, верувајќи во својата среќна ѕвезда. Но еден ден, кога стигна до петтиот столб со плинска светилка во таа улица, наеднаш сфати каде го одведе неговата смелост: кон него почнаа да „фрчат револверски куршуми.“ Онака ранет, ја помина улицата и, тетеравејќи се, се пикна во еден дуќан, мислејќи дека е спасен. Но убијците и не помислија да ја испуштат жртвата од раце. Влегоа насила и… гордоста и славата на адвокатската комора на својата земја, падна меѓу сандакот со сливи и садот со меласа, „издупчен од четириесет куршуми.“ Читателот би можел да помисли дека станува збор за сцена од холивудски филм кој раскажува за ерата на Ал Капоне во Чикаго, меѓутоа станува збор за вистински настан во главниот град на Бугарија во почетокот на 30-тите година на 20 век опишан од францускиот новинар Албер Лондр.
Лондр всушност го пишува за убиството на Јордан Ѓурков, тогашен член на ЦК на ВМРО и еден од главните приврзаници на Иван (Ванчо) Михајлов. Во периодот од две години и осум месеци, Ѓурков бил 193 жртва во судирот помеѓу „михајловистите“ и „протогеровистите“ кои се бореле за превласт во ВМРО. Но, ова не биле единствените убиства. До почетокот на 30-тите години на 20 век, во Бугарија беа извршени околу 20.000 убиства, од нив на сметката на ВМРО отпаѓаат околу 4.200 убиства. Меѓу убиените биле Ѓорче Петров, Александар Димитров – бугарски министер за внатрешни работи, Александар Стамболиски – бугарски премиер, Рајко Даскалов – бугарски министер, Тодор Александров – член на ЦК на ВМРО, Алеко Василев (Пашата), Патар Чаулев – член на ЦК на ВМРО, Стојан Мишев – таткото на поранешната прва дама Нада Глигорова, Тодор Паница – приврзаник на Јане Сандански, Велимир Прелиќ – српски полициски началник во Скопје, Александар Протогеров – член на ЦК на ВМРО, Георги Баждаров, Наум Томалевски и многу други, но најпознат е Марсејскиот атентат кога е убиен југословенскиот крал Александар Први Караѓорѓевиќ од страна на Величко Димитров Керин, познат како Владо Черноземски.

Подготвил: Далибор Станковиќ